Германците за Македонија во 19 век

Како германските македонисти, го гледаа и го третираа јазикот на Македонците?
Одговорот ни дава бројни податоци за стручниот и личниот профил на оние што далеку пред нас ги истражувале околностите во Македонија, иако повеќето од нив всушност немале ни слух ни осет за едноставниот факт дека живи луѓе го зборуваат својот жив јазик. Токму со оглед на македонскиот јазик, можеме да откриеме неколку различни типови кај раните германски македонисти што беа активни на крајот на 19 и на почетокот на 20 век.

На Балканот живееле доста германски наставници и свештеници што работеле во Цариград или во Солун. Тие знаеле дека Солун се наоѓа во Македонија, но тоа за нив било сосема небитно. Битни биле службата во германското училиште, излетот со „железницата Салоник – Монастир“ за Струмица кон тамошните Германци, посетата во „Искиб“ кај „малата германска колонија“ и така натаму. Макс Брунау, пред Првата светска војна протестантски свештеник во Солун, во 1925 г. ја објави својата книга „Германците во Македонија“. „Македонија“ беше за него „уредничката област на германскиот конзул во Солун под турската власт“, жителите беа „Бугари“, Илинденското востание „бугарското востание“, а за македонскиот јазик Брунау ќе го каже следново: „Јазично се Бугарите и Србите толку блиску оти македонскиот бугарски јазик од двете племиња е прогласен како свој сопствен јазик со мали дијалектни промени, и затоа јазикот не е битен белег за луѓето“.
Еден сличен тип како Брунау, но далеку повлијателен беше генерал фелдмаршал Колмар Вилхелм Леополд Фрајхер фон дер Голтц (1843-1916), долги години најголемиот советник на турскиот „аскер“. Од него ја имаме
книгата „Излет низ Македонија“ од 1894 г., еден туристички опис на Македонија, можеби малку над просекот на ваквите творби, но не премногу занимлив од македонистичка гледна точка. Неговите историски белешки – за Александар, Самуил, Борис, Душан и други – го покажуваат како доста образовaн човек, неговите политички белешки за „српската пропаганда“ во Македонија како внимателен набљудувач на положбата, но општо земено Словените, а камоли Македонците, него воопшто не го интересираат – дури „Искиб“ за него е „еден чисто албански град“. Всушност Голтцовата книга е интересна само од гледна точка на железниците, кои на крајот на 19 век биле изградени пред сè од Германци и од кои германската јавност сметала дека тие се најважниот „влез“ во Балканот.
Тогаш, пред 100 или повеќе години, цела Европа дискутираше за „македонското прашање“, и имено кај Германците бараа едно „сообраќајно-политичко решение“ на ова „прашање“: Македонија мора да биде целосна и мирна – само поради современите или идните железници на овој простор.

Сосема спротивно мислење имаше – и пишуваше – Германецот Херман Вендел (1884-1936), во 1912 г. Најмладиот пратеник во германскиот Рајхстаг (Парламент) и до денешен ден славен како најдобриот познавач
на Балканот во Германија и западна Европа. Како изразит србофил, Вендел беше еден претставник на оној став што го изразил веќе сто години порано германскиот историчар Леополд фон Ранке и што гласи кај Вендел
вака: „Срби, Хрвати и Словенци један су народ (…), ако Југословени нису један народ, онда нису ни Немци“. Штом Вендел го споменува „српскиот народ“, тогаш тоа секогаш на некој начин ја подразбира „водечката улога на Србите кај јужните Словени“, исто во односот кон Македонците, како што пишуваше тој во својата книга „Македонија и мирот“, објавена во 1919 г. За Вендел Србите навистина биле најсвесниот народ на Балканот – јунаци во војната, родени демократи во мирот – но, за жал, Србите, вели Вендел, биле долго време најомразениот народ во очите на големите сили, и затоа за Македонците секогаш беше покорисно сами да се декларираат како „Бугари“, без да имаат определено национално чувство за една ваква декларација; а самото декларирање, започнато без каква било пробугарска определба, подоцна стануваше „постојана навика“. И (вели Вендел понатаму) „националната неопределеност на Македонците“ исто така се изразува во нивниот однос кон сопствениот јазик: Македонците не се ниту Срби, ниту Бугари – тие се (како и нивниот јазик) една развојна „предформа“ на Србите и на Бугарите, една мешаница од народот со една мешаница на јазикот што може да се развива, јазично и национално, во едниот или во другиот правец. Етничката самобитност на Македонците, макар подразвиена, е за Вендел неоспорен факт, и „под влијание на воспитанието, навиката и околината, тие лесно можат да се претворуваат во добри Срби или во добри Бугари“. Но, најдоброто решение на „македонското прашање“ би бил еден „општобалкански сојуз“ во кој сите балкански народи слободно ќе можат да ги развиваат своите природни можности и духовни способности.

