Thursday, 20 October 3233

Херои и убијци

Херои и убијци

Книгата на Стојан Христов ја раскажува сторијата за продолжената борба за независност на Македонија

 

Последното продолжение од овој фељтон е рецензијата што „Њујорк тајмс“ ја напиша за првиот роман на познатиот американски писател од македонско потекло Стојан Христов (Stoyan Christowe). Оваа рецензија е исклучително важна од неколку аспекти. Прво, нејзината големина. Тоа не е кратка цртица за романот-првенец на еден доселеник во Соединетите Американски Држави, туку широка елаборација на историјата на Македонија и на народот што живеел во неа. Второ, преку неа македонската јавност можеби се запознава со романот „Херои и убијци“, издаден во 1935 година, кој речиси не се споменува во овдешните хроники за неговото творештво, туку нашите историчари на литературата тргнуваат од романот „Мара“ публикуван во 1937 година. Трето, што критиката во еден толку важен весник како „Њујорк тајмс“ е многу благонаклона кон квалитетите на романот „Херои и убијци“. И четврто, што преку овој роман весникот дополнително ја запознава американската јавност за борбата што ја водеше македонскиот народ против Турците, а потоа и против соседите кои по Букурешкиот договор ја поделија Македонија.

Стојан Христов, роден за време на Османлиската империја во 1898 година во костурското село Кономлади, во 1912 година во времето на масовната имиграција во Америка се преселува во државата, која е идеализирана како земја на неограничени можности. Речиси уште дете тој работи во ложилница во Сент Луис, па на изградбата на железниците во Монтана и Вајоминг, а потоа заминува во Чикаго. Желбата за знаење доминирала кај младиот македонски емигрант и тој завршил универзитет во Индијана. Потоа му се посветува на новинарството и бил дел од редакциите на повеќе весници во Чикаго. Тогаш почнува и со пишување на раскази и романи. Се зборува дека неговиот роман „Ова е мојата татковина“, бил едно од омилените четива на претседателот Франклин Рузвелт. Во 1944 година се преселил во државата Вермонт и таму бил сенатор 13 години.

По војната дојде во Македонија пречекан како голем писател. Беше избран за член на МАНУ и на Друштвото на писателите на Македонија. Во 1985 повторно дојде и му беше доделена титулата „Почесен доктор по филолошки науки“ на универзитетот во Скопје. Тогаш во Друштвото на писателите на Македонија е формирана фондацијата „Стојан и Маргарет Христов“.

По повод доделувањето на титулата „Почесен доктор на филолошките науки“, Стојан Христов рече: „Македонската тема што доминираше во моите литературни дела, ги заинтересира и другите уредници, така што веднаш се најдов на добар пат. Пишував на англиски, затоа што немав услови да пишувам на мојот мајчин јазик. Станав Американец. Америка ми стана втора татковина, но не можев да ја напуштам мојата Македонија, мојата прва мајка“. Доживеа длабока старост, умре на 98 години, во 1996 година во Вермонт.

Еве што напиша Валтер Литлфилд во „Њујорк тајмс“ за неговиот прв роман „Херои и убијци“.

5 мај 1935

За слободата на Македонија

 

Стојан Христов пишува многу подробно за крвавите манифестации на еден народ чија солидарност е толку основна, толку истрајна, што 2.000 години не ја избришаа и покрај честите етнички метаморфози; народ чија застарена идеја за слобода и патриотизам толку чудно е во спротивност со инструментите на смртта кои се користат за да се одржи, така што името на нивната прекрасна држава станува само географски израз, како некогаш во минатото, и преполни гробишта на згаснати договори во светот.

Таа земја е на Балканскиот Полуостров и голема речиси како државата Мејн. Уште откако беше колепка на моќно царство наречено според неа пред 22 века, таа беше позната како Македонија. Со распаѓањето на тоа царство, го загуби својот политички ентитет и никогаш повторно не го стекна, па беше провинција на римското, византиското и две бугарски царства, на старото кралство на Србија, а потоа и конечно боиште на Турците во Европа. Со Договорот од Букурешт во 1913 година, половината од неа и’ беше дадена на Грција, три осмини на Србија и една осмина на Бугарија.

Иако етничкото мнозинство тогаш беа Бугари, и немаше Срби во Македонија, Бугарија го доби својот минимум бидејќи нејзините војски во Првата балканска војна го загрозуваа Константинопол, кој големите сили не сакаа да го поседува, и бидејќи, на крајот од Втората, Србија и Грција успеаја да ги убедат силите дека Бугарија е одговорна за тоа. Со мировните договори од Париз беше потврдена поделбата на Македонија, но уште повеќе се смали делот на Бугарија и се затвори Егејот за неа. Бугарија влезе во Првата светска војна на страната на Централните сили и ја вовлече цела Македонија со неа. Така беше тогаш. Во спротивно, Гледстонскиот слоган од 1886 година „Македонија за Македонците“ можеше да се реализира на Париската мировна конференција.

Спротивно на клаузулите за малцинствата во мировните договори што ги потпишаа, Грција оттогаш се обидуваше да го погрчи нејзиниот дел од Македонија и Југославија; „Велика Србија“, разгаленото дете на мировната конференција, сакаше да го посрби нејзиниот дел, збришувајќи ја верата, јазикот и културата на Македонците. Во споредба со новите господари, Турците беа ангели чувари ако не им се разбудеше гнев кога не доаѓаа даноците или „комитите“ ги ограбуваа собирачите.

