Saturday, 19 October 2841

Македонскиот народ го отсликувал својот живот на небото

Верувањето на дедо Боне од селото Соње дека секој човек се раѓа со ѕвезда што го следи се додека е жив или приказната на баба Елена од Побожје дека ѕвездите се кал што бебето Исус ги фрлал кон небото додека си играл се само мал дел од народните преданија што можат да се прочитаат во првата книга од областа на етноастрономијата и етнометеорологијата, “Небото над Македонија” на Ѓоре Ценев, што завчера беше промовирана во Планетариумот при МКЦ. На 180 страници се испишани исказите на околу 1.000 луѓе од 120 села низ земјава, што биле собирани повеќе од две децении. Книгата е збогатена и со второ дополнето издание на Ѕвездена карта на македонскиот народ.

Ценев, кој е дипломиран физичар, ја добил идејата да почне со вакви истражувања откако се вработил во Планетариумот.

– Во 80-тите години се вработив и држејќи ги предавањата за основците и за средношколците сфатив дека немаме никакви сознанија за верувањата на македонскиот народ за небото и небесните појави. Во етнолошката литература во земјава немаше никакви податоци од оваа проблематика и затоа почнавме со истражувања. Во соработка со Институтот за фолклор “Марко Цепенков” и Етнолошкиот музеј на Македонија, изработивме анкетни прашања и на истражувачките акции, што се организираа секое лето во јули, почнавме да собираме податоци низ селата. Најинтензивните истражувања се случија во периодот од 1982 до 1986 година – објаснува Ценев.

Тој во 1984 година го свртел вниманието и на научната јавност на поранешните југословенски простори за етноастрономијата.

– Учествував со излагање на Конференцијата на астрономите во Белград и научниците од различни земји се заинтересираа и почнаа да организираат истражувања за етноастрономијата. Но мојата книга е прв комплетен материјал од оваа област во бивша Југославија – додава Ценев.

Книгата е поделена на два дела: етноастрологија и етнометеорологија.

– Во првиот дел се ставени народните верувања за ѕвездите, соѕвездијата и небесните тела, а во вториот за појавите како грмотевици, врнежи или снег. Старите Македонци она што го гледале на земјата го пресликувале и на небото, а приказните се врзуваат со изгревањето на телата. Некои од легендите потекнуваат од пред христијанскиот период. Постојат и различни приказни во различни делови на земјата. На пример, Млечниот Пат во Западна Македонија е Кумова слама, а во Источна е Попова слама. Приказната е дека попот имал кумашин од кој украл сено. Во тоа време крадењето од кум било најголем грев и Господ го казнил попот со тоа што му ја расфрлил сламата по небото – вели Ценев.

Македонците планетата Венера ја нарекуваат ѕвезда Деница, а планетата Јупитер – Мами-карван.

– На времето, голем дел од луѓето се издржувале од трговија. Летно време за да одат во Солун тргнувале многу рано и затоа се орентирале според ѕвездата Деница. Станувале кога уште било темно и кога ќе ја виделе Деница тргнувале на пат, бидејќи за кратко време требало да се раздени. Но, се случувало да ја смешаат Јупитер со Венера, кој се појавува во 11 часот или на полноќ и тргнувале на пат мислејќи дека наскоро ќе се раздени и патувале цела ноќ. Затоа Јупитер го нарекле Мами-карван – објаснува Ѓоре.

Книгата може да се купи во Планетариумот за 200 денари.

Ценев во иднина ќе учествува и во меѓународен проект на шест балкански земји за етноастрономија и археоастрономијата, под покровителство на УНЕСКО. Најавува и реализирање на билатерален проект од оваа област меѓу Бугарија и Македонија.

Дневник 2006та

 

Извадоци од Небото над Македонија на ЛОЗА