Thursday, 20 October 3555

Паралели

Еден од тие аспекти што недостига кај огромен дел од таканаречените политички стручњаци и што од нив прави вистински фахидиоти, е ноторното непознавање на многуте значајни гранки на науката, почнувајќи од историјата, како „наука над науките“, потоа геостратегијата, економијата и, посебно, психологијата. Но тоа што најмногу им недостига на фахидиотите, без оглед на тоа колку се минуциозни и ерудитивни во нивните области на експертиза, е историјата на уметноста и, конечно, самата уметност, која го има единствениот капацитет да ги инкорпорира сите можни науки во себеси, сите можни емоции и фантазии и на тој начин станува историја на вкупните човекови искуства.

Без доволно широката разгранетост на когнитивните механизми, овие современи схоластици, овие антропоморфни преживари, при нивното елаборирање на спектакуларните експертизи, најчесто и програмирано од Големиот брат, не само што не кажуваат ништо ново и само го преџвакуваат веќе чуеното до состојба на неподнослива баналоност, туку и го силуваат нашето достоинство и принципиелност, стануваат еден вид крвопијци, шмукачи на човечката ментална енергија и пијавици, кои по силата на нивната животинска упорност продираат во етерот и левитираат низ информативните мрежи како некакви вампири, алчни за крв, стрвни за рекогниција и интеракција, низ која ќе бидат секогаш во ќар.

Ваквата ароганција што создава гротескни, напати дури и болни импресии, го затапува денешното јавно мнение насекаде во светот. Но стручњаците се множат како габи по дожд, што недвојбено упатува на констатацијата дека нивниот пазар е во подем, дека се работи за профитабилен бизнис и дека тие се на цена.

Ова и не ме чуди премногу, ако тргнеме од сознанието дека во човека има една силна инертна сила, тежнение кон илузорни состојби, кон стагнација и непостоење.

Тоа е човековата ужасна потреба од спиење и од сонување.

Но понекогаш спиењето, а посебно сонувањето кошмарни сништа, го втерува човека во страшна паника и единствен излез во таквата ситуација е будењето, без оглед на тоа колку и да е мизерна и депресивна реалноста во која ќе се разбуди.

Сакам да го цитирам Хермес Трисмегист, авторот на „Корпус херметикум“, најмудриот од мудрите, кој вели – „Како горе, така долу“. А ова, несомнено, се однесува на самата реалност, која е интегрална, а нејзината инфлуенција е присутна насекаде во сите материјални и когнитивни димензии, во сите стварности и фантазии, во сите конкретни и апстрактни нешта, во самиот бескрај, конечно.

Затоа, да не ја потценуваме реалноста и да не му се предаваме на илузионизмот на лесните решенија и јасните слики.

Реалноста е непредвидлива за тие што не успеале да влезат во пантеонот на мудроста, за тие што со својата непоколебливост и верба не успеале да го претопат оловото на нивната духовна инертност во златото на просветленоста и на спознанието.

И кога мудриот Сократ ќе рече – „Сега знам дека ништо не знам“, тој не објавува некаков гностичен дефетистички ескапизам, напротив, мудрецот атински во тој момент ни пристапува со една, речиси детска едноставност и искреност (така нетипична за „експертите“), при која сугерира за неможноста јазично да се изрази таа надлогичност, таа непоимлива комплексност и таа несфатлива едноставност на реалноста.

Со ова Сократ, а и сите ние што држиме до спознанието, се легитимираме како пасионирани верници во реалноста, во вистината.

Понатаму е прашањето на имагинацијата и на преференциите од метафизичка провиниенција.

Во занесот од нашите поимања на тоа што секогаш останува непоимливо е и феноменот на културата, на верата и на верувањето. Прашањето на религијата.

Над Европа надоаѓаат црните облаци на варваризмот. Неговата сила е во неговата непредвидливост. Експлозивна драма со катастрофални последици може да ескалира во момент и да се сруши врз кревките столбови на новиот бирократски Вавилон – Европската унија. Комесарите се во паника, еве, шанса да се пресметаат со нивната самољубива арбитража, со нивната илузија на моќ, секогаш верификувана и стимулирана од јатото апологети, од глутницата таканаречени експерти.