Tuesday, 21 November 2017

Празнината и ништожеството

Си бил еден хаос! Всушност ова и не е толку приказна, колку што е обид да се деконструира теоријата на редот. Оти ако постои неред, една бушотина во совршенството на космосот низ која се наѕира позадината во вид на комплит дисордер, тогаш, за да не дојде до нагло разочарување при случај на несакано проширување на свеста, низ овој обид ќе направиме симулација на издвојување на двете спротивности, коишто заради сопствената споеност во едно, отсјајуваат привид на ред.

Прво, ќе и ги пресечеме нозете на дијалектиката, за да не може да бега. Потоа, ќе влеземе во срцето на дуализмот и со неколку дум дум ќе направиме масакр во неговата матрица, прекинувајќи го со тоа дотокот на крв до сите негови Цицачи.

Тогаш, во тишината на она коешто се смета за смрт, ќе удриме печат врз телото на празнината, за да се знае чие дете е ништожеството. Конечно да се отстрани тој лажлив сјај на мистицизмот што беспоштедно и бескрајно долго манипулира со искреноста на сите митови заедно.