Wednesday, 22 November 2017

Убиства и само убиства

На македонската историографија и во сведоштвата на личностите фатени од револуционерниот терор на Внатрешната македонска револуционерна организација и’ се познати најголемиот дел од настаните во крвавите 15-ина години кои ги доведоа до очај Македонците од Пиринска Македонија и македонската емиграција во Бугарија. Речиси немало ден да нема по едно убиство на Македонец во меѓусебната братоубиствена пресметка. Тоа го нотира и „Њујорк тајмс“ во десетиците и десетиците вести што се пренесуваат од Софија на неговите страници. Главната нишка, која ги поврзува сите вести и анализи, е дека атентатите и теророт ја поткопаа идејата за независна Македонија и ги намалија симпатиите на големите сили во тоа време.

Наум Томалевски е убиен пред очите на мајка си кога сакал да излезе од куќата да прошета. Пред неговата куќа е убиен и професорот Димитар Михајлов

17 август 1930

Велика Британија ја повикува Бугарија да ја стави ВМРО под контрола

СОФИЈА, 16 август – Британскиот амбасадор во Софија, Сиднеј Ватерлоу, примен од кралот Борис на специјална аудиенција, ја изразил со пријателски, но решителни зборови, загриженоста на Велика Британија во врска со континуираните активности на ВМРО, особено нејзините обиди да води „држава во држава“, владеејќи со бугарска Македонија преку терористички декрети спротивно на бугарската влада.

Ватерлоу изразил надеж во британско име да се преземат енергетски и решителни мерки да се задушат активностите на комитите.

Сличен демарш Ватерлоу официјално му дал на министерот за надворешни работи Буров, повикувајќи ја владата да го задуши тероризмот на Македонците.

Сознанието дека тоа барање е во процес, веројатно, е причината за издавањето таа недела, по налог од професор Цанков, министер за внатрешни работи, потерница за апсење на македонскиот лидер Иван Михајлов, под обвинение за убиство на стариот пријател на професор Цанков, генерал Протоѓеров, пред неколку години. Генерал Протоѓеров беше македонски револуционер, но со поумерени ставови.

3 декември 1930

Убиен лидер во македонска расправија

СОФИЈА, 2 декември – Ново политичко убиство во Софија означи уште една фаза од долгото непријателство меѓу фракциите на Протоѓеров и Михаилов од Македонскиот револуционерен комитет, попладнето околу 14 часот кога Наум Томалевски, лидер на протоѓеровистите, бил убиен од двајца членови на михајловистичката група.

Томалевски, кој знаел дека е осуден на смрт од михајловистите, одбивал да излезе од дома неколку дена. Тоа попладне се осмелил да замине на куса прошетка во неговата градина со мајка си и само што стигнал до вратата на куќата, одекнале истрели. Томалевски паднал мртов при што еден куршум му поминал низ мозокот, а друг низ срцето.

Поради вревата од истрелите пристигнала полиција и ги нападнала двајцата атентатори, кои биле вооружени со карабини. Личниот телохранител на Томалевски и’ помагал на полицијата. По жестока улична борба, атентаторите беа заробени, а едниот од нив е тешко повреден.

Томалевски беше еден од долгата низа убиени протоѓеровисти, а листата ја предводел лично генерал Протоѓеров. Протоѓеровистите силно ја напаѓаа владата поради нејзиниот неуспех да ги заштити од терористичкото владеење на михајловистите.

17 мај 1932

Михајлов убиен од софиски атентатори

СофиЈа, 16 мај – Фракцијата на протоѓеровистите на Македонскиот револуционерен комитет, која подолго време е во дефанзива во кампањата на нејзиниот безмилосен противник, терористот Иван Михајлов, ја презеде првата офанзивна акција во последниве месеци, убивајќи го професорот Димитар Михајлов, претседателот на легалниот Македонски национален комитет, додека влегуваше во неговата куќа. Убијците побегнаа.

Убиениот човек беше шеф на македонските бегалци во Бугарија и злосторството веројатно ќе предизвика обновување на меѓумакедонската воена пресметка. Димитар не треба да се меша со Иван Михајлов, неранливиот шеф на најмоќната фракција во илегалната македонска револуционерна организација.

Нередот во Македонија, која е поделена меѓу Бугарија, Југославија и Грција, продолжува уште од времето кога е поделенa по Втората балканска војна во 1913. Во борбата за слобода имаше важна поделба во револуционерните редови во 1924 година, кога една група предводена од генерал Протоѓеров и Петре Чаулев се заложија за федерализам или вклучување на регионот како федерална држава во рамките на една од трите балкански држави.

Внатрешниот судир трае од тоа време, со Иван Михајлов кој се однесува како виртуелен „крал“ во регионот во кој нема зaкони, а неговите „комитаџиски“ банди се во плaнинските делови на Македонија и користат сила да ги ослaбнат нивните непријатели. Генерал Протоѓеров беше убиен на улиците на Софија во 1928 година и од оттогаш има многу атентати на неговите приврзаници од луѓето на Иван Михајлов.

5 Јануари 1933

Медицинска сестра уби атентатор во болница за да го одмазди убиството на македонскиот уредник

Софија, 4 јануари – Христо Тројанов, член на протоѓеровистичката фракција на Македонците, кој минатата недела смртно го застрела Симеон Евтимов, уредник на весникот „Македонија“ и член на ривалската михајловистичка фракција, во битка покрај кралската палата, беше убиен вечерва од медицинска сестра во неговото болничко одделение во болницата „Александар“.

Тројанов, кој беше ранет во минатонеделната престрелка, лежеше во голема соба со 17 други пациенти. Еден детектив и двајца полицајци пред вратата го чувале него пред да почне судскиот процес. Кога сестрата Катерина Константинова ја вршела својата визита таа застанала покрај креветот на повредениот, му ја наместила внимателно перницата, а потоа извадила револвер и го убила со еден куршум во главата и два во срцето.

Медицинската сестра, која веднаш беше уапсена, изјави дека неидентификуван Македонец и’ го дал револверот денеска со инструкции да го убие Тројанов како казна за неговото убиство на „патриотот“ Евтимов и како добра Македонка, таа не треба да се колеба да ги изврши инструкциите.

Сестрата Катерина, стара 26 години, била во болницата шест години и била многу нежна кон сите пациенти. Таа особено внимателно се грижела за ранетиот Тројанов.