Thursday, 19 October 7713

Легенди и преданија – Змеј и Ламја

Населението верува дека постојат змејови и ламји, дека тие се во постојана борба летно време едните со другите; дека првите од нив се чуварите на сеидбите, а другите, нивните разрушители.

Според верувањето како змејот, така и ламјата се раѓаат од луѓе, првиот од добри и богоугодни родители, а ламјата напротив – од некој угурсузи, зли. Змејот е машко дете, а ламјата – момиче. Тие имаат крилца под мишките, но само праведните луѓе можеле да им ги видат. Како змејот, така и ламјата се носеле во стомакот на мајка си не девет месеци како што е обично, а 15, 18 или и 20 месеци. Населението зборува со симпатии за змејовите, а ги мрази ламјите.

Улогата на змејот и на ламјата е следнава:

Летно време, обично кога житата растат и пред жетва штом времето се расипе и започне да грми и да паѓа дожд, тогаш ламјата (била таа уште детенце во лулка ли возрасна жена), како пакосница заспива, и духот нејзин тргнува во нивите, за да го сосипува житото. Во истото тоа време и змејот (уште дете или веќе маж), за да го сочува бериќетот, и тој исто така заспива, а духот негов ќе појде да го проследува  духот на ламјата. Штом тие два духа се сретнат, – каде и да било тоа, – започнува ужасна борба меѓу нив. Ламјата се бои од змевот и, штом го види или усети, таа полетува во облаците, но и змејот не ја остава на мира, туку ја брка додека ја стигне и ја смачка од ќотек и ја натера да се врати дома. Во времето кога станува таа борба, тогаш највеќе грми и светка.

Се верува уште, дека ако некој би го превртил или преместил детето – змејот, кога спие, и духот му е во облаците, тоа, кога ќе се вратело, не ќе можело да си го познае своето тело, и во таков случај змејот умирал. Во времето, кога станувала борбата во облаците и по нивјата, телото на заспаниот змеј се обливало само во пот и подоцна детето – змеј се чувствувало уморено два-три дена на ред.

Македонски народни умотворби

д-р Марко Китевски

Легенди и Преданија

книга деветта