Авел и Каин

Древната библиска прикаска за двајцата браќа, родени од првите луѓе, Адам и Ева, кои беа изгонети од рајот поради непослушност кон заповедите на Господ, не престанува да дејствува низ историјата на човештвото. Ова е прикаска за братоубиството, кое со поинтензивно или, пак, со позабавено темпо се случува константно низ долготрајната повест, чии главни актери се луѓето. Имено, двајцата браќа, од кои едниот – Авел, беше сточар, а другиот – Каин, се занимаваше со земјоделство, му принесоа жртви на Севишниот.

Но, Господ со поголемо внимание погледна на жртвениот дар што го принесе Авел, сточарот, по што Каин многу се вознемири. Тој божјата наклонетост кон Авеловиот дар ја протолкува како поголем интерес на Творецот за својот брат и се почувствува запоставен, што го исполни со голема завист и гнев. Зар Каиновите дарови не беа доволно вредни? Зар стоката е подобра од растенијата кои ги хранат и луѓето и тревопасните животни, токму оние, што неговиот брат Авел ги одгледуваше, талкајќи по пасиштата, неретко влегувајќи во нивите, што Каин ги беше култивирал со огромен напор и волја за да ги одгледа сите тие чудесни растенија, кои Творецот ги беше искреирал на почетокот од создавањето на светот.

„Што е тоа што сега се случува?“ – се прашуваше Каин, додека гневот и срамот растеа во неговата душа. „Зошто Севишниот ги преферираше подароците на Авел? Со што Авел заслужи да биде благословен од Бога, а тој – Каин, не? Каде е грешката? Дали бесконечниот и семоќниот Бог, на кого не му е до храна, зошто Тој самиот е извор на сите нешта во вселената и на сите суштества им ја дарува храната и самиот живот, сега се става во улога на некаков дегустатор или гурман? Каков е тој Бог, што суди вака чудно и пристрасно? Зар растенијата не се исто така создадени од Бога, како и животните и се’ друго, што постои во универзумот? Зошто месото на стоката, што ја одгледуваше Авел е подрагоцено и повредно од житарките, овошките и зеленчукот, што тој самиот ги одгледува? И зошто Бог повеќе би ги ценел смрдливите овци, од прекрасните вегетаријански плодови, од кои се шират најпрекрасните ароми?“ – сите овие мачни прашања се провлекуваа низ збунетиот ум на Каина, но одговорот никако да стигне.

Тогаш, низ исцрпениот и растревожен ум на Каина пролета една вознемирувачка мисла, која како во себе да го содржеше ужасниот одговор на сите овие провокативни прашања, што никако не можеа да бидат отфрлени и заборавени. „Па можеби примателот на даровите и не е Господ, туку ѓаволот, кој преправајќи се дека е Господ, го избра Авеловиот дар, жртвата на неговиот брат.“

И додека оваа помисла во Каиновиот ум полека се трансформираше во уверение, така гневот во неговото срце порасна до енормни димензии, втерувајќи го кон очајнички чекори. Каин, веќе сигурен во својот став, тргна кон живеалиштето на својот брат Авел, а кога овој излезе да го поздрави, Каин зеде еден камен од земјата и го нападна, нанесувајќи му смртни повреди на затечениот од шокантното изненадување, Авел. Така Каин – земјоделецот, го уби својот брат Авел – сточарот.

Кога грозоморниот чин на братоубиство веќе беше сторен, му се огласи Бог на Каина и го запраша што стори? Тогаш Каин се свести што направил и падна во длабок очај. „За ова дело ќе бидеш казнет да талкаш по земјата и никаде да не најдеш мир. А на твоето чело ќе ставам свој знак, за сите да го препознаат и никој да не крене рака на тебе, а ако тоа се случи, тогаш сторителот ќе биде казнет со ужасна казна!“ – рече Бог и исчезна, а Каин остана сам во пределот.

И така остана Каин да талка осамен по земјата и да се кае (Каин од „каење“), додека Господ не се смилува на неговата судбина и не му прости. Но, најпрво Каин – покајникот, треба да ја разреши својата збунетост и да си прости себеси. Но, дали тоа е остварливо? Да се свестиме за своите предубедувања, за својата суета, која од нас прави непоправливи егоисти, чија фрустрација може да не’ однесе и до најужасните сфери на омразата, какво што е, на пример, убиството на ближниот? Дали овој ужасен пример на братоубиство може да биде адаптиран во нас толку силно, што во иднината што доаѓа ќе ги прекогнираме сите искушителни состојби од овој тип и промптно и консеквентно ќе реагираме на жестоките провокации и изгубеност и ќе се сопреме пред ужасот да биде сторен? Ова се деликатни прашања, кои колку и да изгледаат депласирано, во суштина се скоро секогаш актуелни.

Погледајте ја само поновата историја на човештвото (не сакам сведочењето да го враќам милениуми наназад), онаа историја, што се случила вчера или, пак, што се создала пред еден час или секунда. Зар оваа прастара библиска прикаска не се повторува константно, секој ден, секој час или секоја секунда некаде на планетава? Зар нашиот разум е толку плиток, суетата толку голема, а трпението паднато на самото дно? Зар нема шанси да излеземе од овој круг на злото, кој како некаква апсида ја завиткал целата планета и дејствува се’ посилно и посилно, се’ до едно потполно помрачување на свеста и до еден конечен масовен хомоцид на овој тажен и прекрасен свет?

Денес на планетава приказната за Авел и Каин е поактуелна и поприсутна од кога било до сега. Таа се манифестира во целиот свој ужас насекаде. Некаде тоа се случува во вид на индивидуални конфликти, а некаде во оваа пропаст учествуваат цели народи, како што е тоа во Сирија или Украина, на пример.

Иако знаеме дека коренот на ова зло е во волјата за моќ, од каде што, пак, произлегува господарењето со потенцијалите и добрата на овој свет, сепак, никако не можеме да ја видиме гибелта, која чека на крајот од оваа убиствена трка. Нашите страсти и желби за доминација внесуваат енергија во нашите лудачки машини за уште побестијална конкуренција, за уште побезумен натпревар, во кој, на крајот, сите ќе бидеме поразени и ќе станеме жртви на сопствениот гнев и неразбирање.

Leave a Reply