Monday, 20 November 2017

Венецијански грошеви и српски динари

Венецијанскиот грош кој бил воведен во времето на дуждот Енрико Дандоло со својата стабилна тежина од 2,17 грама и непроменливата чистота на среброто од 98,5 % станал доминантно платежно средство во трговијата. Карванската трговија која се одвивала помеѓу Венеција и внатрешноста на Балканот била главна причина за циркулација на венецијанските грошеви на територијата на Македонија, паралелно со византискиот монетарен систем. Нивното присуство започнало набрзо по воведувањето и со различен интензитет продолжило се до потпаѓањето на овие области под османлиска власт. Во втората половина од ХIII век, паралелно со венецијанските грошеви, во Македонија циркулирале динарите на српските владетели. Српската средновековна држава почнала да емитува свои пари во времето на кралот Радослав, но дури по освојувањето на северниот дел од Македонија од страна на Милутин, во 1282 година, тие станале доминантна парична единица на овие простори. Српските динари во почетокот ги имитирале венецијанските грошеви, а од првата половина на ХIV век, динарите добиле чисто византиска иконографија. Покрај овие промени, и инскрипциите од латински се смениле во кирилски. Во Скопје бил донесен Душановиот законик и со овој законик било регулирано и правото на издавање на пари со што на златарите им се забранувало да коваат пари на други места, освен во градовите во кои се наоѓа царската ковница.

Ако се пронајде златар во градот кој кова пари тајно, златарот да се изгори, а градот да плати глоба.