Saturday, 19 August 2017

Македонскиот Глас на ВМРО

Со овој прв број на информативно – политичкото списание ГЛАС се вклучуваме во новите процеси на духовното, културното и политичкото живеење во Македонија. Сведоци сме оти последните година дена, како поттикнувачи или, просто, како набљудувачи, си го менуваа ликот старите гласила, а се појавија и нови. Со оглед на тоа што и старите, и новите, само делумно го изнесуваа духот, чувствата и потребите на македонскиот народ, навремено беше воочена нужноста од поцелосно согледување на комплексната политичка, стопанска и духовна состојба на Македонската држава. Во нашето гласило најголем број ќе биде одделен за оние теми, настани, личности и проблеми, кои што до скоро беа најмногу занемарувани па дури и спречувани. Навистина, тој процес на детабуизација го започнаа други, но ние ќе се потрудиме сега тој да добие интегрален вид. Во другите гласила нескромно се тврди оти биле објективни при селекцијата на информациите по степен на важност, како и при политичката оценка на процесите кои што се движат пред нашите очи. Си допуштаме да се посомневаме во таквите тврдења, имајќи ги во предвид сите оние злонамерности, перфидности, малициозности, подметнувања, шпекулации, заткулисни игри и сето она кое што останало неиспукано од огромниот болшевички арсенал од основањето на ВМРО – ДПМНЕ (17.06.1990 г.), низ целата предизборна кампања, а сега се има прелеано и во постизборниот период.

glas1 1

Од своја страна, ние не сакаме да ја избегнеме критиката за нашата идеолошка обоеност. Ние ја имаме нашата, македонска боја, за разлика од оние кои што имаат некоја туѓа, антимакедонска боја, како што е југословенството… Ние отворено изјавуваме дека општествените и културните промени ќе ги согледуваме низ нашата партиска (национална) оптика.

ВМРО – ДПМНЕ е татковинска партија и темелот на нејзината културна и политичка заложба е НАЦИОНОТ.

Од денес ГЛАС ќе ги разгласува вековните копнежи и надежи на Македонците.

Да даде Бог Македонскиот Глас никогаш да не замолкне!

glas1 2

ГЛАС, информативно – политичко издание на ВМРО – ДПМНЕ

Година 1, број 1, 31 јануари 1991

Редакциски совет – Тодор Богданов (претседател), Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски, Димитар Црномаров, Слободан Јанковски, Ратка Димитрова, Душан Глигоров, Коле Мангов, Митко Анастасовски, Милош Линдро.

Редакција – Јордан Даниловски (главен уредник), Доста Димовска, Драги Арсов, Младен Србиноски, Љупчо Јакимовски, Крум Велков.

Ликовна опрема – Кочо Фидановски.

glas1 3