Sunday, 24 September 2017

Благослов за детето на сонот

Полека, четворицата магови се искачуваа по патеките што водеа до врвот на Планината на Светлината. Пристигнаа од четирите страни на светот и сите носеа торби со миризливи дрвца  за церемонијата со огнот.

Мудрецот на Изгрејсонцето беше облечен во наметка од розова свила што се прелева во сино, а носете му беа обуени во сандали од еленска кожа.

Мудрецот на Зајдисонцето носеше темно-црвена одежда проткаена со злато, а од неговите раменици висеше долга наметка направена од исоп и навезена во истите бои.

Мудрецот на Денот имаше виолетова туника декорирана со златети класови пченица и носеше влечки од змиска кожа.

Мудрецот на Ноќта беше облечен во црна волна испредена од руно на неродени јагниња, прошарана со сребрени ѕвезди.

Чекореа како ритамот на нивните движења да беше означен со музика што само тие можат да ја чујат и минувајќи иста далечина, во исто темпо му пристапија на Храмот, иако првиот се искачуваше по карпести падини, вториот се движеше по рамен пат, а другите двајца напредуваа преку песочните корита на пресушени реки. Во истиот миг кога зората го озари огромниот пуст пејсаж на висорамнината тие пристигнаа пред четирите влеза на камената кула. Се поклонија, погледнаа в лице низ четирите сводови на влезовите и потоа се упатија кон олтарот.

Церемонијата ја започна Мудрецот на Изгрејсонцето, редејќи ги сандаловите гранчиња во квадрат, а потоа се приближи Мудрецот на Денот и снопчињата фиданки ги додаде попречно. Мудрецот на зајдисонцето низ оваа основа нареди кедрово дрво оголено од кората. На крајот, Мудрецот на Ноќта постави гранки од исушен даб, покосен од гром и исушен од Сонцето…