Monday, 26 June 2017

Сè е послатко кога се прави со љубов и верба (Интервју со Кристина Ласовска)

Здраво живо г-ѓице Ласовска. Ти благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека ќе ја претставиме сликата за тебе како млада македонска актерка на начин кој што ќе допре до различните генерации кои што ја читаат оваа страница, а и ќе ги инспирира помладите.

Kristina Lasovska (5)

По потекло си од градот на Свети Никола. Како започна со глума, и што те предизвика да се запишеш на Факултетот за драмски уметности?

Љубопитноста да истражувам во област на уметноста ја препознав како повик од мали години. Најпрво тоа беа музиката и танцот, театарот дојде малку подоцна кога реално започнав да се занимавам со него како аматер во мојот роден град. Потоа само си го следев срцето, тоа е како кога ќе се заљубиш, после извесно време забораваш и на причините, едноставно го живееш она што најмногу те исполнува.

Kristina Lasovska (2)

Дали си задоволна од стекнатото образование во Скопје?

Сеуште не можам да го наречам само образование. ФДУ за мене беше многу повеќе. Нашата професија е многу специфична, самата таа ти станува начин на живот, а луѓето со кои ја живееш фамилија. Мојата фамилија во тие 4 години броеше 12 членови. Вредностите и занаетот кои ни ги пренесоа едни од најголемите педагози и мајстори во земјава и пошироко (овде се разбира спаѓаат сите професори, режисери и колеги со кои имав чест да соработувам за време на студиите), не’ насочија секој на свој начин да го пронајде својот вистински пат во оваа професија, во која лесно може да се скршне. Аналогно на тоа – да, задоволна сум што безрезервно ја живеевме магијата, што подоцна во реалноста често добива искривена слика. Но, и тоа е дел од животот и процес на созревање. Ние како големи сонувачи го негуваме детето во себе и постојано учиме. Академијата е само подготовка на животната школа во театарот, па и надвор од него. Излегуваш со одредени параметри и вредности кои не секогаш ти даваат гаранција за успех, но како што кажав потрагата за вистината (тоа е првичната задача на театарот) и начинот како да се стигне до неа е вечна.

Kristina Lasovska (3)

Веќе неколку години активно учествуваш во претставите на Театар Комедија. Дали имаш работено и на други проекти, и ако да – на кои?

Веднаш после дипломирањето се вработив во Театар Комедија, помина скоро 3 години. Во тоа време надвор од институцијата работев една претстава во Драмскиот Театар – “ Вртелешка” – и “ Вејка на ветрот”, исто така во Драмски Театар во копродукција со Театар Фабрика. За време на студиите бев дел од “Троил и Кресида”- МНТ, “Вишнова градина” – МНТ, “ Досие Стриндберг”- Театарот во Струмица и “Роберто Зуко”- приватен проект .

Kristina Lasovska

Кое е твоето мислење за ситуацијата во која што се наоѓа македонската младина?

Најчесто ми паѓа жал. Брзиот развој на технологијата и можноста за нејзино непродуктивно злоупотребување донесе до губење на свесноста, занемарување на основните потреби од природно потекло, вклучувајки ја и самата природа. Појавата на лажни вредности во име на вистинските мислам стигнаа до степен на непоправливост. Многу се измешани работите денес, но за жал не мислам дека само Македонската младина има проблеми. За неа веројатно можеме да зборуваме, бидејќи ни е најблиска, но суровите рамки на капитализамот зафаќаат светско ниво. Е сег,а за таа поширока тема ќе ни треба уште едно интервју, а искрено и не ми е дна од омилените за кои сакам да говорам, едноставно ми предизвикува мачнина. А младина ко младина, секоја со своите проблеми и потреби за решавање на истите. За мене е неприфатливо да биде поважно кој колку има во џебот отколку во душата. Мене ме радува тоа што овие со душиве не се во изумирање, напротив – независно од времето и системите, тие си се души. А тоа значи – вечност.

Kristina Lasovska (1)

Дали би основала семејство во Македонија или во странство?

Би основала семејсто во многу љубов. Од такво и доаѓам. Ова другово е помалку важно.

Се враќаш ли во родниот град, и дали му требаат повеќе културни активности?

