Западен Балкан

Оваа одредница е од понов датум и е резултат на геостратегиските прекројувања од последните две декади. Секако, на глобални нивоа тоа кореспондира со прастарата римска девиза – „подели и владај“ . Инаку, се’ до деведесеттите Балканот не бил делен по вертикала. Тој повеќе бил разделен по хоризонтала, уште од времето на Византија (до Дунав), а и во следните векови, кога Турската Империја владееше со регионот.

При создавањето на државата на Јужните Словени, по дислоцирањето на Турското Царство („Болниот на Босфорот“) кон југоисток, се појави нов геостратегиски играч кој го зафати токму овој простор – просторот на Западен Балкан.

Создавањето на оваа најсилна геополитичка творба на Балканскиот Полуостров има своја предисторија уште од времето на романтизмот во таканареченото Илирско движење (Илириски покрет) во кој членуваа највидните интелектуалци од јужнословенските земји (Људевит Гај, Јуриј Штросмаер, Вук Караџиќ итн.) и кое своето заедничко потекло го гледаа уште од антиката. За нив Илирите беа протословенски народ, кој ги населуваше просторите на централниот и западниот Балкан. Токму оваа група интелектуалци сметаа дека со ослободувањето од германската, унгарската и турската доминација ќе се создадат услови за формирање значајна држава на Балканот, во која народите со заеднички историски корен ќе најдат свое културно и политичко засолниште.

Но, југословенската држава (Кралството СХС, Кралството Југославија и СФРЈ), која се создаде по Првата светска војна, имаше многубројни проблеми од најразличен карактер што ќе придонесе, конечно, за нејзината дисолуција при крајот на минатиот век. Ова распаѓање беше проследено со низа крвави судири помеѓу братските народи, желни за посебна промоција на глобалната политичка сцена.

Се разбира дека оваа нова балканска трагедија не помина без силно замешателство од големите сили.

Откако границите на западниот политички фактор (НАТО и ЕУ) се поместија до Русија, Украина и Белорусија, проголтувајќи ги земјите од бившиот Варшавски пакт, па и балтичките државички, кои беа дел од СССР, се постави проблемот на „нервозните“ народи од Западен Балкан, народи перцепирани како недоволно цивилизирани за конструктивно функционирање во ново имплементираниот систем на вредности. Затоа геостратегиските планери на Западот го создадоа овој антрополошки резерват во кој беше сместена територијата на бившата СФРЈ без Словенија, видена како доволно цивилизирана и конструктивна држава, а кон оваа нова регионална творба беше додадена Албанија, држава со многубројни политички и социјални проблеми. Сaмите држави втурнати во оваа нова поделба на Балканот, воопшто, не се чувствуваа задоволни од овој тип позиционирање, но волјата на победниците во студената војна никако не можеше да биде ставена под прашање.

Посебно незадоволни од оваа нова класификација беа Хрватите, кои за себе сметаат дека се централноевропски народ, а не некакви си Балканци кои пет века биле културна и политичка колонија на османлиите. Но, тоа што ќе го зготви Вашингтон мора сите беспоговорно да го исркаат, без оглед на силната аргументација од кој било тип. По оваа поделба настана внатрешно дисциплинирање на непослушните племиња од резерватот „Западен Балкан“, кое кулминираше со масовното бомбардирање на СРЈ од страна на НАТО и создавање на протекторатот Косово како нов геополитички фактор.

Така Западот го решаваше проблемот на овој регион, создавајќи уште поголеми анимозитети кои за извесно време беа поттурнати под тепих. Но, проблемите на Западен Балкан ни оддалеку не се решени, тие тлеат и при некоја нова промена на светскиот геополитички распоред ќе ескалираат со целата своја сила. А тоа значи нов синџир на конфликти со далекусежни последици.

Никаде во Европа на толку мал географски простор нема толку многу држави. И ова не е дефинитивниот геополитички статус на Западен Балкан. Тука има реални потенцијали за нови поделби и создавање нови држави.

До каде би одело ова вситнување? Веројатно до тотална фрагментација на Западен Балкан, до формирање еден мозаик од држави кои повеќе би личеле на антички полиси отколку на современи политичко-национални ентитети со отворени интереси и доволно голем животен простор за реализација на една релативно спокојна политичко-економска интеракција во иднината.

Амбициозноста на малите држави да станат големи и важни фактори во светскиот поредок, во очите на големите сили личи на бес на пудлици што се затрчале со френетично лаење кон гигантските шлепери што се движат по патот на историјата. И самите инспиратори на оваа амбициозност некаде длабоко во себе го знаат ова. Но, здодевноста и ништожноста со кои се заканува реалноста ги тера безглаво да ги повторуваат истите грешки. Колку да им биде позабавно на големите играчи од светската геополитичка сцена.

Leave a Reply