Friday, 19 October 5364

Шамански митови и обреди

РЕЛИГИИТЕ НА ДРЕВНА ЕВРОАЗИЈА : ТУРКО-МОНГОЛСКИ, УГРО-ФИНСКИ, БАЛТИЧКО-СЛОВЕНСКИ

од Мирча Елијаде

246. Шамански митови и обреди

 

 Во митовите за потеклото на шаманите се издвојуваат две многу значајни теми: 1) ,,Првиот шаман” бил создаден од Бога (или од небеските богови); 2) но поради неговата злоба, боговите строго му ги ограничиле моќите. Според Бурјатите, тенгрите решиле на човештвото да му подарат еден шаман за борба против болестите и смртта кои ги донеле лошите духови. Тие го испратиле Орелот; овој забележил една заспана жена и имал однос со неа. Жената родила син кој станал ,,Прв шаман”. Истото верување постои и кај Јакутите. Но Орелот го носи и името на Севишниот, Аји (,,Творец”) или Аји Тојон (,,Tворец на светлината”). Децата на Аји се претставени како духови – птици кои стојат на гранките на Дрвото на светот; на врвот се наоѓа двоглав Орел кој е веројатно олицетворение на самиот Аји Тојон.27 Предците на шаманите – чии души имаат извесна улога при изборот и иницијацијата на кандидатот – потекнуваат од овој ,,Прв шаман” кого го создал Севишниот во форма на Орел.

Меѓутоа, улогата на предците во денешниот шаманизам некои ја сметаат како назадување. Според бурјатското предание, во дамнешните времиња шаманите добивале моќи непосредно од небеските духови; тие дури денес нив ги добиваат од своите предци.28

Ваквото мислење е одраз на верувањето, присутно насекаде во Азија и во арктичките предели , за опаѓање на шаманизмот. Некогаш, ,,првите шамани” навистина летале во облаците со своите ,,коњи” (т.е со своите барабани), можеле да добијат каква било форма и правеле чуда кои нивните денешни потомци не се способни да ги повторат. Бурјатите таквото опаѓање го објаснуваат со годеливоста и злобата на Првиот шаман: кога тој влегол во натпревар со Бога, овој драстично му ја ограничил моќта.29 Во овој етиолошки мит може да се открие посредното влијание на дуалистичките верувања.

 

Шаманот игра главна улога во верскиот живот на заедницата, но не ја исполнува. Тој не е оној кој ја принесува жртвата,30 а во Алтај тој се вклучува во свечените обреди при раѓање и свадба само ако се случи нешто невообичаено; на пример, во случај на неплодност или тешко породување. Наспроти тоа, шаманот се покажува како незаменлив при секоја церемонија која е поврзана со искуствата на човечката душа како таква: болести ( губење на душата или нејзина опседнатост од зли духови) и смрт (кога душата треба да се одведе на другиот свет). На други места во Азија, на шаманите им се обраќаат кога дивечот станува редок, или заради нивното познавање на екстатичките техники (претскажување, видовитост итн.).31

Описот на принесувањето коњ како жртва на Алтај што го дава Радлов е станат класичен. Секое семејство од време на време славело принесување на жртва и свечениот обред траел две или три вечери една по друга. Кампот (= шаманот) на дива ливада поставува нова јурта во чија внатрешност сместува бреза без гранки, обележена со девет зарези. По многу претходни обреди, тој го благословува коњот и со помош на неколку помошници го убива кршејќи му го ‘рбетот така што не ќе потеќе ниту една капка крв. Откако на предците и духовите – заштитници ќе им се принесат жртвени дарови, се приготвува месото и се јаде според правилата на обредот.

Вториот и најзначаен дел на обредот се случува следната вечер. Ставајќи си шаманска носија, камот повикува мноштво духови. Тоа е долга и сложена церемонија која завршува со ,,вознесение”. Шаманот, удирајќи на тапанот и викајќи, прави движења со кои покажува дека се издига на Небото. Во ,,екстаза”, тој се качува на првите зарези од брезата, продирајќи со ред во различните неба се до деветтото или, ако е силен, до дванаесеттото или дури и повисоко. Кога ќе стигне до највисокиот врв до каде го држи силата, шаманот застанува и го повикува Бај Улген:

 

,, Ти, Улгене, ти ги создаде сите луѓе…

Ти, Улгене, на сите ни даде стада!

Не оставај не да паднеме во неволја!

Направи да можеме да му се спротиставиме на Злото,

Не ни го покажувај Кермес (лошиот дух),

Не не предавај во неговите раце…

Не ги осудувај моите гревови!”

 

Шаманот дознава од Бај Улген дали жртвата е прифатена и добива претскажувања во врска со времето и новата жетва. Оваа епизода ја претставува врвната точка на ,,екстазата”: шаманот се струполува изнемоштен. По некое време тој ги трие очите, се чини се буди од длабок сон и ги поздравува присутните, како по некое долго отсуство.32

 

Извишувањето на Небото има надоместок во слегувањето на шаманот во Пеколот. Овој обред е многу потежок. Слегувањето може да биде вертикално, или хоризонтално, а потоа двојно вертикално ( качување по кое следува слегување.) Во првиот случај, шаманот се чини како да ги симнува една по една седумте ,,скали” или подземни предели наречени пудак, ,,пречки”. Него го придружуваат неговите предци и духови – помошници. По секоја помината ,,пречка”, тој опишува нова подземна епифанија. На втората ,,пречка”, се чини како да прави алузија на метални звуци; на петтата, слуша бранови и силно дување на ветер; најпосле на седмата го здогледува дворецот на Ерлик-кан изграден од камен и црна глина и утврден од сите страни. Шаманот пред Ерлик изговара долга молитва ( во која го спомнува и Бај Улген, ,,тој од горе”); потоа се враќа во јуртата и на присутните им ги соопштува резултатите од патувањето.