Се враќам секогаш кога времето ми го дозволува тоа, што не е многу често. Се разбира дека недостигаат повеќе културни настани во помалите места. Јас имам оставено некој мал придонес во средношколските денови, а и подоцна, секогаш кога ме повикале. Минатата година Тетар Комедија гостуваше во Свети Николе, се разбира би сакала да се повтори тоа. Во 2011 година бев дел од Културна Метаморфоза, имавме поетски читања и музички изведби од мои колеги, другари и соработници, од таму чувам убави спомени и сметам дека такви случувања треба да има се’ почесто. Но, недостатокот на културните настани во Свети Николе не е само административен проблем, она што мене повеќе ме плаши е летаргијата на тамошната младина. За да се организира една културна манифестација не се секогаш пресудни парите, што ни го има покажано и искуството. Колку и да звучи клише, работите се најслатки кога се прават со љубов и верба. Е овие две работи повеќе недостигаат.

Kristina Lasovska (4)

Имавте повеќе патувања на фестивали во други држави. Што научи од посетите и соработките со лица од театрите во другите земји?

Од досегашните гостувања можам да забележам дека кога доаѓа театар од Македонија, тоа нешто значи. Барем до сега од гостувањата во Канада, Хрватска, Албанија, Црна Гора, Турција и други земји, носиме убави спомени, нови луѓе, продуктивни дружби, контакти и соработки кои придонесоа доста во создавањето на Театар Комедија, кој и понатаму продолжува да работи со отворени врати. Секоја соработка со друга држава значи поинаков пристап, јазик, форма, а како што веќе кажав – ние вечно учиме, така што една обична средба може да отвори цели светови.

Kristina Lasovska 1

Кои актери и актерки имаат повлијаено врз твојата глума?

Не верувам во идоли. Идеализирањето многу често може да носи до ограниченост. Јас постојано истражувам и најчесто интуитивно доаѓам до вистинското решение и со многу работа потоа и до негово реализирање. Нема правила или секој си има свои. Јас моите многу често не можам да ги опишам, но ги чувствувам. Се разбира ја почитувам работата на доста од моите колеги, но би ја издвоила соработката со Никола Ристановски, кој и тоа како има што да пренесе како уметник и како човек. А големината на овие две работи често одат заедно.

Kristina Lasovska 2

На какво мнение си за моменталната трагикомична ситуација во која што се наоѓа нашата држава?

Трагикомична е вистинскиот збор, често префла накај комедијата, само стравувам дека трагедија допрва доаѓа. Мислам дека државата се наоѓа пред големи предизвици и одлуки, а народот мора да биде мудар. Е сега, многу често на крајот од денот си свесен дека реално неколку луѓе владеат со светот и ја поставуваат апсурдноста на живеењето врбувајки го народот со своето “богатство’- до степен на робување –  за парче хартија. Можеби ова парче хартија звучи радикално, но за мене тоа навистина нема вредност само по себе, луѓето го прават вредно дури и повеќе одошто реално е и од тоа што реално им треба. Е тука ме фаќа инает и ми се живее повеќе од било кога. И живеам, ама на мој начин, само така знам. Одговорот на ова прашање ми прави да се чувствувам лицемерно, бидејќи цврсто сметам дека уметникот треба да ги кажува своите ставови само преку своето дело и никако поинаку, но бидејќи не често имам прилика за тоа, ова веројатно ми се простува.

Kristina Lasovska 3

Со оглед на тоа што сите сме соочени со опасните болести на новото време и лошите лекови за ублажување на истите, си земам за право да те прашам – дали сметаш дека канабисот, или конопот – според нашите стари, треба да се декриминализира или ограничи за медицинска употреба?

Кога е во прашање човечки живот не постојат правила. А би требало да постојат, барем оние кои ги знаеме како вистински. Конопот од многу одамна веќе не е табу и мислам дека дегутантно е веќе прашањето за медицинската употреба. Бидејќи лично сеуште не сум имала потреба од тоа, фала му на Бога, предлагам да се пушти во медицинска употреба, па ако донесе последици нека го укинат пак. А сеуште нема забележани посериозни последици од неговата употреба, нити пак смртен случај. За разлика од хемотерапиите… Оваа тема посебно ме погодува бидејќи Свети Николе упорно е еден од градовите со најголем број на заболени од рак по жител, и смртни случаи од оваа опасна болест. Исто е небулозно да му продаваш на човек нешто што му го дала природата, но и оваа тема е многу широка, а сеуште не е доволно освестена, барем кај нас.

Kristina Lasovska 4
Во каква Македонија би сакала да живееш по 10 години?

Во посреќна и НЕЗАВИСНА.

Што би им порачала на читателите?

Да се живи и здрави, доследни на себе си, и да ни дојдат во театар! 🙂

Kristina Lasovska 66

Прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2015

фото – Театар Комедија & лична архива