Tuesday, 20 October 2876

Козата во македонската народна митологија

Во некои од верувањата на балканските народи, козата е суштество создадено од ѓаволот. Според тоа, таа се сметала за нечисто животно. И покрај тоа, луѓето ја држеле поради нејзината млечност – млекото и е многу здраво за човека. Таа не се коли курбан и не се принесува како жртва.

Козата е отпорна на лошите очи, значи не може да се урочи, бидејќи се мисли дека е ѓаволски пород. Во врска со тоа не се практикуваат никакви заштитни дејства.

Во некои преданија, откриениот вампир од вампирџијата, се крие меѓу роговите на козата. Веројатно, тоа е одраз на поврзаноста на козата со нечистите сили.

Козата се разликува од другите животни со издигнатата опашка.  Во врска со истото постои една поговорка: со тоа што козата се гордее, овцата се срами. Како објаснување на ова се вели -да знае козата што е срам, никогаш не би ја кренала опашката.

За време на василичарските обредни поворки со маски, честа е појавата на маскирање во вид на јарец со кожи од коза.

Козата е симбол на плодноста, а јарецот на машката потенција, на виталноста, но и на тврдоглавоста.

Македонска народна митологија

Матица македонска 2002