Sunday, 26 September 6286

Третиот степен – Мајстор

Тешко е да се објасни степенот на Мајстор масон, затоа што тој опишува психолошки процес кој во нашето општество се случува многу ретко, а и кога ќе се случи, тоа е толку личен процес, што само неколкумина кои го доживеале, се подготвени да разговараат надвор од ним блиските кругови.

Третиот степен ја пренесува легендата, која во една или во друга форма, се среќава речиси во секоја култура. Легендата има два аспекта – првиот е праисконската катастрофа, несреќен случај кој е проследен со огромни загуби и предизвикува голема штета на целото човештво, а вториот аспект алудира на средствата со кои загубата може да се насочи кон добро и да се воспостави првобитната, блажена состојба на човештвото.

Смртта опишана во Третиот степен не е физичката смрт која го прекинува периодот на отелотвореност, туку индивидуален, психолошки процес, кој сепак на некој начин е сличен на физичката смрт. Темата се поставува со повторно одигрување на убиството на Главниот архитект, најмладиот од Трите големи мајстори во градењето на Храмот на цар Соломон.

Масонската легенда вели дека Хирам Абиф бил погребан во гроб три стапки источно и три стапки западно, три стапки помеѓу север и југ. Ритуалот на Третиот степен, каков што ложата го изведува, едноставно го опишува процесот на умирање на сопството во драматична форма.

Постои и друг начин да се разбере нивото на свест кое го претставува Мајсторот масон. Исто како што ученикот располага со алатки за делување, Помошникот со алатки за проверка, така Мајсторот масон има работни алатки за создавање или креирање – молив, калем и шестар.