Tuesday, 19 September 2017

Карактеристики на Богомилството

Религиозната основа на која настанало Богомилството е Христијанството, во неговиот изворен облик. Богомилите за себе велеле дека се „крстјани“ и за Христос имале извонредна почит. Тргнувајќи од ставовите од почетоците на Христијанството, тие сметале дека за поединецот да му се обрати на бога, не му се потребни посредници – луѓе од црковната институција, кои веќе биле длабоко огрешени во лакомоста и неморалот, ниту пак е неопходен црковен објект. Тие, во почетокот, своите проповеди и нивните духовни покрстувања, ги изведувале најчесто на отворен простор во близина на селото, односно градот.
Во почетокот на X век веќе се појавуваат и првите пишани документи кои зборуваат за почетокот на Богомилството. Тоа е една листа анатеми од провинцискиот синодик на православието, донесена помеѓу 912 и 925 година, за време на патријархот Никола. Во речиси исто време се појавува полемиката на Јован Егзарх, со дуалистичките еретици. Овие документи ги поткрепува и житието на Св. Климент, во кое се зборува за „лошата ерес“ во охридската област, по Климентовата смрт.И покрај ваквата основа на нивното учење, тие го отфрлиле Христијанскиот монотеизам, а го прифатиле теолошкиот дуализам. Според нив целиот видлив и материјален свет е создаден од двата бога, богот на светлината и на темнината, на доброто и на злото, кои паралелно постојат во светот и во секого од нас. Со светот владее постојаниот двоен принцип на создавањето и на уривањето. На тој начин тие ја објаснувале и социјалната неправда, постоењето на богатите феудалци и црквата и сиромашното закрепостено селанство. „… Да му се рече на светот од ‘светиот феудален строј’ дека ‘не е создаден од бога’, туку од ‘Ѓаволот’, дека во него нема ‘света вистина’, туку ‘вечна борба’… во која ‘слепи фарисеи’ ја задушуваат вистината на ‘словото божје’, дека човекот не треба да верува, туку треба да мисли… дека има смисла човекот да живее, да има висок и совршен идеал – борба со сето што е од ‘сотоната и од сотонско потекло’, но не само во самите нас, туку во прв ред во општеството, во општественото устројство, во општествениот живот… дека светот на господарите и болјарите е светот на ‘сотоната’ и треба да пропадне и дека само светот на слободата и еднаквоста на ‘децата божји’ е свет што треба да се извојува. Во темната средновековна ноќ, во времето на ‘светата тишина’, во часот кога и нашите православци на изгубеното и уништено човечко суштество му го закопаа длабоко и разумот и свеста… – во тој час и низ таа ноќ, мистично мрачниот дуалистички збор екна и најмногу возможно човечки, навистина епохално историски.“

Отпрвин како верско-опозициона секта, Богомилството ги мобилизирало народните маси во борба против сè појакото феудално поробување. Тивкиот и прикриен револт, се претворил во отворен и бурен протест, па движењето се претворило во вистинско социјално реформаторско движење со отворени стремежи за промена на општествениот поредок, при што најизразено било нивното барање за „укинување на сите општествени установи што ги водел феудализмот.“
Најважното еретичко жариште на Богомилството, воедно и првата црковна општина, била во Македонија, во областите кои ги населувале племето Драговити. Од тука Богомилството било пренесено во целото Повардарие, потоа на целата територија на Македонија, а од тука било проширено во Бугарија, Србија, Босна, а поминало и во Италија, Франција и некои други земји. Многу длабоки траги остава дуализмот во градовите на Северна Италија и Јужна Франција, каде што станал идеал на граѓанството. Во Италија дуалистите се познати како Патарени, а во Франција – Катари, со тоа што и едните и  другите ја сметале Драговитската Богомилска општина за своја матица.
За нивното влијание на развојот на дуалистичките движења, како и за нејзините врски со новооформената еретичка црква во Италија и Франција, но и за организацијата и функционирањето на Богомилската црква на Балканот, едно од најзначајните сведоштва представуваат актите на Катарскиот собор одржан во 1167 година во Сан Феликс во Караман, близу Тулуз, во Франција. На овој собор председавал папата Никита од Цариград, приврзаник на еретичката црква од Драговитија, а од одлуките на овој собор се познати „седумте цркви на Азија“, меѓу кои се споменуваат “ecclesia Romanae, Dragumetae, Meliguae, Bulgariae I Dalmatiae”.
Врз основа на достапната литература, според Драгојловиќ, може да се докаже вистински континуитет во развојот на Богомилската ерес, од почетните рудиментарни форми до потполно автентична и теолошки заокружена целина, меѓутоа и вистинска хронолошка врска помеѓу временски одвоените вести, од почетокот на X, па сè до средината на XV век, само во Македонија, во областите каде што живееле Македонските Драговити. Во останатите делови на Балканот и Мала Азија, се појавувало повремено, прекинувано повеќепати со подолги периоди на затишје.
Она што за нашето понатамошно истражување е многу интерсно, е симболиката која ја употребувале Богомилите, како и остатоците во материјалната култура, обичаите и верувањата, кои можеме да ги сретнеме и денеска.
Своето непочитување на храмовите како „Домови Божји“, го темелеле на Матеевото Евангелие (6.6), во кое како место за молитва (според македонскиот превод), се препорачува „скришна соба“ во нивните домови. Сведоштвото за постоење на молитвени простории наоѓаме во легендите за поп Богомил, според кои неговото родно место е селото Богомила, во чија близина се наоѓа и неговиот гроб, каде бил изграден параклис, кој на Богомилите им служел како молитвен дом.

– Меланија Шерденковска БЛЕСОК бр 15, јуни-јули 2000