Thursday, 17 August 2017

Праисториска уметност во Македонија

Животот издлабен во камен уште пред 32 000 000 години

Знаци или слики на каменот нанесени со природни материјали има долж целиот тек на клисурата на реката Пена во тетовско, во пошироката околина на селото Сетоле, како и во атарите на Блаце, Милетино, Рогачево, исто така во тетовскиот регион, се до Зубовце.

Карпите по планините или крај речните корита во Македонија се преплавени со необични и загадочни знаци, некакви навидум гребнатинки, стапала на животни и луѓе, гравири, сончеви тркала, крстови, прецизно направени вдлабнатинки во каменот. Дел од ваквите форми се творби на самата природа, но голем дел се направени од човечка рака илјадници години пред нашата ера.

Пиктажи, гравири, куполи, петроглифи, кои претставуваат знаци или слики на каменот нанесени со природни материјали, има долж целиот тек на клисурата на р. Пена, во тетовско, во пошироката околина на селото Сетоле, како и во атарите на Блаце, Милетино, Рогачево, исто така во тетовскиот регион, се до Зубовце, гостиварско.

Праисториските сликари и пишувачи, своите траги ги оставале и по долината на реката Бабуна, како и во селото Нежилово, велешко, во Пелагонија.

Во Македонија се откриени карпести гравири во сите временски периоди – од паолитот, преку неолитот, па се до неколку века во новата ера. Откриени се куполи – вдлабнати полутопки, ретикули – мрежести гравури, крути форми – разни видови крстови, идолиформи – гравири со претстава на божества, како и геометриски фигури од кои директно произлегува фонетското писмо, по долгата еволуција на карпестите гравири исликани форми за прв пат изработени во далечениот паолит.

“Со откривањето на диктажните гравири создавани не со глето, туку со чекан, по долината на реката Пена, кај Тетово се постави и последната коцка во мозаикот наречен карпеста уметност во Македонија”, констатира д-р Душко Алексовски, докторант по археологија и палеонгвистика, кој е претседател на Светската академија за карпеста уметност.

Тој укажува на наводите на Емануел Анати од Италија, директор на Светскиот архив за карпеста уметност и на францускиот академик Жан Клод дека купулите се првите карпести гравири создадени во Македонија и во светот пред 32 000 000 години, а Македонија е земја со најголем број ваков вид карпеста уметност во светски рамки. Мрежестите гравири, кои за прв пат беа откриени во местото Лас Мазил, во Франција, во Македонија се откриени во Пелагонија, во Славишко поле – Крива Паланка, во северниот дел на кумановскиот регион, во селата Тополовиќ, Горно Кратово и во други краишта на нашата земја.
Во Македонија се откриени и неколку стотици крстовидни форми, кои уште од неолитот имаат големо симболичко значење.

Александар Настовски, академски сликар од Тетово и еден од петте членови на неформалната група наречена “Живот, камен, живот”, на ликовни уметници, историчари на уметноста и фотографи од Тетово и Гостивар кои реализираат обемен проект посветен на карпестата уметност во тетовско-гостиварскиот регион, вели: “Крстот имал и значење на сонцето, движењето, раѓањето и на вечноста”, вели Настовски.
Гравирите со претстави на божества, исто така, се најбројни во Македонија.

Тие се пронајдени по долината на Крива Река, во околината на Кавадарци, во селото Малотино, кумановско и на други места.
Некои форми на овој вид гравири имаат долга традиција и аналогија и во македонското етнолошко наследство.

