Saturday, 19 August 2017

Дали сте ЧУЛЕ? (Интервју со Борис Чулев)

Здраво живо Чуле. Ти благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надеваме дека ќе успееме да ја претставиме сликата за твоето делување во македонската јавност на начин преку кој што искрените пораки ќе стигнат до различните генерации кои што ја читаат ЛОЗА. Твојот прв албум – Дали сте ЧУЛЕ? излезе неодамна и предизвика голем интерес во нашето општество, што е потврдено и со гледаноста на видеата на YouTube.

ДАЛИ СТЕ ЧУЛЕ

 Да започнеме:

Кој е Борис Чулев, каде се едуцирал, и на какви начини има заработувано до сега?

Завршив општа гимназија – „Панче Арсовски“ во Скопје а дипломирав на УКИМ на Филозофскиот факултет. Заработував и сеуште го правам тоа на секакви начини, физички работник (копање, носење мебел, чистење на шут и отпад), бармен (но само на евенти – праам одлични коктели), музички селектор по скопските кафичи, веб администратор во националниот сервис МРТ, фоторепортер и графичка обработка во два македонски пишани медиуми, давав „нешта“ на „некои“ што ми ги дал „некој“ (со луѓе од секаков профил – од безделничари до актуелни политичари).

Од кога пишуваш, дали пишуваш и проза, и што те инспирираше да започнеш?

Пишувам откако знам за себе, почнав со проза, првите инспирации беа од караниците на моите дома па се до убавите моменти, сакав да знам дали можам да напишам било што на било која тема. Рап стихови почнав да пишувам пред повеќе од десет години. Инспирација е моето гледање на работите и случувањата, пишувам за сè што гледам и слушам и се трудам тоа да е прифатливо за сите.

Чуле гледа на далеку

Кое е твоето мислење за ситуацијата во која се наоѓа македонската младина, и дали гледаш можност големиот број на алтернативни уметници да повлијае на широките народни маси во борбата за подобра иднина?

Македонската младина се наоѓа во ќорсокак. Полошо било само за време меѓу двете светски војни. Сите го знаеме тоа. Виновни сме бидејки сме тивки но тоа ни е пренесено од нашите родители кои исто така молчеа кога транзицијата на Црвенковски остави 300 000 луѓе на улица со по 3-4 члена во своите семејства, рачунај, над милион гладни во Македонија а они не излегоа да го срушат тој је.ен систем. Јас тогаш имав 7 години, неможев.

На какво мнение си за трагикомичната ситуација на нашата политичка сцена и за претставниците на нивните подмладоци?

ВМРО ДПМНЕ се занесуе исто ко СДСМ во деведесетите. Мислат дека се семоќни. Така и Рим мислеше па после не мислеше. СДСМ нема идеа ни програма па пробува да ги бутне овие со олдскул методи, бидејки Заев сака да ја свиткаме кичмата и да дадеме Име и све. Уствари, тоа олигарсите ќе го направат доколку падне оваа влада. Од друга страна пак овие, систематски, полека, никој да не дознае, легално, матер и е.аа на земјава. ДПМНЕ направија одлични работи за земјава додека другиве една шајка не удрија, но тоа не го мења фактот дека понудата од 10 000 денари плата е зацементирана.

Чуле со возилото на дел од фановите

Како ги гледаш огромниот број на веб-сајтови и македонски медиуми кои влијаат врз јавното мислење?

Вебсајтови нема, има блогови и портали. Нив ги занима трач. Особено оние од српската естрада. Просторот за промоција на домашната културна продукција е минимален. Политиката е во прв план, луѓето не се среќни. Ноќниот живот е тапа низ целава Република. Трагично е што нема баланс, има две етикети – сина и црвена. Но тоа им одговара на медиумите а и на поединците, имаат потреба да припаѓаат „некаде“ во недостиг на личен идентитет.

Чуле

Каде се гледаш во иднина, и дали би основал семејство во Македонија или во некоја друга држава?

Мислам дека семејство не би основал никаде во светов. Светов стана лудо место за живеење. Нема љубов, нема почит, никој не превзема ни лична ни колектива одговорност, сите к.р ги боли какви би биле последиците. Во иднина се гледам на некоја планина, изолиран, или со моите најблиски или во мини комуна, независна од системот, со сопствени ресурси и одбрани луѓе.

Со оглед на тоа што низ твоите текстови се провлекуваат информации за различни видови на пороци, си земам за право да те прашам – дали сметаш дека канабисот, или конопот – според нашите стари, треба да се декриминализира или ограничи за медицинска употреба?

Канабисот треба да се легализира под итно. За секаква употреба. Треба да се забранат цигарите и шкарт алкохолите. До пред 150 години западната медицина своите медикаменти ги произведувала на база на две растенија, коноп и афион. Одеднаш, станавме 7 милијарди луѓе на земјава, на банкарите сме им премногу, па ја измислија кемотерапијата и антидепресантите забранувајки ги овие две растенија со пропаганда дека се тешки наркотици, штетни за човекот.

https://38.media.tumblr.com/a4c08b88448846d40c0066a443fd11dd/tumblr_ntn66j6gCN1uw2xn7o1_500.gif

Кои македонски артисти имаат повлијаено врз твојата истрајност за конечното издавање на првиот албум?

Го направив ова за себе. Не сакам да дочекам син ми, после 15 години да ви рече: „тато у твое време бил ептен познат тој Тони Зен, добар е го слушам.“ Ако се откажев, ќе немав право да му кажам дека татко му бил еден од најреалните македонски урбани поети. Инспирација црпев од Пикисипи и Смилен, Блажеј, Џака, Слаткар, браќата од „Пука“…

На албумот можат да се слушнат соработки со повеќе музичари, со кого би сакал да соработуваш во иднина?

Со горенаведените, со Смат, Мизар, Лоши Деца, Конкуеринг Лајон од Тетово, но и некои добри балкански артисти како Фил Тилен, Реми од Елементал, Бобо од Бугарија, Едо Царот Мајка, Скај Виклер. Би снимал и со Есма, чисто да се осетам ко крал 🙂

Што би им порачал на нашите читатели, а што на најмладите кои ги слушаат твоите песни?

Повеќе хумор, шеги и вицови. Тоа води до љубов. Повеќе разбирање и почит према себе, па према околината. Верувам дека можеме да го вратиме стариот систем на вредности, но треба колективна одговорност. Од Бездомник од Премиер.

Чуле вендета

Во каква Македонија би сакал да живееш по десет години?

Земја со 20 посто увоз на производи а 80 посто домашно производство. Еко производи, алтернативни извори на електрична енергија и враќање на стоковата размена, како на времето. Само така парите ќе станат само хартија, всушност никогаш не биле ништо повеќе, но испран ни бил мозокот. Македонија е преубава земја со најтоплиот народ и најубавите жени. Само со цврста економија и полна трпеза ќе го кренеме духот за кој со векови, цели генерации се бореле да го одржат за ние сеа да го усе.еме во рок од 25 години. Не нè бивало како народ, велат. Мене не ме ставајте во тој кош, мене ме бива и можам и знам дека Македонија е полна со истомисленици.

прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2015

Преслушајте го албумот на YouTube каналот на B+production (клик)

Би можело да Ве интересира – текстови од Борис Чулев на ЛОЗА (клик)

Чуле во медиумите:

Бла Бла ТВ – Вју со Чуле

Утрински весник – Препознајте се во нашата самоиронија

Дневник – Храбро рецитирам за проблемите, но пишувам и за убавите моменти

Зеница – Интервју со Чуле