Sunday, 24 September 2017

Овчеполски весник 2015

Овчеполски весник ќе излегува еднаш седмично или месечно, во зависност од интересот на читателите, а првото издание ќе може да се чита на интернет во бесплатен електронски формат. Понудените информации ќе бидат во интерес на спознавањето на минатото на Овче Поле, дополнети од кратки текстови со искрен поглед кон сегашната ситуација, зачинети со предлози, планови и идеи за подобра иднина. Веќе две и пол децении се поминати откако Република Македонија е независна и суверена држава, а нештата во нашиот крај скоро во целиот тој период како да стојат во место.

1

Еден од регионите со највеќе сончеви часови во годината, кој лежи на огромни количества вода, од која поголемиот дел е со совршен квалитет за да ги задоволи потребите не само на нашиот крај туку и пошироко, како да живее во време кога навидум се забораваат вистинските капацитети на истиот. Сеќавата на старите чешми, извори со жива вода, вадите за наводнување на обработливата земја, автохтоните семенски сорти, овошните насади и убавината која што на скромен начин се користела, но и облагодорувале од локалните жители, предизвикуваат сомнеж за реалната ситуација во која што се наоѓаме, но и ја одржува надежта за подобра иднина. Капацитет за прехранување не само на овој крај, туку и цела држава, имаат и двете општини – Свети Николе и Лозово. А таа надежта, која последна умирала, сепак буди мисли дека во догледно време ќе почне да се работи на еден нов начин, во кој што неизбежно би било да има примеси од управувањето на предците од пред само неколку генерации, и Овче Поле полека, но сигурно да си го врати вистинскиот сјај. Човечките ресурси би требало да се соберат во стручни тимови, каде што членовите би биле избрани според образованието и работното искуство, а нема да бидат влијаени од нисковибрантни сезонски лични желби, туку само и само од целта – втората по големина котлина во Република Македонија да си го покаже вистинскиот сјај и капацитет во борбата за достоинствен и мирен живот. Се надеваме дека понудените информации ќе го задржат Вашиот интерес, но и дека ќе ги пренесете и на оние највозрасните, кои сепак не користат модерна технологија. Доколку јавното мнение се покаже на ниво од кое што чисто и без предрасуди би се погледнало на целта на овие писанија, ќе бидат обезбедени и печатени изданија на Овчеполски весник. Сите забелешки, коментари, предлози, идеи, текстови и фотографии, можете да ги испратите на страницата Овчеполски весник на социјалната мрежа ФБ (клик) или на е-маил адресата ovcepolskivesnik@gmail.com. Ви благодариме за интересот и одвоеното време.

Никола Ристевски

извор – ovcepolskivesnik.blogspot.com

овчеполски весник