Thursday, 19 October 5550

Може ли општата волја да се мами?

Од она што е кажано досега следи дека општата волја е секогаш во право и секогаш се стреми кон општото добро. Но од тоа не следи дека заклучоците на народот ја имаат секогаш истата исправност. Човекот го сака секогаш своето добро, но секогаш не увидува во што се состои тоа добро. Народот не може никогаш да се расипе, но често може да биде измамен, и само тогаш се чини дека го сака она што е зло.

Честопати е голема разликата помеѓу волјата на сите и општата волја; последнава ја гледа само општата корист, а првата – користа на поединците, па затоа е само збир на поединечни волји. Но ако од овие волји се одбие оној вишок и дефицит што меѓу себе се поништуваат, како разлика останува општата волја.

Кога граѓаните, при советувањето на доволно упатениот народ, не би биле во никакво меѓусебно општење, од многубројните разлики секогаш би доаѓала до израз општата волја, а заклучокот би бил секогаш добар. Но кога се прават сплетки, кога се создаваат мали здруженија за сметка на големите, волјата на секое од овие здруженија станува општа во однос на нејзините членови, а поединечна во однос спрема државата. Тогаш може да се каже дека нема повеќе толку гласачи колку луѓе, ами има само толку колку што има одделни здруженија. Разликите стануваат помалубројни, а и резултатот е помалку општ. Најпосле, кога едно од овие здруженија ќе стане толку големо што со бројот на своите членови ги надминува сите други, резултатот не е повеќе збир од мали разлики, туку една единствена разлика. Тогаш нема повеќе општа волја, а мислењето што преовладува е само мислење на поединците.

За да дојде до вистински израз на општата волја, мошне е важно во државата да нема одделни друштва и секој граѓанин да гласа според своето уверување. Таква била единствената и возвишена установа на големиот ликург. Ако постојат такви одделни друштва, тогаш бројот треба да им се зголеми за да се спречи нееднаквоста, како што правеле Солон, Нума и Сервиј Тулиј. Само овие претпазни мерки се добри за општата волја да биде секогаш очигледна и за народот да не се мами.