Sunday, 24 September 2017

Љубов

Ужасни се моментите без љубов, дури и за најгордите и најсуетните, за егоистите што суверено доминираат со просторот, за предаторските карактери што ќе го исцицаат вашиот рацио и ќе ве отфрлат како потрошен предмет, за сите самодоволници и саможивници, што гледаат само во себе. Грозна е лагата која избива од недостигот од љубов, како врела лава од вулканите на нашите лудила. Нашите страсти здивуваат кога нема љубов, не’ креваат угоре и не’ уриваат во пеколни бездни, преполни со неутешна болка. Немирот е нашиот придружник кога љубовта ја нема. Љубовта помеѓу луѓето, братската и сестринската љубов, љубовта помеѓу родителите и децата, љубовта помеѓу пријателите, сопружниците и проколнатите љубовници, кога исчезнува љубовта сите се изгубени, очајни, безнадежни се сите утехи од овој свет кога љубовта не’ напушта. Нема играчка со љубовта. Ако не сте го научиле ова или, пак, сте го заборавиле, тешко вам, опасно ќе се испечете на пеколниот оган. Бадијала ќе бидат сите ваши трикови и целата ваша сила доколку ја потцените љубовта. Без неа нема да остане ништо од вас. Полека и сигурно ќе потонете во непријатен мрак, кој се’ повеќе застрашува, а вие не можете да сторите ништо за да се извлечете од тоа место што навестува ужас.

Љубовта е трпелива и внимателна, не потценувајте ги овие доблести кај ближниот, многу ќе ве чини. Не навлегувајте во лавиринтот на себеобожавањето, каде што љубовта не сака да оди, отпрвин ќе ви биде возбудливо, а потоа ќе сфатите дека сте очајно осамени. Утехата не доаѓа лесно, верувајте. Сепак, доволно е да се соочите со сопствената мизерија, со грдото во себе и да се појави надеж за љубовта. А потоа трпеливо и нежно, дозволете и’ на љубовта повторно да ве исполни и исцели.

Опасно се залажувате ако мислите дека ова блажено отворање за љубовта ќе го доведете до ниво на рутинска вежба. Неколкупати и ќе ви успее, а потоа ќе следат неуспеси, кои ќе се редат низ времето, со силни изгледи оваа прокоба да не престане, се’ до судниот ден.

Бидете внимателни кон оние што зрачат со љубов кон вас. Доколку не го почитувате ова свето правило, кога-тогаш, работите ќе тргнат на лошо, а животот ќе ви се претвори во вистински пекол. Во своето самољубие не ги гледате повредените вљубеници, што така фриволно ги претворивте во празни сеќавања.

Страшна е темната шума со ужасни ѕверови што демнат врз вас, каде што неосетно сте заталкале на ова место без љубов. Сега е веќе доцна за итрости и вештини, вашите магиски способности се укинати, чувствувате слабост и страв, единствено што остана е голиот живот, кој како да не вреди ништо. Без љубов е навистина гадно, а најгадно од се’ е што немате никаква контрола врз овој процес. Се’ зависи од вашето поведение, а вие сте тргнале по патот на вашето самоволие.

Сега е доцна да се вратите назад од лавиринтот на очајот кон љубовта, која стана само сеќавање во вашето поразено јас. Од мрачните лавиринти на стапицата на вашата падната гордост завива минотаурот на уништувањето. Болката станува несносна и непрестајно расте, без љубов се’ станува неподносливо, банално и грдо. Црни гаврани пролетаа на тегетно небо, отворајќи страшни димензии со своите траорни крикови. Глутница волци претрчува подмолно во пејзажот ишаран со дебели сенки, како на килимите од небиднината. Тука ни омразата не може да помогне во насоката на соземањето. Излишни се вашите шарм, убавина и харизма, без љубов нема кој да ги види. Без љубов ќе бидете обична лимена канта за ѓубре. Без љубов сите сме мали, ситни несреќници, ситни ништожници, грешници со несреден ум.

Затоа да се отрезниме. Да се свртиме кон љубовта. Тивко и суптилно да ги поправиме грешките што ги сторивме, мразејќи и потценувајќи се заемно, да бидеме она што всушност сме – љубов.