Tuesday, 21 November 2017

Патување

Да се шеташ со умот значи да отовориш пред себеси најневозможни и најнеочекувани патишта. Да патуваш, на пример, не само по просторот, туку и низ времето…

Има многу видови патувања. Некои од нив се далечни, а некои се само кратки прошетки низ соседството.

Но има и прошетки при кои телото воопшто не се движи, туку тоа се прошетки на умот. Всушност, во една суштинска смисла, токму тие прошетки можат и да допрат до најоддалечените точки на познатото. Во овие прошетки при кои патува мислата, може да се тргне и во насоки во кои ниеден физички шетач не може ниту да помисли да прошета. Да се шеташ со умот, значи да отвориш пред себеси најневозможни и најнеочекувани патишта. Да патуваш, на пример, не само по просторот туку и низ времето. Па, дури и отаде просторот и времето, да се отпатува по едвај претпоставените патишта на апстрактното, на хипотетичното, на непознатото.

Поводот за ваквото патување може да произлезе од каде било или, пак, од никаде. Доволно е само да се препуштите на импулсите кои доаѓаат во вашите души од сите страни на постоењето. И од бескрајните простори на бесконечниот простор и време или, пак, од неспознајните длабини на самото Битие, во кое сме и кое е во нас.

Всушност, ние сме во едно перманентно патување, дури и кога воопшто не сме засегнати или преокупирани од какво било движење, ниту на физички, ниту на ментален план.

А оваа можност да отидеме толку далеку со нашата свест е најголемиот и најфасцинантен талент што сме го добиле во оваа наша космичка егзистенција. Оваа потенција на нашиот ум, а уште повеќе на нашиот дух е едно неспоредливо богатство. Конечно, богатството на духот е единствената релевантна вредност на овој живот. Сето друго е само суета или метаболизам, кој ја претвора материјата од ресурс во отпадок.

Но да прошетаме малку низ сите тие можни патишта на познатото, претпоставеното и непознатото. Како Аргонаутите во потрага по златното руно или, пак, како Одисеј на патот кон својата родна Итака. Низ историјата и географијата.

Да допловиме до очекуваното, до богатите брегови на нашата имагинативна надеж.

И сите овие исфантазирани патешествија или експедиции го инспирираат човека на дејствување, макар и во сонот.

Но понекогаш сонот станува јаве, а фантазијата волја, која ги носи протагонистите до нивните брегови, непознати и егзотични, брегови на кои се покажуваат светови и живот со неспоредлива убавина и со исклучително богатство на биодиверзитетот, на флората, на фауната, но и на таинствениот свет на минералите.

Алчноста за спознание и алчноста за поседување се мешаат во чудесен амалгам и го тераат човекот на акција. Заинтересираноста и желбите создаваат мотивации толку големи и страсни, што понекогаш дејствуваат како судбина, иако, всушност, се избор, при кои бегството во рискантните авантури било само неспособност да се издржи во мачната здодевност на предвидливото, на повторливото, на чувството на прикованост.

Да се доплови до богатите брегови на Новиот свет, до Костарика, до големото непознато, во кое мноштвото и воодушевува и плаши.

Костарика е една од првите колонијални зони на извесните претпоставки на пионерите од западноевропскиот цивилизациски корпус, оној јужниот, медитеранскиот, кој фантазијата ја претвори во откритие, а откритието во еден нов свет на можности. „Богатиот брег“ – Костарика, денес е име на една латиноамериканска држава.

Претпоставките растат до неверојатни ентитети, понекогаш.

Потоа, откако конквистата во името на Кастилја, а подоцна и папството, ги откри богатите брегови, почна да гради цивилизација. Но најпрво инфраструктурата, местата каде што ќе доаѓаат и ќе заминуваат бродовите, галиите, каравелите од Стариот свет. Да се создадат пристаништата, од каде што ќе доаѓаат и ќе заминуваат богатствата, оние вредности на дивиот и девствен свет и оние од цивилизацијата на европските кралства и империи. „Порторико“ – богатото пристаниште. Место, каде што се тргува и каде што се разменуваат најразлични добра. Од оние материјалните, до оние кои се неспоредливо повредни, до оние етеричните, искуствените, наративните.

Секој со својот товар талка по светот.

Некој товарот го носи со мака и демне над него како ѕвер над своите младенчиња, подготвен да нападне или да убие при секоја загроза од другиот, од сомнителниот, од предаторот што секогаш трага по пленот, по богатството што некој го стекнал со мака, а можеби и со итрина, со насилство, понекогаш, сеедно, важно за пиратот е да го приграби по секоја цена, без оглед дали се работи за чесен работник, за итар измамник и шпекулант или за колега-криминалец и насилник, често пати и убиец.

Некој товарот или, ако сакате, стекнатото богатство го носи со зачудувачка леснотија. Таквиот човек има специфично богатство, кое е невидливо за разбојниците и убијците, за предаторите и мршојадците, инкарнирани во човечки облик. Тој човек своето богатство го носи во своето сеќавање, во својот ум и во својата душа. Криминалците не се закана за ваквиот човек. Тие дури и се спријателуваат со него, а не така ретко и споделуваат по нешто со него. Можеби поумните криминалци од Карибите и можат да насетат некаков имот кај ваквиот човек, но добро знаат дека со насилство нема да добијат ништо, туку само со пријателство и дружба. Порторико – држава-доминион, што се труди да стане полноправна држава на САД.

И конечно, Америка, Северна и Јужна, два споени континенти, така упатени еден на друг, а воедно, така различни. Секако, нивното богатство е толку големо и живописно, толку фантастично.

Именувани според Америго Веспучи, тој што по историската авантура и погрешната перцепција на Кристофер Колумбо, кој мислеше дека го открил западниот пат за Индија, ја исправи илузијата, укажувајќи дека се работи за сосема нов континент. Америго од Фиренца, фантастичниот морепловец и истражувач во служба на шпанската круна и католичката вера.

Неговото име (т.е. неговата латинска верзија – Americus (Vespucius), по која е именувана Америка) значи „тој што го сака богатството“; аме – од amare (итал.) – сака и рико од ricco (итал.) – богат.

Така овој нов континент го доби името „љубител на богатството“ или во слободен превод на македонски би се нарекол „богатољубец“ или во женски род – „богатољупка“. Америка.

А самиот збор „богат“ во словенските јазици е изведен од зборот Бог. Тој што е богат е подобен на Бога. Тој има многу и аналогно на неговата имотност, е во состојба да генерира моќ и да управува со другите.

Но тоа не значи дека неговото место во божјата држава или рајот е загарантирано, зашто за да се здобиете со престој во оваа зона на свеста, потребни се екстраординарна добрина, мудрост и емпатија.

Во една прилика Христос рече: „Полесно камила ќе пројде низ иглени уши, отколку богатиот во царството небесно“. Но не го рече ова како осуда, туку како предупредување, за да се разлачи богатството пропадливо од богатството вечно, кое е во духот.