Monday, 23 October 2017

Критика

Благодарејќи им на исфрустрираните политиканти и на налудничавите аспиранти што сонуваат да станат фактори на политичката инфлуенца, конструктивната, објективната и достоинствената критика на општествените процеси и настани, исчезна. И сето ова е навистина тажно, пред се’, поради тоа, што во овие неколку години наназад, на сите овие, желни за јавна промоција карактери, им се овозможуваше секојдневна шанса да ги изложат своите критички ставови надолго и нашироко.

Потоа, доколку тие се држеа до еден пристоен систем на експликација и елаборација на своите ставови, кон овој полемички предизвик ќе се придружеа многу различни мислители од сите можни провиниенции од локалната и глобалната сцена и, како резултат на овие дебати, ние денес ќе добиевме солидни осврти на одредени естетички и филозофски дилеми и контроверзи на денешницата. Потоа, со систематизација и селекција на најинтригантните и најинспиративните ставови ќе се создадеше еден антологиски осврт на духот на времето и креативните модалитети што го одредуваат. И, конечно, оваа збирка на полемичко-критички текстови ќе создадеше убава база на податоци и референци за ова, по се’, чудно и контроверзно време, од кое можеби ќе се инспирираат или само, едноставно, ќе го проучуваат мислителите што ќе произлезат од идните генерации граѓани и експерти, заинтересирани за историјата, историјата на уметноста, книжевната критика и сите други видови креативност на мислата и зборот.

Но, вакво нешто не се случи, а како што гледаме, темата што предизвика толку многу жолчност и бука, веќе одамна стана минато. Таа полека, но сигурно ја губи својата жестока провокативност, тезите на критиката се веќе по илјада пати повторувани и стануваат здодевни. Никој повеќе не сака да се заморува со невротичните ламенти и глупавите напади на критичарите, кои наголемо го изгубија својот интелектуален кредибилитет и што е уште пострашно, својот морален дигнитет.

Се прашувам по се’, дали оваа пропаст на опозициската критика се должи на нивното изместување на тезите, на нивната непринципиелност во водењето на дебатите, на слабото ниво на информираност и знаења што го манифестираа при нивните напади или пак ги проголта непримерната сила на нивната омраза, што беспотребно ја иницираа во оваа долга и истоштителна полемика, што остана да сведочи со целата своја гротескност и неартикулираност како незавршена фабричка конструкција.

Ужасниот подмолен, навредувачки, дискредитирачки, клеветнички, аморален, дискриминирачки, а, над се’, нивниот дефицитарен, во секој поглед вокабулар, што се однесува до артикулираноста, аналитичниста, интелегибилноста, инвентивноста, информираноста и конечно, убаво срочената реч, ги разбрка сите оние отворени, ентузијастички и интелектуално потентни личности од сцената. Така, тие деликатни и внимателни луѓе кои имаа што да кажат, без оглед на тоа, дали емотивно би биле апологетски или негативно расположени кон предметот на опозициската критика, останаа настрана од овој демонизиран цунами на бесовите од нашето соседство.

А како и не би се дистанцирале, кога опозициската критика немаше никаква мера во своето демонстрирање нецивилизираност и некултивираност. Нејзината стратегија на тотално понижување на опонентот ја остави сама на бината како некаков патолошки случај, кој наспроти сите законитости и добриот манир, упаѓа насилно на сцената и до бесвест го спроведува својот грд, недоветен и навредувачки монолог, повторно и повторно до бесвест, се’ додека редарите на тој метафоричен театар не ја симнат од штиците што живот значат – секако во името на животот, во името на подносливоста.

Но, тука нештата не завршуваат. Во моментот кога квалификуваните, за оваа немила дејност на симнување на неподносливите, во естетски и морален контекст, насилници од сцената, ќе го направат тоа под влијание на измрцварената публика, која веќе не може и не сака да го поднесува нивниот одвратен и наметлив став што повредува и навредува, тие, самопромовираните интелектуалци на денот и експликатори на времето во кое живееме, почнуваат да шират револуционерен сентимент, а воедно испраќаат хистерични пораки во етерот, како биле политички репресирани, тие, авангардните структури на локалната културна заедница, тие, хероите на општествениот активизам, онеправданите и малтретираните визионери.

И онака обидот да им се претстави некој поинаков став од нивниот завршува со хистерично одбивање, но и со злобен и енергичен напад.

Дијапазонот на нивните напади се движи од вулгаризмите, со кои обилно ве гнасат или насилно ве хранат со фекалии, до едно простачко навредување на вашата личност, при кое се користат сите можни ваши физички или психолошки недостатоци кои евентуално ги имате (не дај боже да имате некој видлив инвалидитет, тие ќе се концентрираат на тој детаљ со невидена злоба и упорност, која во комбинација со нивната неинвентивност и тоталното отсуство на емпатија, ќе создаде цела една кампања на прогон, како да се работи за самиот нечестив), а ако и ова не ве згади и не ве натера на повлекување, тие ќе применат уште поекстремна тактика, при која ќе почнат да ви се јавуваат на телефон (најчесто анонимно) и ќе се закануваат по вашиот живот или по животот на најближните.

Ете такви се нивните интелектуални стратегии и тактики. Едноставни, грди и насилни. А потоа, сите ќе се прашуваме зошто немало достоинствена полемика во ова така провокативно и необично време?