Sunday, 24 September 2017

Губитници

Во уметноста губитниците се најпроминентните модели, а тоа е поради аурата на трагичност и елегичност која зрачи околу нив и која создава еден романтичен занес што произлегува од емпатичните тенденции, кои секогаш извираат од сите оние сентиментални битија што ги има насекаде околу нас и кои, едноставно, мораат да ја споделуваат лошата судбина на загрозените, да спасуваат и да помагаат, да бидат луѓе. Тоа сожалување што се шири наоколу во однос на оние бедни губитници, создава цела една армија од апатични суштества, кои талкаат по просторот и шират застрашувачка пропаганда којашто проповеда пропаст.

Всушност, уметноста ги користи губитниците за да го прикрие лошиот статус на сопствените креативни капацитети по прашањата на стилот или, пак, изразната моќ, па преку просјачки и сентиментален мезмеризам, да предизвика поголема актуелност.

Таква е патетичноста, таа секогаш предизвикува внимание, таа внесува вознемир во нашите души и не’ окупира со својата мизерија што ја избегнуваме по секоја цена и среќни сме ако не сме инфицирани од неа, а за оние, пак, кои се жртви на губитништвото, имаме најтопли желби за нивно брзо и консеквентно спасение. Но, всушност, ние сме само воајери и воопшто не ни паѓа на памет да влеземе во потполна идентификација и преземање на губитничкиот товар. Сето тоа му доаѓа како мека перверзија на задоволство, да се биде на сигурно и да се биде среќен, што воопшто не сте во кожата на губитникот. Таков е животот, суров и превртлив, сите бегаат од ужасот на губитништвото, од скршените проекции, од повредената суета, од неподносливата болка. Тоа бегство може да биде и суицидот, толку е гадно и вознемирувачко губитништвото.

Посебно се застрашувачки сцените со губитници што не се предаваат, што јуришаат на барикадите или позерски ја пушат својата последна цигара пред водот за стрелање. Ваквите слики сигурно ќе не’ трогнат, тука нема бегање. Тивката подмолна среќа и едно олеснително чувство на длабока благодарност до провидението, ја исполнува нашата душа при децидната реализација на свеста, дека не сме тие што ќе бидат погубени, а притоа мора и да ја одржат лекцијата за моралот, убавината и љубовта.

Значи, губитниците се полезни за една целовечерна катарза кога се на дистанца, но кога ќе се приближат на ниво на реалноста, тогаш чувството се менува, а доблесните ламенти исчезнуваат.

Тогаш останува една незгодна паника, што генерира и воспоставува параноични состојби. Само бегството од таа реалност е посакувана опција во тие моменти. Колку што е губитникот поблиску и пореален, толку аурата на романтичност е помала и понезабележлива.

Ако, пак, се извлечете од тој простор на губитничка зараза, дури тогаш ќе бидете благодарни и среќни што не сте настрадале заедно со губитникот. Но сето ова не е така едноставно. Губитниците знаат понекогаш да бидат прилично агилни во процесот на пропаѓањето. Последните остатоци од надежта, што се дават во неизбежната агонија, прават од губитникот безумен и агресивен монструм, кој својот паничен страв од непознатото и ултимативната болка ја манифестира во грчевитите обиди да ги повлече со себе сите оние што му се на дофатот на рацете или, пак, кои се’ уште имаат сомилост во тие безизлезни моменти.

Никој не сака да го искушува овој динамичен и застрашувачки пекол. Никој не сака да биде губитник, освен на филм или во претстава како артист.

Но оваа констелација на нештата ни укажува на една фундаментална илузорност, на невистина и измама. Културните меѓу нас ќе се обидат да бидат пристојни, дури и да понудат некаква материјална или, пак, емоционална компензација што би му ја олеснила позицијата на губитникот, но тоа е само цената што треба да се плати за да се избега од таа грозна гравитација на губитништво, која самиот протагонист на лошата среќа ја зрачи се’ посилно и посилно, се’ додека конечно не станете роб или заложник на тој амбиент што носи само страдание и чемер.

Затоа поклониците на моќта, што ниту имаат намера, а уште помалку интерес за асоцирање со губитниците, кои талкаат наоколу како зомби и со себе ја носат епидемијата на ужасот, измислија цели системи за екстерминација на овие несреќници. Тоа се стратегии и тактики, но и софистицирана технологија што губитникот го става пред свршен чин и го трга од лицето на земјата, перципирајќи го како штетник. Нивното оправдување пред историјата се темели врз добро разработената теорија за општествената хигиена.

За ваков поглед на светот не е потребен некој посебен талент. Доволно е да немате чувство за возвишеност. Ваквата ситуација на дефицит од чувството за естетика и етика е силно компензирано од завидно развиените инстинкти за самоодржување, неретко проткаени со манична хипохондрија или со опсесивна скептичност кон страдалниците дека се, всушност, камуфлирани деструктивци или, пак, непријателски агенти на мрачните ирационални сили.

Но ваквите карактери се вистинска праисторија за современите општествени анализи на политичките афери на моментот.

Би сакал да придонесам во правецот на подобрувањето на севкупната клима на конфронтираните интереси, на групациите идеолошки и партиски активисти, но мора да признаам дека ниту знам, а ниту, пак, имам капацитети да ги променам нештата. Тоа е претстава, поставена од непоимливо моќни сили што го создаваат моментот на реалноста и никој и ништо во нашето опкружување не може да стори нешто, што би го изменил курсот на овој процес. Единствено што може да се направи е да се исклучиме. Но тоа е само едно ново бегство.

Изолирани цивилизации и заборавени племиња
Штркот единак и неговото јато 1
Новиот албум на La Colonie Volvox
Робовите се борат за слобода, а слободните за совршенство
Одлука од кралот Филип Трети Аридај испратена до хеленските граѓани
Римските денари во Македонија
Манастирот Свети Никола - Ад'р баба теќе
Масоните ни пуштија ѕврчка - Солун е наш, ама баклавата е грчка
Природонаучниот музеј на Македонија (галерија)
Интервју со Мартина Димоска - еден од најмладите амбасадори на Република Македонија