Еден орнамент изработен на перниче во 1956 година во селото Бељаковце, кумановско, е идентичен со содржината на таква гравира направена пред 5.000 години на една карпа во селото Војник, кумановско.
Др. Алексовски посочува на еден објект од карпестата уметност кој според него има многу големо значење во светски размери. Во селото Шопско Рударе, во близина на Кратово се наоѓа импресивниот праисториски духовен центар „Цоцев камен“ со изработени гравирани и сликани форми на карпестата уметност. Алексовски тврди: “Овој локалитет е единствен во светот кој на една локација соединува – место за жртвување, светилиште, праисториска опсерваторија со сите придружни елементи и слика на карпеста уметност”. На овој локалитет се вршеле и церемонии за устоличување на главатарите на племето, набљудување на сонцето, месечината и на sвездите. “Мегалитите со дополнителни врежувања врз камењата во нивна непосредна близина се сигурна потврда дека на ова место функционирала и опсерваторијата”, вели Др. Алексовски.

Reportaza vo kratovskiot kraj na mestoto Cocev kamen.29 Juli 2005.Kratovo

“Цоцев камен” според овој истражувач е дел од една развиена праисториска култура која е очигледна и во регионот на Свети Никола во селото Ѓуѓанци, каде се наоѓаат впечатливи карпести цртежи. “Овој локалитет веќе го привлекува вниманието на бројни светски експерти како вистински извор на светската праисториска култура и писменост и тој ќе биде презентиран на светскиот собир на археолози и проучувачи на карпестата уметност што треба да се одржи во Лисабон, Португалија, од 4 до 9 септември 2006 година. На него се поканети да учествуваат и членовите на македонскиот Центар за карпеста уметност со неколку реферати.

Неслучајно и поранешниот италијански амбасадор Фраустино Трони, своевремено запиша дека карпестата уметност отвора нова страница во културната историја на Македонија, како еден од големите афирматори на македонската нација и култура”, посочува Алексовски.

Проучувачите на оваа уметност во тетовско-гостиварскиот регион, кои ја сочинуваат споменатата неформална група прексиноќа ги презентираа своите теренски откритија, и дискутираа за значењето на тие народи.

Академскиот сликар Ацо Настевски со својата изложба на слики со мотиви од карпестата уметност што се одржува овие денови во центарот на култура “Иљо Антевски – Смок” всушност и претходи на оваа октомвриска презентација која е планирана да се одржи во Гостивар. Тој и неговите колеги повеќе од четири години крстосуваат по падините на Шара, и како што вели, нема ден да не открие по некој облик на карпестата уметност на камењата на планината или покрај коритото на реката Пена.

reka pena
“На некои места пронајдовме куполи и контури на човечки стапки на иста карпа. На една карпа има и по неколку стотини крстови купули, а на некои карпи пронајдовме гравири и пиктажи. Зошто два начина на изразување? Дали можеби тие настанале во различни временски периоди и во различни пригоди, вели Настевски. Според него, луѓето кои што ги оставале таквите записи на карпите биле творци на една зрела и осознаена уметност.

Праисториските симболи не се мртви, тие останале како трајни вредности и ние повторно ги откриваме, а јас во моите 20-тина слики на најновата изложба сакав да ги одразам своите откритија на мој ликовен начин и од мој агол. Со почит за тие времиња и за тие луѓе, кон нивната верба во животот, кон тие луѓе што ги врежале своите верувања, во нивните веќе почетно манифестирани како митови преку сончевите тркала и сликите на луѓето и животните. Ние како да ја загубивме врската со праисторијата, време е да ја пронајдеме и повторно да ја воспоставиме”, заклучува Ацо Настевски.

“Многу пронајдени гравири во Македонија се дело на природата и тие не се карпеста уметност, но многу гравири се направени и од самиот човек. Ним и на другите облици на ваквата уметност во Македонија им се посветува многу мало внимание, иако тие имаат големо значење. Време е да се промени ваквата состојба” – вели пак Др. Блажо Боев, професор по петрологија на Рударско-геолошкиот факултет од Штип, кој е еден од членовите на Светската академија за карпеста уметност од Македонија. Др. Боев вели дека гравирите кои ги има во Македонија потекнуваат од различни епохи и имаат мотиви поврзани со јазикот и обредните ритуали. Тие се среќаваат на терените во источна Македонија, во Пелагонија и во редица други населени места во Македонија.

(извор – текстови од Свето Тоевски)