Македонците испратија многу петиции до Друштвото на народите за да се применат клаузулите за малцинствата и двајца пратеници да го претстават нивниот случај. Бугарската влада два пати се обиде да посредува кај Друштвото во нивно име, но бидејќи Југославија беше разгалено дете таму, како што Србија беше на Париската мировна конференција, ништо не се случи. Потоа комитите се реорганизираа и се остварија случувањата во Македонија. Прво, со одмазди; потоа со тероризам, второто инспирирано од необичната идеја дека така ќе се стекне сочувството на светот. Друга чудна идеја беше дека Втората светска војна би можела да го направи за Македонија она што Првата светска војна го направи за Србија.

Последователни бугарски влади, по онаа на Стамболиски – тој беше убиен бидејќи се обиде да ја задуши комитската организација ВМРО (Внатрешна македонска револуционерна организација) – дозволија ВМРО да ја користи бугарска Македонија како база за операциите. Тодор Александров, кој ја заживеа и ја пренасочи старата антитурска ВМРО, владееше во округот Петрич како диктатор, во речиси секој дел од модерната администрација. Кога беше убиен, бидејќи фракцијата на ВМРО предводена од генерал Протоѓеров сакаше да се спријатели со Белград, ако не со Москва, неговиот наследник, младиот Иван Михајлов, кој го „егзекутираше“ Протоѓеров и другите лидери на отуѓената фракција, го продолжи диктаторството, но со одредени модификации, составени од помалку жестоки битки со југословенските единици и понагласен тероризам.

Конечно, во мај минатата година, лидерите на бугарската армија, најпосле сфаќајќи го југословенското тврдење дека ситуацијата е неподнослива, можеби со добрата волја на пратеништвата на Англија и Франција, изнудија реформска влада на царот Борис, да ги растера или затвори членовите на ВМРО и предизвика Михајлов да побара азил во Турција. Подоцнежното убиство на кралот Александар предизвика клатното да се сврти во другата насока, така што во јануари минатата година, царот Борис се реафирмираше себеси, принуди оставка на антимакедонските, пробелградски министри и избра кабинет со негови луѓе, а потоа уште еден на 21 април, и со помош на неговите кадети, спречи револуција планирана од пријателите на соборената влада во мај. Сега се’ беше можно да се случи – дури и заживување на ВМРО. Или, радикална промена во грчко-српската администрација на Македонија, која требаше да го направи непотребно таквото заживување. Тоа се стремеше да го оствари неговото височество, и за таа цел кралот Александар вети соработка.

Ваков краток преглед е потребен за да се разбере епот на Стојан Христов, составен главно од добро потврдени документи и извештаи и делумно од разговорите со актерите – особено царот Борис и Михајлов. Имајќи предвид дека Христов е Македонец, неговата објективност како историчар и непристрасност како биограф се изненадувачки. Неговиот опис на македонскиот пејзаж на пат да го интервјуира лидерот на ВМРО, го разоткрива како книжевен уметник никако од среден ранг. Во таква заднина, читателот ќе нема тешкотии да создаде претстава што се случило во истиот регион во мај минатата година кога Министерството ги постави војниците да ја исчистат ВМРО:

„Веднаш по приемот на информациите за случувањата во Софија, комитите се засолнија, оставајќи го населението на округот да се грижи само за себе. Останав таму речиси еден месец и бев сведок како малиот свет се распаѓа пред мене. Тоа беше трогателна глетка. До средината на јуни, кога заминав, малото македонско ’царство‘ беше ограбено од војската. Од овој агол на Македонија ВМРО направи еден вид камп, или терен за излети, за македонските емигранти во Бугарија, како и засолниште за себе. И покрај недостатоците, ВМРО постигна значителни економски подобрувања во округот Петрич. Горди и завидливи на овој дел од нивната територија под сопствено раководство, Македонците тука работеа за иднината, за себе, и се надеваа дека ќе му покажат на светот што би можеле да направат со цела Македонија ако имаат шанса. По еден месец на строга воена власт, целиот регион се најде во жална состојба. Живиот македонски дух беше скршен, а економскиот живот на територијата практично беше парализиран. Многу комерцијални претпријатија, унапредени во поглед на слободни односи со половина милион македонски емигранти во царството, се соочија со банкротство. ВМРО не покажа отпор. Од почетокот војската не преземаше многу драматични мерки“.

Со страни делумно од историски и делумно од лични контакти, Стојан Христов почнува со впечатлив опис на Михајлов и завршува со „Самракот на комитите“. Во тие редови и меѓу нив е претставено се’ што е потребно за сеопфатно разбирање на македонскиот феномен – разбирање на трагедија ублажена од хумор и комедија ублажена од иронија. Некои епизоди, како медалите, имаат предна и задна страна. Стојан Христов понекогаш ја пропушта втората.

Убивањето на 28 земјоделци од Гарван, од страна на Добрица Матковиќ со автоматска пушка, откако неговите војници одбиле да пукаат, е малку модифицирано од изјавата на Матковиќ, објавена во „Њујорк тајмс“ на 20 јуни1927 година, во која тој вели дека негови цели биле комитите кои веќе дале добро објаснување за нив кај неговите луѓе. Потоа, тука, исто така, е приказната за киднапирањето во 1901 година, на Хелен Стон, мисионерка од Бостон, која за време на нејзиното заробеништво се преобратила кон македонската кауза, а по нејзиното ослободување предавала за тоа во Соединетите Американски Држави. За тоа ослободување Турција им плати на комитите 14.000 фунти(турски) во злато или околу 70.000 долари. Но, другата страна на приказната е дека преобратувањето на Мис Стон се случило долго време пред киднапирањето, кое таа го поттикнала и имала значителни проблеми комитите да го изведат, иако парите им биле многу потребни за пушки и куршуми.  (КРАЈ)