Tuesday, 19 September 2017

Четите на Организацијата

Четничкиот институт е воената структрура на Македонската Револуционерна Организација, тој имал силна улога во популаризирањето и проширувањето на Организацијата меѓу населението во Македонија и Одринско.

Институтот официјално бил создаден со окружното на Централниот комитет од октомври 1898 година, но првите мерки се преземи од Даме Груев и Гоце Делчев во 1897 година.

Кон крајот на 1899 и почетокот на 1900 година цела Македонија била прошарана со чети, а во 1900 година се појавуваат и првите чети во Одринско.

Значењето на Институтот особено се гледа во успешната борба со османлиската армија, која не успеала да ги уништи четите, во текот на Илинденското востание.

По востанието Институтот и понатаму имал водечка улога во македонското револуционерно движење, спротиставувајќи се на четите организирани од странските пропаганди во екот на Борбата за Македонија.

По Младотурската револуција од 1908 година, институтот престанал да постои.

 

Првата чета во Солунскиот вилает била екипирана во првата половина на 1897 година во Ениџевардарско. Тоа било дело на Дамјан Груев.

Тој ја посетил областа Бојмија и тамошните села, притоа ги поканил старите арамии Апостол Петков и Иван Карасулијата кој дејствувале во Бојмија и Пајак планина, да се покорат на ТМОРО и да ги прифатат нејзините начела.

А. Петков и Карасулијата биле покрстени од страна на поп Стамат Тончев.

Четата на Апостол Петков се состоела од 7 души, во неа влегле брат му Тано, братучед му Андон, Михаил Апостолов, Андон Ќосето, Димитар Чавдаров и Атанас Карадупков.

Привремено во четата на Апостол Петков се присоединувал и Аргир Манасиев.

Во 1897 година Гоце Делчев на двапати ја посетил областа Бојмија. Неговите посети неможат точно да се датираат, но најверојатно е дека биле поврзани со четата.

Делчев со себе го донел и Михаил Апостолов – Попето кој требало да се запознае со теренот и да влијае врз четата која била поставена врз полуарамиски начела.

Набрзо по формирањето, четата на А. Петков го имала своето воено крштевање. Четата стапила во судир со аскерот кај селото Грубевци. Аскерот бил растеран, а четата немала жртви. Оваа борба го прославила името на војводата и го покренала духот на населението. Од четата на А. Петков се одвоил Иванчо Карасулијата и ги обиколувал Кожув и Пајак Планина.

Создавање на четничкиот институтот

Пред да се засили Организацијата, господари на денот и ноќта беа Турците. Подоцна, штом наближи ноќта, Турците се прибираа по домовите, а потерите и војската во касарните. Организациските луѓе, имено тогаш почнуваа да излегуваат на работа и започнуваше комитското царство

Во април 1897 година во Струмичкиот револуционерен округ дејствувале три групи. Првата група дејствувала во Малешевско на чело со Ефрем Чучков, втората во Радовишко на чело со Тодор Станков, а третата во Струмичко на чело со Стојан Георгиев.

Тие дејствувале на територијата која била зафатена од Виничката афера (Виничка афера). Тие имале задача да се сретнат со првите луѓе на Организацијата, да ја зацврстат организациската мрежа и да го закрепнат духот на населението. Подоцна се појавуваат слични групи со зголемени функции.

Во април 1898 година, Гоце Делчев побарал од Никола Петров Русински, заедно со Попето да заминат за Кукушко заедно со една чета, но Русински одбил под изговор дека е болен, всушност вистинската причина била составот на четниците.

Оваа задача ја прифатил М. Апостолов – Попето и ја екипирал четата. При првиот обид да ја минат границата биле растерани од бугарската погранична војска, но по 10 дена успеале да ја минат бугарско-турската граница и да навлезат во Серско каде биле пречекани од Дедо Иљо Крчовалијата.

Михаил Апостолов – Попето веднаш започнал со апостолската работа. Со својот строг карактер влијаел врз првите четници, а на населението му проповедал совест, бунтовништво, конспиративен дух и самоувереност во борбата.

Тој велел:

Ние ја совладавме ноќта, ама ни преостанува да го совладаме денот. Штом водиме борба, ќе го совладме и него. Важно е да навикнеме да водиме борба

Во есента 1898 година ЦК побарал од околиските раководители да поднесат извештаи за состојбата на нивните реони. Во 11 извештаи раководителите се жалеле на работата на терористичките групи, а само во еден извештај се фалела организациско-агитациската дејност.

