Орелот и ѕвончето

Свети Климент и свети Наум биле браќа. По враќањето од Моравија, двајцата браќа се населиле на спротивните страни од Охридското Езеро, проповедувајќи го учењето на нивните учи­тели свети Кирил и свети Методија.

Двајцата браќа се договориле да си изградат манастири се­кој на своето место, но со градбата да почнат и да завршат исто­времено. Бидејќи немало како сега телефони за да се договараат, оптегнале едно долго јаже од едното до другото место. Од стра­ната на свети Наума на јажето имало врзано ѕвонче. Свети Климент, како постар, требало да даде знак за почнување со работата, со тоа што ќе го поттргне јажето и штом заѕвони свети Наум да отпочне со работа. Арно ама, еден орел прелетувал преку езеро. Бидејќи бил уморен, слетал на јажето да се одмори. Од неговата тежина јажето се затегнало и ѕвончето кај свети Наума заѕвонило. Свети Наум почнал со градбата, мислејќи дека знакот го дал брат му свети Климент. Поради тоа свети Наум пред свети Климент го изградил својот манастир.

РАНЕТИОТ ОРЕЛ ГО ЗАТРЕСОЛ ЈАЖЕТО

Двајцата браќа свети Наум и свети Климент решиле да из­градат свои манастири. И тоа постариот брат, Наум, кај изворите на Црн Дрим, а помладиот, Климент, под Самоиловите тврдини на местото „Плаошник“. Се договориле со изградбата да отпоч­нат истовремено. Поради тоа оптегнале јаже од едниот до други­от крај на Охридското Езеро. На страната откај свети Климент имало ѕвонче, бидејќи за почетокот требало да даде знак поста­риот брат свети Наум со затегнување на јажето и тогаш ѕвончето да заѕвони.

На двете места се собрал народ од нивната поблиска и по­далечна околина да присуствува на свеченото почнување со град­бата на двата манастира. Во тоа време над езерото се сретна­ле две јата птици: орли и штркови. Меѓу нив настанала борба. Еден ра­нет орел, за да не падне в езеро, се задржал на јажето. Од силата на неговото паѓање се затресло јажето, заѕвонило ѕвончето кај свети Климент и тој почнал со градба. Поради тоа подоцна, од Османлиите, Светиклиментовиот манастир бил претворен во џа­мија.

Leave a Reply