Ретроспективно гледано, ставовите на Вендел се еден вид политички романтизам, но токму како таков овој романтизам беше едно предизвикување за бројните „македонски“ друштва, клубови итн. кои тогаш дејствувале во Германија и во Австрија, постојано повторувајќи го официјалниот став на Софија, дека „секој што во Македонија е Словен, тој е Бугарин“. Имено, во оваа смисла дојдоа веднаш реакции на Венделовите публикации, кои не се интересни, макaр типични за тогашните состојби на германските универзитети, од кои неколку – Бреслау, Хајделберг, Минхен и др. – имале доста големи бугарски „колонии“.
Една слична еманципација на Македонците како Вендел, значи, живот во рамките на една балканска федерација, бараше и Германецот Карл Штруп (1886-1940), денеска горе-долу заборавен, но во свое време еден
славен правник, стручњак за меѓународно право, чие поголемо влијание на катадневната политика на државите му беше голем идеал.
Една своевидна демонстрација на ставовите на Штруп е неговата книга „Правната положба на Македонците во Југославија“, 1929, објавена на француски јазик во Париз. Во оваа книга Штруп тврди дека Македонците, со
оглед на нивна народност, религија и јазик не се Срби, и тоа тој го докажува врз основа на една фантастична историја на Македонците од античките времиња, сè до современоста. Предноста и истовремено слабоста на книгата е дека с# што го пишувал Штруп, на некој начин го црпел од други автори, и во тој однос тој бил работлив до крај, давајќи му на читателот еден опсежен преглед на дискусиите што тогаш биле во оптек. Но, така тој го избегна децидниот одговор како е тоа со јазикот на Македонците. Притоа, тој беше повеќе или помалку наклонет кон претставата дека јазикот на Македонците е многу сличен на бугарскиот јазик. Тој опсежно го цитира германскиот романист и бугарофил Густав Вајганд (1860-1930), од кого знаеме дека за него воопшто не постоел никаков „македонски“ јазик, туку само бугарскиот јазик – со „единствена разлика кај акцентот во централномакедонските дијалекти“.

Меѓутоа, со јазичниот аспект Штруп всушност не се занимаваше, бидејќи неговиот став кон „македонското прашање“ беше дека Македонците „во смислата на договорот за малцинствата од 19 септември 1919 г. се едно етничко малцинство“, со оглед на нивното „национално чувство“ (le sentiment national), дури еден „македонски народ“ (le peuple macédonien). Најдобро решение би било, според Штруп, една „независна македонска држава“ (un État indépendant macédonien) или „една федерална југословенска држава што ги опфаќа различните елементи на денешното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, на Македонија и на Бугарија, со исклучок на Грција“.

Сите овие публикации имаат своја вредност, пред сè поради многубројните фусноти и долги списоци на цитираната литература – читај ја едната и познавај ги другите. Можеби, тие денеска можат да служат
како повод или поттик за една од наредните научни дискусии да се занимаваме со улогата на бројните филства и фобства со кои беше дискутирано таканареченото „македонско прашање“.

– oд

Волф Ошлис
МОМЕНТИ И АСПЕКТИ НА
ГЕРМАНСКО-МАКЕДОНСКАТА ЗАЕМНОСТ НИЗ ВЕКОВИТЕ

меѓународен семинар
за македонски јазик, литература и култура
(Охрид, 13. VIII – 30. VIII 2007)

Leave a Reply