Monday, 23 October 2017

Кој може да стане масон?

Молбата за прием на кандидатот мора во себе да содржи лична изјава дека тој го почитува и му се восхитува на масонскиот Ред и искрено бара да му пристапи поради причини кои немаат никаква врска со очекувања за остварување на некаква лична корист и бенефиции. Неговата молба се разгледува на телата на Ложата, се проценува неговиот карактер и неговата репутација во средината во која живее и доколку ги задоволи критериумите неговото барање се става на тајно гласање или традиционално “балотирање”

Традиционално никој не треба да биде “поканет” да се приклучи на Редот, туку потенцијалниот кандидат за членство треба да покаже очекуван интерес и сам да побара прием. Во старите времиња вообичаено било потенцијалниот кандидат, три пати, во различни временски интервали да побара прием, со што го потврдувал својот голем и искрен интерес и лична желба. Ова симболично е поврзано со убедувањето дека потенцијалниот нов член “најпрво станува Масон во своето сопствено срце”. Ваквата традиција и процедура посредно потврдува дека мисловната Слободна Масонерија никогаш не била креирана со цел да биде “тајна организација”, бидејќи тешко е да се замисли – како некој би имал силна желба да стане член на организација за која не би требало да знае ниту дека постои.

Молбата за прием на кандидатот мора во себе да содржи лична изјава дека тој го почитува и му се восхитува на масонскиот Ред и искрено бара да му пристапи поради причини кои немаат никаква врска со очекувања за остварување на некаква лична корист и бенефиции. Неговата молба се разгледува на телата на Ложата, се проценува неговиот карактер и неговата репутација во средината во која живее и доколку ги задоволи критериумите неговото барање се става на тајно гласање или традиционално “балотирање”. Во специјално изработена дрвена кутија за гласање, има две подвижни прегради означени со “да” и “не”. Секој член на Ложата, независно од кој степен е, спушта бело пластично топче во кутијата и со тоа го дава својот подеднакво вреден глас. Откако сите присутни членови на Ложата ќе гласаат, Старешината ги извлекува од кутијата, една по друга, преградите и ги покажува видливо на сите Браќа. Доколку сите топчиња се во “да” преградата тогаш балотирањето се смета за целосно успешно или “бистро” што значи дека барањето е прифатено и кандидатот е квалификувано потврден за можен прием. Доколку има едно или повеќе топчиња во “не” преградата, тогаш се применуваат правила кои се предвидени со Конституцијата, што значи дека гласањето било “матно” или “црно” и тоа резултира со одложување на постапката за извесен временски период или пак целосно одбивање на барањето. По “бистрото” гласање, логично се определува на кој следен состанок на Ложата кандидатот ќе биде инициран како новопримен Ученик Слободен Масон.

Пред почетокот на состанокот за иницијација, кандидатот Ученик повторно се преиспитува и од него се бара да потврди дека е искрено мотивиран и никако не е наговорен или евентуално поколебан, слободно да побара прием, дека нема лични користољубиви очекувања, дека има желба за учење, знаење и самоизградба. Потоа, одговорните Браќа треба прописно да го “подготват” преземајќи неколку симболични промени на неговата облека и барајќи од него да ги остави сите “металнии предмети кои ги има на сигурно место. Долговековната традиција на оваа “подготовка” меѓу другото налага на кандидатот да му се стави превез преку очите со што и објективно му се оневозможува нормално да гледа околу себе и со тоа симболично му се укажува дека е во светот на темнината. Ваквата “подготовка” на кандидатот која од современ аспект делува архаично, како впрочем и целосните масонски ритуали, всушност претставува силна потврда на довербата која кандидатот ја има во Редот, во искрените и добри намери. Всушност кандидатот симболично се сведува само на “правиот себе”, ослободен од профаниот статус и богатство. Вака “подготвен” тој ќе зачекори во Ложата ослободен од надворешните влијанија, од металните (вредни) предмети, од предрасудите и неконтролираните страсти.
Во оваа фаза, секако целосно воден и помогнат од одредениот Брат, од кандидатот се очекува да побара прием, односно се очекува да манифестира “активна” улога, по своја слободна волја и одлука.

