Monday, 23 October 2017

Астрална проекција

Астрална проекција (или астрално патување) е езотериска интерпретација на искуствата наречени „патувања надвор од телото“, при што астралното тело се одвојува од физичкото тело.За разлика од сонувањето, астралната проекција може да се практикува намерно.

Идејата за астрално патување се базира на општоприфатеното религиозно објаснување за задгробен живот,а патувањето на душата е опишано со термини како „патување надвор од телото“ при што патувачот го напушта своето физичко тело и патува со суптилното тело (или сонувачкото тело или астралното тело) во `други` области“.

Астрална проекција или астрално патување се однесува на астралното тело или двојникот кое е дел од физичкото тело на човекот и кое може да патува низ астралот. Астралното тело во класичната средновековна и ренесансна неоплатонистичка философија, како и во подоцнежните објаснувања на теозофијата и розекрајцеризмот, е светлосно тело кое ги соединува душата и физичкото тело, а астралот е свет на светлина, кој се состои од сфери на планетите и ѕвездите, и претставува простор меѓу небото и физичкиот свет. Овие астрални сфери се смета дека ги населуваат боговите, ангелите, демоните и духовите.

Идејата за астралното тело се појавува во трудовите на францускиот окултист од 19 век, Елифас Леви, а потоа е присвоен од теозофите и од од херметичкиот ред Златна зора. Теозофите нашле поврзување на оваа идеја со некои древни текстови хинду.

Терминот „астрална проекција“ се користи на два начина. Во редот „Златна зора“ и кај некои теозофи се задржува класичното средновековно философско значење – патување во други светови, но надвор од овие редови, терминот означува било какво не-физичко патување во рамките на физичкиот свет, а не само низ астралот.

Најчесто при астрална проекција, оној што ја прави опишува дека се наоѓа во сфера која нема допирни точки со физичкиот свет. Околината може да биде исполнета со ентитети, но и не мора, може да е вештачка или природна, а најчесто потполно апстрактна, пријатна или стравична. Општоприфатено е верувањето дека оној што влегува во астрална проекција има пристап до мистичното знаење наречено Акаша записи. Речиси во сите случаи на астрална проекција, се влегува во астрален свет кој е налик на сон.Некои изјавуваат дека самото „заспивање“ означува влегување во проекција.

Астралната околина се дели на „нивоа“ или „светови“. Постојат бројни различни толкувања на структурата на астралните светови во различните традиции.

Спротивно од астралната проекција, таканаречената „етерична проекција“ се опишува како способност да се движиш низ материјалниот свет, но со етеричното тело, кое обично (но не секогаш) е невидливо за луѓето кои се во своето физичко тело. Роберт Брус, Њу ејџ писател од Австралија, оваа проекција ја опишува како нефизичко ниво кое е најблиско до физичкиот свет.

Споре окултистот и мистикот Макс Хендел, етеричкото тело е медиум меѓу астралниот и физичкиот свет. Според него, етерот е прана, „животна сила“ која ги овозможува промените кај физичките форми. Од ова објаснување произлегува дека кога некој при своето искуство на проекција го гледа физичкиот свет, тој воопшто не е во астралниот свет.

Во книгите на Карлос Кастанеда проекцијата која е наречена „сонувачко тело“ е токму оваа етерична проекција.

Во окултните традиции, практикувањето вклучува разни состојби – од состојба на транс до состојба на визуализација и контролирано дишење. Во трудовите на Алистер Кроули, се употребува терминот „Тело од светлина“, а при неговата употреба се префрла свеста од физичкото тело во него, како чин на волја.

Старите шамански традиции на Индијанците, етеричното тело односно „сонувачкото тело“ го користат во секојдневието за обавување на некоја работа на голема далечина, кога не е можно да се стигне со физичкото тело. Ова е посебно објаснето во книгите на Карлос Кастанеда.

извор: Wikipedia