Thursday, 21 September 2017

Македонија – парите и историјата

Историја на парите во Македонија е преглед на мошне долг временски период на постоењето на парите како платежно средство, од монетоковањата на македонските родовски заедници векови пред нашата ера, па сè до денешниот македонски денар како валута на Република Македонија.

Почетокот на монетоковањето на територијата на Македонија датира од крајот на VI п.н.е, кога пајонските заедници почнале да ги издават своите сребрени монети само еден век подоцна од појавата на монетите во светот. Во текот на VI век п.н.е. меѓу заедниците кои ја населувале оваа територија се издигале владетели коишто, по примерот на малоазиските владетели, почнале да издаваат свои пари, сребрени парчиња со стандардизирана тежина на кои биле втиснати претстави карактеристични за нивната заедница. Во почетокот, парите биле користени за купување мир, т.е за плаќање данок на Персијците и за трговија.

На крајот од VI век и во текот на V век п.н.е. племињата кои ги населувале регионите на Пајонија, Македонија и Тракија влегле во своевидна монетарна унија, па нивните пари биле ковани со ист тежински стандард, имале исти номинали и иконографија која е блиска, но сепак со белег на посебност, а била поврзана со нивната религија и со секојдневниот живот. Парите што биле ковани пред 480 г. п.н.е. содржат претстави само на аверсната(предната) страна, додека на реверсот(задната страна) е втиснат инкузен квадрат, отпечаток што настанал во самиот процес на нивната изработка. Поголемите номинали најчесто содржат композиции на човек и говедо. Кај деронските и лајајските примероци е прикажано некое локално божество или можеби самиот владетел во кола влечена од говедо. Сонцето, шлемот или растителниот мотив коишто често се дел од аверсната композиција можно е да претставуваат своевидни ковнички знаци. Македонските племенски заедници биле во тесна врска со пајонските, па некогаш и тешко се разграничуваат едни со други. Меѓу обединувачките претстави кои се јавуваат на монетите е сонцето, кое подоцна ќе прерасне во препознатлив симбол на македонската кралска куќа на Аргеадите.