Шунд

Се сеќавам кога во поранешната ни татковина, наречена СФРЈ, некаде при крајот на седумдесеттите се поведе агресивна кампања против шундот во сите сфери на творештвото во областа на културата. Уште во тоа време владејачката и културната елита сфатија дека една страшна агресија на невкусот и на вулгарноста се пробива во културниот простор на општеството и дека оваа опсесивна псевдокултура фаќа сè помасовни и сè посилни позиции меѓу југословенските маси. Овој псевдокреативен процес стана евидентен во речиси сите уметнички дисциплини, во литературата, во филмот, во стрипот, во театарот, но најагресивно, секако, се манифестираше во таканаречената – новокомпонирана народна музика. Токму тука овој псевдоестетски феномен ги достигна своите епохални висини и создаде тврдина неразорна, од каде во натамошните децении ќе дејствува максимално дрско, агресивно и бесловесно, потиснувајќи го сето тоа во творештвото, што има идеалистички и возвишени цели. Во секој случај, оваа прохибициска кампања против шундот во поранешната ни држава не успеа ни за милиметар да ги помести наназад офанзивните линии на оваа антиуметност, која во голема мера ме потсетуваше (барем мене) на виртуелна свињска помија, на која бевме осудени сите ние, што со сиот наш ум и душа се свртивме кон идеалистичките пораки и содржини, кои во тоа време, барем што се однесува до музиката – најмасовната и најзаводливата уметност, доаѓаше од рокенрол-заедницата, како и од нејзините сателитски пројави и симпатизери.

Во тоа време и алтернативните културни и креативни изблици беа во подем, но во споредба со „народњаците“, дури ни Тито, како осведочен космички херој, немаше никаква шанса. Го кутнаа набргу кутриот Маршал, му го скратија здравјето и го фрлија во ендекот на историјата. По оваа крвава битка со врхушката на веселиот и праведниот тоталитаризам, веќе сè беше јасно – селаните и пролетерите си најдоа своја уметност, своја музика и своја идеологија, во која најбестијалната саможивост и оргијастичкиот сентимент се издигнаа во нови парадигми за југословенскиот социјалистички плебс.

Наместо – „Друже Тито, лјубичице бијела, тебе воли омладина цијела“, се појавиа содржини од типот – „Ти анѓео, а ја ѓаво, да те љубим немам право“, а тоа беше радикално менување на курсот, иако музичката подлога беше скоро идентична со партизанските песни, што му се додворуваа на Маршалот како пудлици, воедно перцепирајќи го како божество, како русиот ангел со ликот на Марлен Дитрих, иако физиогноматски многу повеќе наликуваше на фелдмаршалот од Третиот рајх – Херман Геринг.

Така партизанскиот револуционерен сентимент папса, а „народњаците“ триумфираа низ една тивка и подмолна псевдореволуционерна кампања, чие главно оружје беше грубата и вулгарна балканска еротичност – „Легла кока на два јаја, на два јаја из очаја, није мени, што је легла, веќ је мени што их пегла“. Обидот да му се стави крај на овој одвратен шунд со законски средства, само му ја мултиплицира силата и инаетот и тој излезе како апсолутен победник од овој судир со културните и елитните политички фактори на бившата СФРЈот. Од тој момент, оваа стихиска уметност на масите стана суверен на нивните културни тенденции, а со тоа се формира и една бестијална хипер-материјалистичка и вулгарно-епикурејска идеологија, која полека, но сигурно, почна да го моделира и политичко–општествениот дискурс.

Со стиховите, од тогаш проминентниот народњак – „Отишо си, сарме пробо
ниси“, го погребаа Маршалот Тито – последниот херој, спремен на донкихотската борба против ова народњачко зло, кое сè повеќе и повеќе добиваше ултра-шовинистички конотации. Сè помногубројни елитни политичари доаѓаа од „народњачката“ провиниенција, настаните во бившата држава стануваа сè подраматични и поагресивни, а „народњачката“ поетика само долеваше масло на огнот. „Чаше ломим, руке ми крваве…“ не е само љубовен народњак, изразен со груба експресија, во потконтекстот тоа е, всушност, повик на меѓунационално клање, кое ќе земе замав по дефинитивната пропаст на федерацијата, на само десетина години по смртта на Маршалот Јосип Броз – Тито. Бадијала беше заклетвата – „Друже Тито, ми ти се кунемо, да са твога пута не скренемо“, сега поинаква поетика ги движеше масите, но не кон „справедливата“ социјалистичка револуција, која ќе ги подготви политичко-економските состојби за што побрзото устоличување на комунизмот, напротив, сега масите врз национална основа грабаа кон колективниот оргазам – „Другарице, склони амбалажу, да утерам кеца у гаражу“. Што би рекол Гај Јулије Цезар, коцката веќе беше фрлена и немаше никаков маневарски простор да се избегне судирот помеѓу цивилизациските и култивирани сили и овие новоизраснати претставници на вулгарниот национал-шовинистички народњачки транс, кој во меѓувреме си го смени името во „турбо фолк“, иако во потполност остана во сферите на шундот, притоа добивајќи и политички амбиции. А пропо овој историски моментум, од оваа дистанца можам со голема сигурност да кажам, дека во огромна мера токму турбо фолкот внесе една ужасна примитивност и агресија и благодарејќи му на овој мас–културен феномен, граѓанската војна во бившата СФРЈот беше толку бескомпромисна и однесе толку многу жртви.

Секако, бившата јужнословенска федерација не преживеа, не само поради големите фрустрации на малите балкански народи да се има држава, туку најмногу поради одвратната култура на турбо фолкот, која зацари со сите аспекти на културниот и политичкиот живот и го направи животот во оваа средина веќе неподнослив. Сега веќе сите интегрални чинители на овој културно-политички простор бараа спас во бегството од оваа турбо-фолкерска неман, која голташе сè пред себе.

Сепак, турбо фолкот ја преживеа апокалипсата на јужнословенската федерација. Едно време како да беше во изолација, бомбардирањата од страна на НАТО алијансата врз тогашната СРЈ го напикаа во глувчешка дупка, каде го чекаше примирјето, за оттаму повторно да се оттргне со сиот свој арсенал на заводливост, од воспалителното еротично рикање (повик на парење), кое би требало да биде музика, па сè до вештачки генерираните дојки и задници, што гарантираат неандерталски секс.

Денес веќе ништо не може да му застане на патот. Тој преживеа ама баш сè. Од комунистичкиот прогон на црвената буржоазија, на чело со маршалот Тито, од војната со рокенролот и сите авангардни правци во музиката, па сè преку граѓанската војна и распадот на федерацијата (која, всушност, и му беше оперативна мрежа, низ која влегуваше насекаде и господареше со огромна територија, земајќи ги приликите во предвид), па сè до агресивните и разорните удари на НАТО, кои малку го уплашија, но тој – турбо фолкот, на крајот и тука излезе како победник.

Има една андерграунд поговорка, која вели – „Глупоста е најголемата сила во светот, зошто нема свест и критички однос кон себе си“. Така и шундот, кој еманирајќи во турбо фолкот, ни ја потврди оваа цинична вистина. Инаку, поимот шунд потекнува од германскиот збор „шинден“ [schinden], што значи – да се одере кожата или крзното од мртво животно. А зборот „шунд“ го означува неупотребливиот и безвреден отпадок од тој процес.

Leave a Reply