Monday, 23 October 2017

Баење со колцето на кривата воденица

Над градот Битола, колку саат и пол, има една воденица од десната страна крај патот, кога да одиш за во Магарево.
Таа воденица ја викаат крива воденица.
Водата што го врти колцето од таа воденица и колцето што го врти водата што тече низ циунот за голем лек се за битолчани (најповеќе за жените).
Од ден Величетврток ќе зафатат да одат кај кривата воденица битолчани и од селата, да се мијат од водата и да се вртат на колцето, до ден Спасовден.
Најарно било, во трите Величетвртоци да одат за да се мијат тие што имале најлоши маѓии.
И во друзите дни чинело да одат и да се мијат за здравје, ама како што било арно во трите Величетвртоци, не било толку многу арно во друзите дни.
Од ден Величетврток кога ќе зафатат луѓе да одат – асли како на некој манастир;
не само болни одат, ами и здрави:
болните одат да се мијат да оздравеат, а пак здравите – да не се поболат.
Тие што се многу маѓепсани, што им се кажало на книгите,
ќе му дадат некоја пара на воденичарот и ќе влезе болниот или болната под воденицата, та ќе седне на колцето и ќе се фати за вретеното со обете раце,
и ќе го пушти циунот воденичарот да го врти водата колцето, не како што го врти секогаш, ами наопаку.
Да речеме, ако се вртело колцето надесно, да го заврти тогај налево, чунки така било непендек.
Кога ќе се врти колцето, жената ќе си вели сама со себе:
„Како се врти колцево од воденицава, така да му се сврти умот на мажа ми
(или на жената), да ме сака и да ме милува”.
Така ќе рече до трипати и ќе слезе,
та ќе се измие од водата што тече под воденицата.
Ќе натопи две кошули со вода:
едната нејзина, другата од мажа и,
и ќе му ја даде на мажа и да ја носи.
Без да знае мажот и оти е натопена со водата од под колце.
Така и жената ќе си ја облече и ќе ја носи до четириесет дни.
Ете од тоа било непендек да се расипе маѓија.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