Thursday, 20 October 2974

Тројца пратеници бараат права за бугарските Македонци

Во 1930 година, во Лигата на нациите во Женева дошле тројца Македонци, Григор Анастасов, Димитар Шалев и Димитар Илиев, со меморандум во рацете, со кој барале подобар третман за македонското малцинство во рамките на Југославија. Но, тие во меморандумот не зборуваат за Македонци-Македонци, туку тврдат дека во Вардарска Македонија живеат бугарски Македонци. И дека тие биле угнетувани од југословенските власти поради нивното „бугарско потекло“. Југословенските претставници во Лигата на нациите го блокирале усвојувањето на меморандумот, а не добиле поддршка ни од македонското население во Вардарска Македонија.

ВМРО го нарекол меморандумот на Шалев, Илиев и Анастасов „шашмаџиска книжевна бомба“, „диверзија“, бидејќи во него не се говори за Македонци туку за Бугари.

„Њујорк тајмс“ го следи нивниот обид во неколку текстови, како дел од приказната за насилствата и неправдите во Македонија и врз Македонците, што од туѓите влади што од самите себеси.

Македонските претставници кои дошле во Лигата на нациите немале пасоши и се соочиле со депортација

Актери

Димитар Шалев (1896, Скопје – 1960, Бугарија) во повеќето документи се означува како дел од „бугарската елита“ која решила да остане во Вардарска Македонија и да не емигрира во Бугарија по Првата светска војна. За него населението што живее во Вардарска Македонија е бугарско малцинство. Тој и самиот за себе тврди дека е Бугарин. Емигрира во Бугарија во 1934 година.

Димитар Илиев (1895, Прилеп – 1957, Прилеп) заедно со неговото семејство емигрирал 1903 година во Бугарија. Петицијата за Лигата на нациите ја потпишал во името на „бугарското национално малцинство во Македонија“. Долги години работи како адвокат.

Григор Анастасов (1877, Кавадарци – ?, Бугарија) бил дел од т.н. Виничка афера. Завршил факултет 1902 година во Загреб. Бил околиски началник во Кавадарци за време на Првата светска војна. Бил избран за пратеник во југословенското собрание од Демократската партија на Љубомир Давидовиќ. Емигрирал во Бугарија во 1930 година.
10 aвгуст 1930

Во Женева има тројца пратеници, чија тешка состојба се чини дека е слична на онаа на протагонистот од познатата сторија на Едвард Еверет Хејл, „Човекот без држава“. Нацијата за која велат дека ја претставуваат е само географски израз во кој се наоѓал народ кој се стреми да ги оствари правата што им се ветени со мировниот договор од Париз.

Тие се откажаа од нацијата под чие покровителство заминале во Женева, и ако треба да се вратат таму, според писмата на пријателите во Америка, стравувале дека ќе им се суди за предавство. Тие не можат да бараат азил на друго место, бидејќи ниту еден конзул нема да ги визира нивните истечени пасоши, а владата која првично ги издала документите нема да ги обнови. Додека чекаат депортација во државата од која се откажале, тие побараа Лигата на нациите да ја гарантира нивната безбедност таму. Нивното барање било одбиено.

Тројцата пратеници се Павле Анастасов, поранешен пратеник на југословенскиот парламент (има грешка во името, тој се вика Григор, н.з.); Димитар Шалев, поранешен градоначалник на Скопје и Димитар Илиев, поранешен судија од Велес, сите од Македонија. Нивната мисија е резултат од раширената пропаганда меѓу Македонците на почетокот на минатата зима, со општо значење дека правните методи би можеле побрзо и поефикасно да го донесат она што ВМРО се обидува да го направи на нелегален начин.

Движењето за правни мерки се рашири, поддржано е од бугарската влада и има наклонетост од британскиот, францускиот и италијанскиот амбасадор во Софија и од некои македонски организации. Така, во декември, била формулирана петиција до Лигата, а Југославија требало да даде формална согласност за иницијативата, обезбедувајќи им пасоши на тројцата пратеници назначени од бугарските Македонци, иако не е сосема јасно како биле добиени пасошите.

Тајно поминување на границата

Дека тројцата пратеници стравувале дека важните документи ќе бидат повлечени додека тие се’ уште се на југословенска територија, се гледа од нивното тајно бегство преку границата. Анастасов бил задржан, но побегнал и не стигнал до Женева додека неговите двајца колеги биле таму неколку дена. Верувајќи дека го загубиле, тие ја предале петицијата на сер Ерик Драмонд, генерален секретар на Лигата, но таа не можела да биде примена бидејќи во текстот биле наведени тројца претставници на подносителите, а биле присутни само двајца.

