Tuesday, 21 November 2017

Историја и пазар

Историјата на уметноста и пазарот имаат сложено и повратно дејство. Нивните почетоци датираат уште од преминот на праисториското во историско време.

Отпрвин се работи за интеракцијата помеѓу потребите и вишокот на производство на одредени објекти, што предизвикувале естетски или религиски восхит. Тука не е во прашање само креативната невроза (С. Фројд), што продуцира одредени артефакти без одредена функција (освен естетската), туку и необјаснивата потреба за естетски предмети од страна на човекот, а посебно од оној кој држи до своето достоинство, кое најчесто произлегува од владетелската позиција.

Владетелот е најдостоен, во политичко-општествена смисла, да стане собирач и заштитник на убавите предмети без конкретна функција. Тој станува персонификација на пазарот и историјата. Сепак, пазарот и хиерархијата на вредности што се стратифицирани преку експертизата на делата и специфичните потреби на елитите во општеството се само второстепен ефект од феноменот на уметничката продукција.

Првостепениот е необјаснив и во својата генеричност потсетува на чудесната космичка аналогија на создавање… Или, можеби, обид да се застане наспроти ентропијата, да се создаде нешто, што ќе му одолее на времето и ќе се спротивстави на смртта и исчезнувањето – најстрашната параноја за едно мислечко и емотивно суштество, како што е човекот.

Тука повторно доаѓаме до системот на вредности, иницирани од потребите на пазарот, но овој пат како супститути за веќе општоприфатените културни вредности. Така владетелската елита, чувајќи ги уметничките дела како конкретна и супститутивна вредност, им дава заштита и со тоа го создава ресурсот за појавата на историјата на уметноста.

Со развитокот на овие комплексни односи помеѓу пазарот и историјата на уметноста се развива и односот помеѓу уметноста и општеството. Често пати се случува дисхармонија помеѓу маркетиншките и уметничките критериуми, но овие недоразбирања се од краткотраен карактер (ако се земе предвид „долговечноста“ на историјата). Овде, секако, пазарот повеќе игра улога на некаква гигантска галерија, која му ги нуди своите производи на софистицираниот колекционер, персонифициран во историјата на уметноста.