Првото зачекорување низ, за него сега, отворената врата на Ложата за кандидатот има многу сериозно значење затоа што го означува почетокот на неговото индивидуално патување барајќи и откривајќи ја “светлината на Слободната Масонерија”.
Неговиот прв чекор не смее да биде брзоплет или нервозен туку спокоен, цврст и одлучен. Во текот на церемонијата, тој осознава дека симболично патува од запад кон исток и дека е во “потрага по Светлината”.
По комплетирање на уште неколку дејствија и ритуални дијалози и инструкции, кандидатот е повторно доведен пред пиедесталот на Старешината на Ложата, каде следи најсвечениот и симболично најдлабокиот чин на иницијацијата – полагањето на масонската заклетва. Потсетувајќи ве на нешто што претходно во оваа книга веќе беше елаборирано, повторно ќе ги нагласам афирмативните зборови на Старешината, пред воопшто да започне со свечената заклетва – “…Моја должност е да Ве известам дека Масонеријата е слободна и за своите мистерии бара целосна слобода на определбата кај секој кандидат. Таа е заснована на најчистите принципи на доблест и пиетет. Поседува големи и непроценливи предности и за да може тие предности да се обезбедат за посебни луѓе, а ние само на посебно вредни луѓе веруваме, потребни се заклетви на верност. Но, дозволете ми да Ви укажам и да Ве уверам дека во тие заклетви нема ништо несовпадливо со Вашите граѓански, семејни, морални или религиозни обврски…”

При тој чин на полагање на свечената заклетва, кандидатот за прв пат доаѓа во директен контакт со трите “Големи Светла на Масонеријатаа – Светата Книга, Аголникот и Шестарот. Од кандидатот се очекува, претходно, во согласност со неговите лични религиозни убедувања, да посочи на која (за него) “Света Книга” сака да ја положи заклетвата. Така доколку се работи за кандидат од исламска вероисповед, обично е отворена и книгата на Куранот.

По полагањето на свечената заклетва, кандидатот ја бакнува Светата Книга како доказ на својата искреност и верност кон обврските. Тогаш Старешината го прашува која е во тој момент неговата најголема желба и тој го дава исправниот одговор – “Светлината”. По тој одговор, превезот му се симнува од очите и ново обврзаниот Брат за прв пат со своите очи може да ја види “Светлината на Ложата”.

Понатаму во ритуалната работа на првиот степен постепено, но импресивно впечатливо му се откриваат “тајните” на Ученикот Слободен Масон. Му се објаснува симболичното значење на ракувањата, зборовите и знаците на тој степен; значењето на трите Големи (иако амблематски) Светла; му се откриваат трите помали Светла кои се поставени на исток, југ и запад на Ложата и симболично ги претставуваат Старешината, Сонцето и Месечината – Старешината да раководи со Ложата, Сонцето да владее со денот, а Месечината да управува со ноќта. Потоа следи посебно интересниот дел од церемонијата кога новиот Брат ја добива својата прва, ученичка Престилка. При тој чин, му се објаснува дека “белата Престилка” е симбол на невиноста и искреноста, дека таа е “постара од Златното Руно или од Римскиот Орел, многу почесен симбол од некое друго признание или Највисокиот Орден на било кој друг Ред…” Потоа му се покажува правилниот начин на носење на Престилката кој е симболично идентичен на начинот на кој била носена од страна на Ученикот при градбата на Соломоновиот Храм.

Во текот на церемонијата новиот Ученик ја добива и првата лекција за важноста на масонското добродетелство и светата задача да се помогне на Братот Слободен Масон, но и на секој човек кој има потреба за тоа, секако само до границите на неговите реални можности и само доколку таквата негова великодушност не му нанесува штета нему или на неговото семејство.

Масонски Мозаик од Живко Груевски