Monday, 23 October 2017

Чија е пушката во саркофагот на Гоце Делчев?

Дилема е дали пушката што на 10 октомври 1946 година била ставена во камениот саркофаг со моштите на Гоце Делчев е токму неговата, како што тогаш било претставено пред јавноста. Ваков сомнеж искажува дел од македонските историчари врзано за наводите во тогашните извештаи дека во саркофагот со останките на Делчев била оставена и „неговата пушка“. Тој детаљ е содржан во извештаите од погребната церемонија по повод враќањето на моштите на апостолот на македонското револуционерно движење од Бугарија во Македонија. Во весникот „Нова Македонија“, кој утредента по церемонијата во скопската црква „Свети Спас“ објави голем извештај за достоинственото простување од Делчев, е наведено дека оружјето му припаѓало токму нему.

Артефакт што не се спомнал никаде

– Kако историчар, лично, не верувам дека пушката е токму таа на Делчев, туку е некое оружје од илинденскиот период, кое го користеле нашите револуционери. Значи, ставањето на оружјето било повеќе симболично отколку што навистина било негово. Во документите за пренесувањето на моштите од Софија во Скопје што јас ги гледав таа пушка никаде не се спомнува, посочува Михајло Миневски, познат македонски историчар, кој посебно го истражува овој период на македонската историја.

Постоењето на пушката се спомнува во сведоштвата на учесниците во борбата со турската војска во Баница. Познато е дека таа траела 30 часа и оти покрај Гоце загинале уште 11 други комити.

„Се движиме низ полјаната и на околу 35-40 чекори пред нас одеднаш излегоа Турците со пушките вперени во нас. Гоце кога ги виде, ја грабна својата и викна: Верата ви мрсна! Прв почна да пука. Сите легнавме на земја само тој стоеше право и ја полнеше пушката. Му викнав да легне. Но, додека легнуваше еден куршум му помина низ левата страна од градите. Падна врз пушката. Прво мислев дека само легнал, но кога проба да се подигне гледајќи накај другарите, кои веќе бегаа кон куќите, успеа само да ги изусти последните зборови: Ах момци, рани…“, напишал во своите сеќавања неговиот соборец Михаил Чаков.

Чаков три години подоцна ќе откопа само дел од посмртните останки на Гоце од Баница од каде што потоа се пренесени прво во Kсанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков, во посебно ковчеже. На крајот, тоа се најде во Македонскиот дом во Софија, од што каде ги презедоа наши претставници. Но, во ниту една пригода досега не се спомнувало оти таму се наоѓала и пушката на Делчев.

извор – Дневник