Saturday, 20 October 2987

Богатството на „Алшар“ – мит или реалност

Македонски Лорандит

Дали утробата на рудникот „Алшар“, во близина на кавадаречкото село Мајден, навистина крие огромно богатство или тоа се само митски приказни? Колку е реално дека таму има руди со златни жили, но и ретки вредни минерали, како што се егзотичниот талиум и лорандитот. Дали отворањето на окната во мистичниот рудник може да ја збогати Македонија и да донесе повисок стандард за граѓаните?

На овие прашања и денес нема одговори, бидејќи државата, барем засега, не покажа заинтересираност да инвестира во експлоатацијата на најстарото рудно наоѓалиште во Македонија, а најверојатно и на Балканот. Сепак, фрапантни се сознанијата од систематските истражувања до кои дошле американски и англиски компании во периодот од 1986 до 1989 година. Резултатите од лабораториските наоди на делови од руда потврдиле дека „Алшар“ крие 20 тони злато. Ако ова е точно, тогаш пресметано според цената на златото на светските берзи, станува збор за богатство од 200 милиона евра.

Увид во овие истражувања на странските експерти имал и професорот Блажо Боев од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. „Во ’Алшар‘ нема отворени јами и тешко се доаѓа до рудното богатство. Едноставно, оттаму е невозможно да се земе нешто вредно и значајно“, тврди професорот Боев. Тој додава дека „Алшар“ треба долго да се истражува, бидејќи може да се откријат и други минерали. „Моментно нема ниту еден проект што е сериозно поддржан, а е во насока на промоција на нашето природно наследство. Единствено активен беше проектот што се работеше со Австријци и Германци преку австрискиот и германскиот фонд за наука. Преку него требаше да се одреди степенот на ерозија на ’Алшар‘ како важна претпоставка за употребата на минералите на талиум во проектот за детекција на неутрината со потекло од сонцето“, изјави професорот Боев.

Единствена идеја на надлежните е околината на „Алшар“, која е прогласена за споменик на природата и законски заштитена, да се трансформира во футуристички музеј на отворено. Државата нема намера да им го издава подрачјето на концесионери.

За присуството на злато во „Алшар“ раскажуваат и жителите од селото Мајден што се наоѓа на 300 метри од рудникот. Тие велат дека рудникот во кој било период од годината постојано го посетуваат лица од секаде во светот, со и без автомобили. „Алшар“, велат тие, е интересен за дивите копачи, но речиси е невозможно да се влезе внатре. Според сеќавањата на жителите со кои разговаравме, последната организирана активност се одвивала од 1998 година до 2000 година, кога била прекината поради конфликтот.

Сепак, не постојат никакви траги дека во минатото се експлоатирало злато од овој рудник. Единствено постојат записи дека за време на османлискиот период од „Алшар“ се ваделе антимон и арсен.

Да се стигне до Мајдeн е потребен еден час, бидејќи патот е лош. Сепак, околината е убава. Природата восхитува. Во минатото, до Првата балканска војна, од „Алшар“ се ископувале минерали на арсен што се носел во Солун. Некогаш, кога рудникот бил активен, жители на Мајден работеле како рудари. Селаните коментираат дека рударството е скапа инвестиција, а дека државата нема доволно пари за да ги истажува природните богатства. Можеби тоа е причината зошто во „Алшар“ нема поголеми зафати, претпоставуваат мајденчани, кои само повремено доаѓаат во селото, а се преселени во Кавадарци.

„Ова место треба да се отвори и да стане достапно за цел свет. Нека доаѓаат луѓето, има што да се види. Ова подрачје може да стане главна туристичка атракција“, велат нашите соговорници, кои ги сретнавме обиколувајќи го подрачјето околу „Алшар“. Тие само знаат дека е богат рудник, а не знаеја да кажат што е тоа што ја зголемува вредноста на ова место.

Во околу 250.000 тони руда има два отсто арсен, 2,5 отсто антимон и 0,1 процент талиум. Оваа концентрација го прави рудникот најбогато наоѓалиште на талиумот, што се користи за вселенски истражувања и во телекомуникациските технологии.

Светските научни кругови се преокупирани со лорандитот, бидејќи станува збор за мошне редок минерал, за кој е утврдено дека во така големи количини го има единствено во Македонија. Лоцирани се 32 минералa на талиумот, од кои 17 единствено ги има во „Алшар“.

Познавачите велат дека од досега спроведените истражувања во „Алшар“ арсенот го има толку многу што може да се усмрти целиот жив свет на планетата. Но, неговата примена е незначителна и многу рудници го издвојуваат како нуспроизвод. Утврдени биле и 500.000 тони руда за антимон. Меѓутоа, во неа антимонот што, главно, се употребува во производство на акумулатори, е застапен со 2,5 проценти, а арсенот со еден процент помалку. Во ваков сооднос, па и услови на пазарот, науката не била заинтересирана ниту поттикната да најде технологија за издвојување на арсенот од антимонот. Таква технологија не постои на светот. Според тоа, и антимонот не е интересен, бидејќи металот со арсен губи од квалитетот. Многу слична е ситуацијата и со талиум. Сега талиумот се издвојува како нуспроизвод во некои рудници низ светот, со што се покриваат потребите на светската индустрија. Главна примена, како додаток во други легури, има во воената, во авио и во вселенската индустрија. Се проценува дека времето на талиумот наближува, а во „Алшар“ го има во изобилство. Доколку би дошол тој миг, во Македонија може да се случи убав живот, како во местата од каде што се експлоатира нафта.

Историјата на рудникот „Алшар“ (Мајден) е многу интересна, но и многу малку документирана. „Алшар“ се спомнува во турските дефтери од 1481 година. Во документот што се однесува на Рожденскиот атар (селото Рожден е во непосредна близина на рудникот „Алшар“) се спомнува и годишниот приход на турскиот султан, кој околу 35 проценти бил од продажбата на арсенската руда.

За рудникот има и документи од 1877 година, кога почнува да се формира и рударската населба Мајден (денес селото Мајден). Тогаш „Алшар“ бил под концесија на англиско-француска компанија со седиште во Солун, а работите во рудникот ги надгледувал инженер (Charteau), кој работниците го нарекувале Ќелепијата. Во рудникот биле вработени околу 500 работници од околните села на Мариово, а најмногу од селото Рожден. Со развивањето на рудникот се зголемувала и рударската населба. Од 1890 до 1912 година оваа населба заедно со селцето Мајден веќе броела 32 куќи. Во рамките на рудникот „Алшар“ имало и мала сепарација за дробење на рудата и за одвојување на корисните минерали.

„Алшар“ се наоѓа 40 километри јужно од Кавадарци, кај селото Мајден на планината Кожуф, во близина на македонско-грчката граница. Овој споменик на природата почнува од Рудине, кое е на надморска висина од 964 метри, од каде што води на северозапад и се спушта на раскрсницата на земјениот пат во јужен правец кон селото Мајден. Оттука границата го менува правецот кон север и продолжува по земјениот пат во должина од два-три километри до почетокот на суводолицата што се спушта во Мајденска Река. Споменикот на природата во вака опишаните граници опфаќа 120 хектари. Во меѓународни рамки светски познатиот локалитет по раритетно присуство на бројни минерали како објект на природата е вклучен во списокот на Corine биотопи во 2000 година. Идентификуван е како значајно растително подрачје (ИПА) и е предложено вклучување на локалитетот во Емералд-мрежата на подрачја од посебен интерес за зачувување.

извор: Утрински Весник