Тројцата повторно се обединиле во куќа во Женева што била обезбедена за нив и на 14 јануари ја поднеле нивната петиција, чија суштина беше отпечатена во „Њујорк тајмс“ на 13 април, повикувајќи во име на Лигата Југославија да ги почитува клаузулите за малцинството, за чие спроведување таа се заложила во Договорот од Сен Жермен и барајќи состанок на комисијата за да види дека тоа е направено. Биле цитирани членови од договорот на Лигата за да се види дека Лигата имала потполн авторитет да прими таква петиција, а нејзиниот Совет да дејствува по неа.

На 5 февруари тројцата пратеници дознале дека нивната петиција, додека била разгледувана од тричлениот комитет, чија задача била да испитува такви документи пред да стигнат до Советот, била осудена од југословенскиот член на Советот – искреноста на пратениците била отфрлена, а тврдењата во петицијата негирани. Петицијата нема да стигне до Советот, било решено.

Сето тоа било потврдено од признанието што пратениците го добиле од Лигата на 10 февруари, но пред тоа, тие му пишале на југословенскиот министер за надворешни работи во Белград, опишувајќи ја нивната мисија, верувајќи дека неговата влада ќе ја види нужноста да се поддржи, и додавајќи:

„Се надеваме, господине министре, дека дури и вие ќе сфатите дека нашиот ’демарш‘ во Лигата на нациите е оправдан и дека го признавате како основан, уште повеќе бидејќи, и покрај нашата желба да одговориме на владата пред се’, не бевме во можност да го направиме тоа, бидејќи локалната администрација во Македонија никогаш не даде доволно гаранции дури и за животот на бугарското малцинство“.

Приговор до Драмонд

Единствениот познат резултат од тоа писмо била информацијата дека југословенските власти во Македонија двојно ги зголемиле нивните напори за посрбување на населението. Така, на 1 март, тројцата испратиле писмо до сер Ерик, жалејќи се на тие напори и завршувајќи со зборовите:

„Посочувајќи внимание за активностите на југословенските власти до Вашата екселенција, ја молиме почитуваната Лига на нациите, врз основа на Договорот од Сен Жермен-ен-Лае за заштита на малцинствата, да го стави под своја заштита загрозеното бугарско население, барајќи југословенската влада да стави крај на тие прогонувања“.

Во обид да го надмудрат М. Залески, претседателот на тричлениот комитет, кој не можел да види отворен начин за да дозволи петицијата да биде ставена пред Советот, тројцата пратеници, на 9 март, испратиле официјален меморандум, вклучувајќи копија од петицијата и документите на кои се базирале приговорите, на секој од 14-те членови на Советот.

На 9 мај, господата Анастасов, Шалев и Илиев се состанале во куќата каде што биле сместени, и составиле уште едно писмо за генералниот секретар на Лигата, опишувајќи ја нивната состојба и барајќи заштита од Лигата. Во писмото во кратки црти е објаснета работата на пратениците во Женева, а потоа продолжува:

„Додека ги чекаме резултатите и со намера да го разјасниме јавното мислење за самата кауза на националното бугарско малцинство во Југославија, ние сме обврзани да останеме во Женева, каде што ни се обезбедени југословенски пасоши по редовен пат. Поради одложувањето важноста на нашите пасоши истече и ние се обративме до југословенскиот генерален конзул во Женева, г-н Петровиќ, до кого поднесовме писмено барање да продолжи важноста на нашите пасоши.

Г-н Петровиќ го одби нашето барање“.

Потоа во писмото се инсистирало на легалноста на петицијата во однос на Договорот од Сен Жермен и Договорот на Лигата и незаконитоста на одбивањето да се продолжат пасошите. Писмото завршувало со следните зборови:

„Земаме слобода да го изложиме овој факт пред Лигата на нациите како еден од многубројните примери што ја карактеризираат правната ситуација на националното бугарско малцинство во Југославија и актите на југословенските власти против нивните субјекти, Бугарите од Македонија, чие единствено злосторство е што се родени Бугари, се чувствуваат Бугари и сакаат да зборуваат на нивниот сопствен јазик и да му се молат на Господ на него. Ние бараме заштита како претставници на едно национално малцинство, најнесреќното“.

Одговорот на таа жалба наводно бил полн со разбирање за состојбата на тројцата пратеници, но се додава дека Лигата немала овластување да гарантира нивна заштита.