 

Вториот тип на слегување – хоризонтално а потоа вертикално – е многу посложен и подраматичен. Шаманот јава низ пустини и степи, се искачува преку Железната планина, повторно јава и пристигнува пред ,,Отворот за чад на земјата”, влезот во другиот свет. На слегување наидува на море, поминува преку мост широк колку влакно од коса,33 минува пред местото каде што ги мачат грешниците и со јавање стигнува повторно пред домот на Ерлик-кан во кој успева да влезе и покрај кучињата и вратарот што го чуваат. Средбата со Кралот на мртвите – успешно прикажана со мимика – содржи многу епизоди, воедно страшни и смешни. Шаманот му дава на Ерлик разни дарови и најпосле алкохол. Богот на крај се опива и станува милослив, го благословува, му ветува множење на добитокот итн. Радосниот шаман се враќа на Земјата, качен не на коњ туку на гуска. Тој си ги трие очите како да се буди од сон. Го прашуваат: ,,Дали добро јававте? Дали успеавте?” А тој одговара: ,,Прекрасно патував. Многу добро бев примен!”,34

 

Како што набрзо ќе видиме, овие екстатични слегувања во Пеколот се многу значајни за религијата и културата на алтајските народи. Шаманите се зафаќаат со нив за од Владетелот на мртвите да добијат благослов за добитокот и жетвите (како во горенаведените примери), но особено за да ги одведат покојниците или да се обидат да ја ослободат душата на болниот, која била заробена од демоните. Сценариото е секогаш исто, но драматичните епизоди се разликуваат од еден народ до друг. Шаманот со мимика ги прикажува тешкотиите на кои наидува при слегувањето сам или со своите помошници; по пристигнувањето душите на мртвите не и дозволуваат на новодојдената душа да влезе, та тој мора да им понуди ракија. Сеансата станува се пожива, а понекогаш и смешна. Во други случаи, по многу доживувања, тој стигнува во земјата на мртвите и во толпата духови ги бара блиските роднини на душата која ја довел за да им ја довери. По враќањето, на сите свои помошници им ги пренесува поздравите од нивните мртви роднини и дури им дели мали подароци што овие им ги пратиле.35

 

Но главната функција на шаманот е лечењето. Болестите обично се должат на заблуденост или на ,,грабнување на душата”. Шаманот ја бара, ја фаќа и ја спојува со телото на болниот. Понекогаш за болеста постои двојна причина: кражба на душата која е влошена со ,,опседнатоста” од лошите духови, така што шаманското лечење се состои како од потрага по душата така и од истерување на демоните. Барањето на душата многупати е само по себе цела претстава. Шаманот го отпочнува екстатичното патување најпрвин во хоризонтален правец – за да се увери дека душата не е ,,заталкана” некаде во блиските или подалечните предели – а потоа слегува во Пеколот, го препознава лошиот дух кој ја држи заробена и успева да му ја оттргне.36



27  Сп. ги изворите наведени во Le Chamanisme, стр. 71-72. Кога Аји Тојон го создал Првиот шаман, во своето небеско живеалиште тој посадил една бреза со осум гранки, а на тие гранки поставил гнезда во кои биле децата на Творецот. Покрај тоа, тој засадил три дрвја на Земјата; за спомен на нив, и шаманот поседува една дрво од чиј живот и самиот е на некој начин зависен; сп.Ibid., стр.72 фусноти 2,3. Во своите иницијациски соништа, некои шамани се пренесени до Космичкото дрво на чиј врв се наоѓа Господарот на Светот.

28 L. Sternberg, ,,Divine Election”, стр. 495. Шаманите и кај Монголите зависат единствено од своите преци;сп. Heissig, ,,Les religions de la Mongolie” , стр. 354 и след.

29 Сп. Le Chamanisme, стр. 70

30 Како што набрзо ќе видиме, кај Алтајците самиот шаман го принесува коњот како жртва, но тоа го прави бидејќи има задача душата на жртвата да ја одведе кај Бај Улген.

31 Види ги упатите во Le Chamanisme, стр. 154 и след.

32 Radlov, Aus Sibirien, II, стр. 20-50; кус приказ во Le Chamanisme, стр. 160-165

33 За да даде потресна слика за своето патување, тој се клати и за малку избегнува да не падне. На дното од морето забележува коски од безброј шамани кои таму паднале, бидејќи грешникот не успева да го премине мостот.

34 Види Potanin, кус приказ во Le Chamanisme, стр. 169-170.

35 Види ги примерите наведени во Le Chamanisme, стр. 174-176.

36 Види ги примерите наведени во Le Chamanisme, стр. 180 и след.