ЦК тогаш донел одлука за расформирање на терористичките групи и нивно заменување со чети.

Во октомври 1898 година ЦК испратил окружно до околиските раководители во кое било истакнато, ако тие не поседуваат нелегални  работници за четите да го известат ЦК, а тој ќе им испрател такви лица.

Со тоа бил поставен почетокот на четничкиот институт.

Тодор Станков во своите спомени истакнува дека причините за настанување на институтот лежеле во Виничката провала, меѓутоа генезата за создавање на институт е подолга, имено основите на четничкиот институт на ТМОРО биле поставени на Солунскиот конгрес во 1896 година.

По конгресот, Гоце Делчев и Ѓорче Петров биле задолжени да го создадат новиот устав и правилник. Во новиот устав на ТМОРО од 1897 година во член 11 се истакнува дека:

Секој околиски реон има своја чета, чија задача ќе се определи со специјален правилник.

Со што се создале услови за појава на првите организациски чети и четничкиот институт, а Виничката афера само го забрзала формирањето на четите.

Татарчев истакнува дека кон крајот на 1899 и почетокот на 1900 година целата земја била прошарана со чети и дека секој реон имал своја чета.

Таквата ситуација ја наметнала потребата од точно определување на местото и улогата на четите во македонското револуционерно движење.

Поради тоа, Делчев и Ѓорче Петров врз основа на членот 11 од уставот на ТМОРО и окружното на ЦК од октомври 1898 година го изработиле Правилникот за четите на ТМОРО.

Поради недостаток на командувачки кадар, најпрво во организациските чети биле вклучени старите арамии и арамиски војводи. Тие биле погодни како егзекутори, курири, пренесувачи на оружје и друго.

Меѓу нив се вбројуваат : Кочо Мустракот, Апостол Петков – Терзиев, Иванчо Оџаров Карасулијата, Илија Крчовалијата, Атанас Тешовалијата, Георги Бродалијата, Атанас Градобалијата и други.

Тие од себе создале легенди и голем дел од нив загинале како херои.

Набргу на кадровски план, старите арамии биле потиснати од младите интелигентни кадри кои минале низ бугарските касарни.

Меѓу резервните офицери имало Македонци и Бугари, меѓу нив биле Михаил Апостолов – Попето, Христо Чернопеев, Георги Иванов Геројски (подоцна познат како Марко Лерински) и други.

Тие станале агитатори, организатори и инструктори.

Кон крајот на 1899 и почетокот на 1900 година била разбиена легендата дека учителите и граѓаните не се за горски живот.

Тие на разни начини биле распоредени по четите, најчесто како секретари – агитатори, а подоцна биле назначувани за војводи. Војводскиот кадар бил засилен и со млади идеалисти кои под вијание на револуционерната идеја и романтизмот ги напуштиле своите куќи и училишта и зеле учество во борбата против Турците.

Меѓу нив биле: Крсто Асенов, Ѓорѓи Панчев, Васил Попов, Никола Дечев, Слави Мерџанов, Јулиј Розентал и други.

Четите ја спасувале  Организацијата  при  честите  провали  и го подигнале нејзиниот престиж пред населението. Организацијата преку Четничкиот институт пред селаните добила значење на вистинска народна власт, авторитет, справедлива до жестокост и способна да ги налага решенијата.

Преку четите Организацијата почнала да ја контролира речиси сета територија на Македонија, и затоа во странските извори ТМОРО била нарекувана држава во држава или Подземна република.

Извори

 

  1. Крсте Битоски, Апостол Петков Терзиев, Битола, 1988, 18
  2. Христо Шалдев, Из револуционит борби в Паяк планина, Ил. Илинден, София 1931, 14.
  3. Г. И. Белев
  4. Основање на четничкиот институт
  5. Уставот на ТМОРО, 5
  6. Ванчо Ѓорѓиев, Смрт или Слобода, Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает, Табернакул, Институт за историјаФилозофски Факултет, Скопје, 2003.
  7. Д. Димески, Македонското национално движење во Битолскиот вилает 1893-1903
  8. Х. Силјанов, дело, 100
  9. Христо Сиљанов, дело, 99.
  10. Др Христо Татарчев, Вътрешна македоноодринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995.

Христо Сиљанов