Monday, 23 October 2017

Ако ја укинат слободната љубов… (Интервју со Бранко од Фолтин)

Здраво живо г-ине Николов. Ви благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека ќе успееме да го претставиме Вашето делување на начин кој што ќе ги пренесе пораките до различните генерации кои што ја читаат ЛОЗА, а и до љубителите на музиката на Фолтин.

Pijan Slavej
Фолтин постои веќе две децении, што Ве предизвика да започнете?

Почетоците се така нејасни. Нешто однатре те предизвикува. Но, кога е човек млад тоа се случува многу често. Секој има илјада почетоци ама само неколку остануваат и се вистински животни определби. Тоа е прашање на судбина. Никогаш не размислувам како се најдовме и како сме се’ уште заедно. Важно е дека е убаво и дека има повторно и повторно нови мали почетоци. Сите ние имаме некаква своја мисија во животот. Ние како група, освен приватните, имаме уште една, заедничка. Групата е колективно битие, со тело, срце и душа. Секакви луѓе можат да бидат заедно на кратко ама две децении можат само оние со многу љубов за она што тие заедно претставуваат.

Кои артисти имаат повлијаено на Вашиот музички пристап и со кого би сакале да соработувате во иднина?

Е на ова прашање ќе мора сите Фолтинци да ви одговараат поеднинечно. Можеби ќе звучи чудно, но кај нас ретко се случува да слушаме иста музика. Секој е во свој филм. Па затоа и така звучиме – шарено. Еве, ако зборувам за себе, залудно би се намачил да издвојам неколку имиња. Ги има толку многу. А сега на овие години се’ поретко се изненадувам и восхитувам, но еве, би можел да го стеснам кругот на оние што деновиве ги слушам и ме растреперуваат. Fela Kuti, неговиот албум Zombie, и посебно Шопен. Првиот ја задоволува мојата отворена страст, а вториот нежноста и меланхолијата. Во последно време сум убеден дека ако Фредерик беше наш современик јас ќе бев еден од неговите најдосадни фанови :)))

Јавноста знае дека имате настапувано во многу различни земји, би сакале ли да ни посочите некоја специфична случка од Вашите концерти?

Па јас би рекол, секој наш настап е посебна случка. А она што е вредно за кажување, сепак, треба да се доживее. Навистина не знам како би го пренел тоа со зборови.

Foltin

Дали човечкото срце има определен такт на чукање, со кој би можело да вибрира на наjчиста фрекфенција?

Хаха… интересно прашање за еден музички кардиолог:))) Срцето нормално чука меѓу 60 и 100 bpm, но кога е смирено, а кога зборуваме за уметност тогаш би требало да зборуваме за возбудено, тахикардично срце. Еве ние, цел еден албум посветивме на таа тема. Таму песните ги насловивме според бипиемажата, секако, асоцирајќи на онаа на срцето. Деновиве видов една најава за филм, каде диџејот објаснуваше дека темпото треба да се крене до совршените 128. Тоа е нашата популарно наречена “Од љубовта треба да се пазиме”. Сепак, некогаш срцето може да забрза повеќе на спора и да успори на брза песна. А ако е од љубов и страст, тогаш нека брза.

Пијаниот Славеј повторно ги израдува фановите на Фолтин, што планирате за во иднина?

Тоа баш не’ израдува. Луѓето супер реагираат, и тука и надвор. А за понатаму, истото како и до сега. Не би менувале многу.

Пијан Славеј

Кое е Вашето мнение за трагикомичната политичка ситуација во Република Македонија?

Ништо од тоа не е на арно. Луѓето треба помалку да кокодакаат и повеќе да се интересираат за она што навистина се случува. Летото ги смири страстите, но проблемите остануваат. Се плашам дека тешки искушенија се допрва пред нас.

Младите луѓе се среќни на концертите на Фолтин, дали сметате дека се среќни и во секојдневието?

Па некои се среќни, а некои несреќни. Не можеме да им замериме на тие што се среќни. Треба да се радуваме за нив. Но во исто време, многу е важно да ги начулиме ушите и да ги сослушаме несреќните.

Со оглед на тоа што сите сме соочени со опасните болести на новото време и лошите лекови за ублажување на истите, си земам за право да Ве прашам – дали сметате дека канабисот, или конопот – според нашите стари, треба да се декриминализира или ограничи за медицинска употреба?

Прво, морам да кажам дека не сум стручен на темата, а овде станува збор за едно доста сензитивно и комплексно прашање. А, во принцип, мојот став е дека треба сериозно да се разговара и да се следат туѓите искуства. Голем број од балканските земји забрзано го менуваат ставот. А кај нас, секако дека треба да се забрза процесот на обелоденување на корисните својства, и да се отфрли стигмата. И повторно, барем што се однесува до медицинската употреба, соодветните институции молчат, а луѓето се снаоѓаат кој како знае и може.

foltin macedonia

Во каква Македонија би сакале да живеете по 10 години?

Ауууу, јас сакам да живеам во обезграничена Македонија. Би бил среќен ако еден убав ден, без никаква иронија, кажам дека сум граѓанин на Светот.

Што би порачале на читателите, а што на слушателите на музиката на Фолтин?

Истото. Без разлика. Би им пеел од срце.

Бранко Фолтин

Прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2015

претходно – Македонска музика на ЛОЗА / ФОЛТИН (клик)

фото – Фан страна на Фолтин на FB (клик)