Monday, 25 September 2017

Ѓурѓовден во УНЕСКО

На иницијатива на Турција, земјите од регионот, меѓу кои и Македонија, иницираа проект за номинација за вбројување на Ѓурѓовден на листата на нематеријално наследство на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО). Во процесот на номинација покрај Македонија и Турција учествуваа и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Романија, Молдавија и Бугарија. Во финалниот процес на номинации беа изоставени БиХ, Црна Гора и Бугарија.

Помошникот министер за цивилни работи на Босна, Билјана Чамур, изјави дека поканата од Турција пристигнала доцна, поради што Бих и неколку други земји не стасале да ги исполнат сите услови до 31 март, кога Турција ја предаде номинацијата во УНЕСКО.

– Соработката меѓу земјите се одвиваше во преписка, усогласување на формулари и на состаноци на учесниците. Два состанока беа во Турција во 2012 година. Заедно со поплнетиот формулар предадовме видео материјали, фотографии, списоци со соодветна литература и согласност од припадниците на локалните заедници и релевантните стручни организации. Резултатите од номинацијата ќе бидат познати во 2014 година, изјави за Анадолија Саша Среќковиќ од Етнографскиот музеј во Белград, кој беше вклучен во процесот на номинација.

Тој дополни дека вбројувањето на Ѓурѓовден како заедничко наследство на неколку држави на листата на УНЕСКО, би имало позитивни ефекти на културната соработка во регионот.

Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население, што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата.

Ѓурѓовден, или Празникот на будење на пролета, препознатлив е во целиот регион и обилува со народни обичаи, кои се прават за заштита, за здравје, за плодност. Ѓурѓовден обично се врзува за ромската популација, со оглед на тоа дека Ромите го одбележуваат како свој најголем културно-верски празник.

На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден празник не ги има толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето.

Република