Tuesday, 20 October 3074

Рударската населба Алшар

Кога би го запрашале некој филолог за тоа од каде потекнува името Алшар, тој можеби би го поврзал со староседелците на Македонија. Или пак би кажал дека името е од турско потекло. Тој и во двата случаја би бил во заблуда, зашто ова име е ново, како што е нова и оваа населба околу рудникот Алшар. Имено во 1889 година солунските индустријалци Алатини и Шарнис (Шарл Хадкинсон) започнале да истражуваат руда во овие краишта. Тие откриле значителни количества антимонова и арсенова руда, која започнале да ја експлотираат уште во наредната 1890 година. Токму заради тоа тие тука  основале мала рударска населба, која ја крстиле по почетните букви на своите презимиња „Алшар“. Населбата се наоѓа на левата страна на Мајданската Река, во планинскиот масив на височина 805 метри. Од сите страни се издигаат високи планини, кои на исток се повеќе се искачуваат, се додека не преминат височина од 2000 метри.

Уште пред балканските војни тука копањето руда било прилично развиено и покрај тоа што оваа населба немала добра сообраќајна комуникација. За време на траењето на борбите особено борбите на Солунскиоит фронт, Алшар било важно стратешко место и седиште на еден од бугарските воени штабови. Авионите на Антантата често го надлетувале и го бомбардирале, фрлајќи смртоносни бомби врз германскиот сојузник, како и врз воените магацини со муниција и воена опрема. Тука биле водени голем број борби. Оние бугарски гробови крај патот немо зборуваат за тоа со каков успех дејствувале тука бомбите на сојузничките авиони.

Денеска пак се е разурнато. Има останато по некоја дрвена барака која и сега е полна со муниција за обични и машински пушки, со гранати за топови од различен калибар, полна со маски за обрана од отровните гасови и многу друга воена опрема. По потокот, по патот, насекаде каде што минувавме, каде и да погледнеш ќе забележиш како децата безгрижно си играат и се натпреваруваат за тоа кој од нив подалеку ќе ја фрли рачната бомба.

Во Алшар има неколку сиромашни куќарки во кои живеат многу сиромашни семејства. Тие мали куќарки се целите исчадени, без оџак и без прозорци. Навечер кога ќе падне ноќта домашните се собираат околу огнот, а ако нема оган, тогаш како средство за осветлување се користела борина. Никој тука не знае за светилка, или кандило. Престојувајќи тука во алшерската околина заради истражување на минералите се качивме на доломитните врвови над самиот рудник. Но, само што се искачивме горе, забележавме нови сртови и врвови. По ливадите обраснати со бујна, зелена трева наидувавме на многу стока, особено овци и нешто коњи. Стадата се домашни, тука се каракачаните. Тие се Власи, Куцовласи, Црноволни и тука се номади. Тоа се Цинцари. Летно време доаѓаат на планините, а кога студот и снегот ќе ги покријат планините ќе се повлечат во долините, најчесто во Грција. Тие ги стрижат овците, ја собираат волната, а од млекото прават сирење и кашкавал, кој е многу квалитетен и ценет и се испраќа на пазарот во облик на големи тркала.

Еден ден се искачивме на една висорамнина на која се наоѓа селото Рожден на височина речиси од 950 метри. Нашиот домаќин од Алшар чичко Ристе, со сериозно лице ни кажа дека тука некогаш било море, се додека не дошол Крали Марко. Тој удрил со раката по големата стена, и онаму каде што сега е Демир Капија, ја расцепил планината, така што низ овој процеп истекло морето кон Солун. Од тоа време, ни кажа чичко Ристе, тука е земја, а низ Демир Капија тече река Вардар. Мора да се признае дека оваа приказна донекаде е вистинита, затоа што навистина тука било езеро, чијашто вода истекла низ  Капија. Меѓутоа таа клисура не ја создал Крали Марко, туку ја пресекол Вардар во текот на многуте изминати векови.

Од книгата „Вистински приказни за вечни сеќавања, Кавадарци 1900-1945) од Зорка Тодорова Младеновиќ, Кавадарци 2010


Дневник: Кавадарчанец тврди дека има лек за рак на кожата
Германците и Александар Македонски
Популарниот прото-национализам
Јазикот како наше насушно средство за израз на стварноста
Селското движење на Богомилите во средниот век
Химна на ослободениот оган
Еленот во македонската народна митологија
Средновековна Македонија (е-книга)
ЛЕКализација за просперитетна Македонија (Интервју со Пикисипи)
Ретро вести на брановите на Радио Свети Николе