Monday, 23 October 2017

Црквата “Свети Пантелејмон” во Велес

Црквата „Св. Пантелејмон“ се наоѓа во Велес. Црквата е изградена во 1840. Воедно таа е и соборен храм на Повардарската епархија при МПЦ. Нејзината изградба била извршена од познатиот македонски неимар и градител на цркви во Македонија и низ Балканот, Андреја Дамјанов со своите браќа, од велешкото село Папрадиште. Во близина на црквата се наоѓа гробот на славниот и опеан македонски револуционер Миле Поп Јорданов.

Sv.Pantelejmon-Veles

Градската соборна црква Св.Пантелејмон се наоѓа југозападно од градот од десната страна на реката Вардар, на неколку стотини метри оддалечена од последните куќи во една длабнатина. Теренот, на кој е поставена, прилично е стрмен, особено од западната страна, каде што над црквата високо се издига ридот Вршник, а од источната стрмо се спушта во Велешката клисура, дури до брегот на Вардар и главниот пат кон југ. Заради тоа соѕидана е подлога за црквата, а како бедем од источната страна изграден е потпорен ѕид од деклан камен, како кај одбранбените тврдини. Во дворот на црквата, при самиот влез, поставена е камбанаријата, а десно од неа во правец на црквата се изградени неколку зградички, кои служат за разни потреби. Камбанаријата е подигната во 1904-1905 година, за која цел дотогаш служеле црковните клепала.

St_Panteleimon_Church_Veles

Црквата има два влеза: еден од север, а другиот од југ. Што се однесува до постанокот на црквата Св.Пантелејмон има повеќе верзии. Тие се базираат, главно, на народното кажување и на извесни предметни сведоштва. На прво место, како непобитен факт, е тоа дека денешната црква е од поново време, а старата, која постоела како мала црквичка, можно е во старо време да служела како манастир на стариот средновековен Велес. Во секој случај, нејзиниот денешен изглед датира од 1837-1940 година. Идејата за обновување на црквата се родила од самата потреба. За време околу 4 години (1837-1840) црквата била оспособена за богослужба. Во таа година црквата била осветена од велешкиот владика Игнатиј. При осветувањето на црквата, извршено на 9 август 1840 година, на владиката му помагал месниот свештеник поп Грујо, кој во исто време заедно со Хаџи Ѓорѓи Дрндар бил најзаслужниот човек за изградбата на црквата. Дефинитивното довршување на црквата траело се до 1847 година, а во 1849 година е поставено клепалото.

sv pantelejmon

Веќе подолго време постои проблем со лизгањето на земјиштето на ридот над црквата. Тоа претставува голема опасност и закана црквата да биде затрупана од земјата која се лизга. За решавање на овој проблем предвидена е изградба на потпорен ѕид.

sv pantelejmon 3

Црквата е трибродна базилика со големи димензии и пространа галерија од сите страни на катот. Дел од декоративните елементи се изработени во византиски стил, а дел имаат обележје на барок. Црквата е позната по прекрасната акустика добиена како резултат на вградувањето на грнчарски производи во ѕидовите како и користење на лушпи од јајца во малтерот.

sv pantelejmon 2