Wednesday, 22 November 2017

Тајните корени на масонеријата во Македонија

Историјатот (во најшироката смисла на зборот) на македонската масонерија ја споделува глобалната судбина на светската масонерија – постојано наликува на сон, на треперење на човековата фантазија меѓу историските факти и мистификацијата. Како и врз примерот на највидливите светски струи и движења на масонеријата, и кај нас во Македонија прилично тешко се разликува границата на која историјата поминува во мит. Со самото тоа што Македонија има библиски сертификат, со самото тоа што апостол Павле се поврзува со патешествие низ земјата на Македонците, севкупниот библиски митски изворник на масонеријата се става во погон – ако првите масони, според извесни митолошки ориентирани масонолози биле првите библиски јунаци, тогаш е неверојатно зрното на масонеријата да не било посеано и во една библиска земја, уште од најраните прапочетоци.

Колку за засилување на мистериите и интригантноста – на патот Кичево – Битола, од левата страна, се двои пат кој води до манастирската црква Света Богородица. Ретко кој се решава да скршне од патот и да се искачи во планината, за да го посети храмот (инаку изграден од беспрекорно изделкани и полирани бели камења, за кои и најстарите жители велат дека не се од тука и се носени од далеку!) Оние кои биле таму, веројатно знаат – на фрескописот на црквата фрапантно делуваат украсите кои им се придодадени на апостолите – тоа се ексклузивните масонски симболи, меѓу кои, како што е познато, аголникот, шестарот, пламената ѕвезда или севидливото око сместено во пирамида се доминантни на површината на фреските!

И не само таму – масонски симболи има расеано насекаде по територијата на Македонија (најмногу кај храмовите, кои биле природно собиралиште за масонеријата поради преданоста кон Врховниот принцип – Бог, но и поради уметноста на ѕидањето величествени, божји градби). За таквата појава постојат низа целосно реални објаснувања – невозможно е во една земја на мајстори-ѕидари кои го подигнале Балканот во архитектонско-градежна смисла, земја на ѕидарски тајфи (особено во западниот, мијачки дел), фрескосликари (живописци) и копаничари кои биле славни на целиот Полуостров (сето тоа се геометриски, архитектонски занаети), да немало жива врска, најпрвин со физичката масонерија (делкање камен и каменорезништво), а потем и со спекулативната, метафизичка масонерија.

Овие живи претпоставки на македонската фантазија имаат една заедничка точка, подеднакво се вистинити колку и лажни, додека не се докаже едно од двете. Можно е таа мистика да се прошири и до првите европски векови по ренесансата, па дури и до средниот век, за да се сврзе со таканареченото богомилско движење (теза храбра и, нагласуваме – неиспитана). Кои всушност биле тие еретици што биле првите дисиденти од црквата, кои биле тие богомили кои гледале пореално на светот, тврдејќи дека во него има и огромно количество зло несвојствено за Бога? Кои биле тие отпадници од верата што биле ѓаволски службеници (зарем денес неупатените не го говорат истото за масоните?), но кои, парадоксално, не го негирале постоењето на Бога, туку само укажувале и на злото за кое барале објаснение и лек?!

Дури и да не е точна, таа теза стои како предизвик пред светските и македонските масонолози, со оглед на тоа дека богомилството поникнало среде Балканот, во добар дел токму на теренот на денешна Македонија!

Она севидливо око од црквата Света Богородица – Кичевско гледа немо и ден денешен во нас, без да ни ја соопшти тајната на корените на македонската масонерија. За тоа допрва ќе се пишуваат книги и ќе се прават истражувања. Можно е и во овој случак, случајот со масоните, Македонија да се појави како непресушна ризница, исто како што се појави како уникатен светски археолошки резерват!

(продолжува – Будното севидливо око и древното братство)