Богомилството придонело за просветните идеи во средниот век

Дуалистичко-религиозните учења, во конкретниот случај проследени преку богомилството и катаризмот, биле насочени против црквата во нејзиното институционално значење, но и против официјалниот догматизам и култно-обреден систем. Територијалната идентификација за појавата на богомилството се поврзува со Југозападна Македонија, додека, катаризмот, пак, својот доминантен импулс го реализирал во земјите на Западна Европа, поконкретно во Италија и јужна Франција.

Дејствувајќи од аспект на опозиција овие алтернативни форми на религиозно произнесување афирмирале еден поинаков теологизам заснован на сопствена и автентична егзегеза на евангелските принципи содржани во Светото писмо. Уште во самиот почеток треба да се истакне дека односот на богомилите и катарите кон Стариот и Новиот завет во голема мера бил детерминиран од традицијата на постарите еретички искуства, какви што биле манихејството, масилијанството и павликијанството. Хронолошки првите и речиси идентични податоци за отфрлање на Мојсеевите и пророчките книги од Стариот завет се содржат во писмото на цариградскиот патријарх Теофилакт и во беседата на Презвитер Козма. Ефтимиј од Акмонија соопштува дека богомилите, инаку „непријатели на Бога и штитоносци на ѓаволот“ не го читале Стариот завет што се потврдува и кај цариградскиот патријарх Герман Втори, според кого богомилите „ги отфрлале и хулеле на Стариот завет и на Мојсеј“.

Нешто попрецизно и поинакви податоци се среќаваат кај Ефтимиј Зигавен, висок црковен достоинственик и апологет на христијанството. Имено, тој истакнува дека богомилите ги „отфрлаат сите Мојсееви книги заедно со Бога, за којшто се говори во нив“. Според Зигавен, од Стариот завет, богомилите ги „почитувале единствено Псалтирот и Книгата на шеснаесетте пророци“. Непочитувањето на Стариот завет со исклучок на Псалтирот, било практика и меѓу босанските богомили (патарени) кои верувале дека „законот на Мојсеј бил даден од ѓаволот и ѓаволот му се јавил на Мојсеја в оган“. Солунскиот митрополит Симеон говори дека богомилите ги отфрлиле „боговдахновените слова на пророците и на Мојсеј и пресветите псалми на Давид“.

Во принцип изворите се единствени околу заклучокот дека богомилите не го прифатиле Стариот завет, особено Мојсеевите книги, токму поради фактот што биле во расчекор со клучните аспекти од социјално-етичката доктрина на богомилите. Од друга страна, пак, не е исклучена можноста како што соопштува Ефтимиј Зигавен, повикувајќи се на директно сведочење на Василиј, главниот протагонист на богомилството во периодот помеѓу 11-12 век, дека се користеле со некои од старозаветните канонски книги. Можно е да се претпостави дека овие варијанти на целосно отфрлување, односно делумно прифаќање на старозаветните книги произлегуваат од вкрстувањето на дуелистичката идејна насоченост, во смисла поддржување на умерените, или, пак на апсолутните дуалистички тенденции. Приврзаниците на умерено ориентираниот дуализам веројатно правеле отстапки во однос на прифаќањето на некои од старозаветните книги, како што впрочем за тоа говори и Ефтимиј Зигавен, наспроти екстремните дуалисти, кои веројатно ги отфрлиле во целост.

Дилемите околу прецизирање на ставот кон Стариот завет била присутна и меѓу катарите од Конкорецо. „Тие го отфрлуваат целиот Стар завет – истакнува Рајнериј Сакониј, мислејќи дека го создал ѓаволот, со исклучок на оние зборови што се содржани во Новиот завет преку Христа и апостолите… Исто така, сите тие го отфрлаат Мојсеј и многумина од нив се двоумат за Аврам, Исак, Јаков и останатите патријарси. Во таа смисла се изјаснил и проследувачот на албигојството Петар Сарнаиски, според кого: „Треба да се знае дека тие-еретиците прифаќаа двајца творци, еден на невидливите нешта, кого го нарекуваат добар Бог, и друг на видливите, наречен зол Бог. На добриот Бог му го препишуваа Новиот завет… освен извесни делови, пренесени од него во Новиот завет, коишто од почит кон последниот, го сметаа за достоен да го прифатат“.

Односот на богомилите кон Стариот завет бил во директна зависност од филозофскиот аспект на нивното учење. Отфрлувањето на Стариот завет се јавува како последица од недостаток на спиритуализам, на кој инсистирале и богомилите и катарите, особено во толкувањето на духовното и материјалното, односно идеалното и земното. Самиот спиритуализам претставувал важен сегмент од богомилскиот и воопшто од европскиот дуализам, формиран под силно влијание на источните дуалистички учења, коишто во даден момент претставувале тренд во Византија, јужнословенскиот свет и во Западна Европа. Имено, настапила една нова етапа на маргинализирање на античноста за сметка на збогатувањето на христијанската религија со ирано – малоазиски елементи, со чиешто посредство се појавило и првобитното христијанство.

Постои претпоставка дека верзијата од Новиот завет што била во оптек меѓу катарите претставува превод на латински јазик од словенската верзија на Св. Кирил и Методиј.

Резимирано во целина и на компаративно методолошко ниво богомилско-катарскиот комплекс на идеи придонел за афирмација на еден алтернативен мисловен процес како своевидна можност за избор, кој меѓу другото се одразил и во автентичната интерпретација на евангелските принципи содржани во Светото писмо. Со тенденцијата за пофлексибилна, попоетска и условно филозофска егзегеза на Новиот завет, богомилството и катаризмот дале значаен придонес во развојот на препознатливите културно – просветни идеи во периодот на средниот век.

Автор: Маја Ангеловска-Панова

извор: Нова Македонија

Leave a Reply