Monday, 20 November 2017

Прикаски

Прикаските раскажани од неидентификуваниот раскажувач, кои најчесто му се припишуваат на народниот гениј, колку што се фасцинантни по инвенцијата толку се и поучни.

Тие, всушност, се сублимат на едно големо, но и тестирано искуство и сугестивно укажуваат на една вистина која надоаѓа со непогрешлива прецизност.

И токму во тој дух, на народниот гениј, овие прикаски реферираат на реалноста која се одвива пред нашата, речиси секогаш зачудена позиција.

Но, зошто толку зачудена? Зар по толку многу поминати сцили и харибди не стекнавме доволно искуство за да ја супституираме зачуденоста со една извесна прекогниција?

Веројатно, разногласието внесува извесен квантум збунетост, потоа фанатичното и речиси манијакално инсистирање на лажните пророци на веродостојноста, на нивните недолични тестимонии, слични на оние при кои проститутката сведочи за преференциите на своите муштерии.

„Држете го крадецот!“ – вреска самиот крадец веќе неколкупати фатен во кражба инфлагранти, а притоа и аболициран од својот поранешен ментор, кој, какво чудо, во ова ново време кога малиот Наполеон се вознесе на лажните крилја на големата амбиција за власт, го стави и него, неговиот поранешен газда на нишанот на катапултот за бомби, уценувајќи го и дисциплинирајќи го до срамната позиција на немоќ. Е, тоа народот го дефинира како состојба на – рани куче, да те лае. Но, малиот Наполеон е бескомпромисен во борбата за остварување на неговите сништа по секоја цена.

Сепак, кога серијалот на фрлање експлозивни фекалии ќе заврши и ќе почне голготата на малиот Наполеон, неговиот поранешен ментор нема да биде тука за да го извади од мрачната и тегобна реалност која неминовно ќе дојде како кармичка последица од неговото непринципиелно и неморално практицирање на таканаречената „уметност на можното“.

А, со него ќе ги повлече на дното и неговите соучесници.

Како главниот фактор на одлуките за курсот на оваа гротеска да го чека малиот Наполеон да ја заврши својата серија, а потоа…

Како во една од најсјајните прикаски од фамозната збирка на арапскиот народен гениј – „1000 ноќ“, во која фантастичната Шехерезада е принудена да му ги раскажува приказните на својот сопруг, владетел, кој не може да издржи со една жена повеќе од една ноќ. Па, затоа итрата Шехерезада пред зори ја прекинува прикаската на најинтересното место, а калифот ѝ го продолжува животот до следната ноќ за да го слушне крајот, но Шехерезада по раскажаната приказна почнува нова, а пред мугрите повторно ја прекинува и така купува време…

Но, малиот Наполеон нема такви квалитети како убавата и интелигентна Шехерезада, а неговите прикаски стануваат сè поздодевни и поздодевни, додека истрагата која го деконструира неговиот професионален хабитус укажува на сè поголем и поголем криминален опус.

„Др’жте го крадецот“ – врескаат сите оние измамници од времето на транзицијата, обидувајќи се од петни жили со целиот асортиман на својата одвратна скрибоманија да ни ја реконструираат меморијата и да нè убедат, дека она раскрчмување на македонската економија и сведувањето на платите во стопанството на 50 – Дојчмарки (та, зар не се сеќавате, господа, елитни граѓани и сите вие сапрофитни снобови од НВО-секторот) било, всушност, периодот на dolce vita.

„Никогаш не било полошо“ – е еден од слоганите на овие импотентни револуционери, чијашто главна превратничка дејност се леталните закани по телефон. „Ќе ти ја исечеме главата, ќе те набодеме на кол, ќе те претепаат нашите момчиња-јуришници“ – се дел од асортиманот на овие асасини во сенка. Каде се тие снимки сега?

Еве, ќе ви помогнам да се потсетите: главниот промотор во претседателската кампања на опозицискиот кандидат, кој сега го слушам како со својот перверзен глас чита реклами, и владини, и на приватните компании, беше истиот оној глас, кој по налог на овие збеснeти опозиционери ми се јавуваше со смртни закани.

Да не беше толку гротескно, ќе беше смешно.

Или, каде се заканите на малиот Наполеон до своите бивши сопартијци?

Тој што ја знае заднината на овие собитија нема илузии за неморалноста и невоспитаноста на камарилата, собрана околу малиот Наполеон.

Но, надежта последна умира, а таа е во случајот лоцирана во „меѓународната“, која, каков парадокс, на геостратегиски план се урива како кула од карти. Зар ваква ситница, како што е канонадата на малиот Наполеон, ќе ја сензибилизира? Можеби, во почетокот – да. Но, сега, кога сето ова скокање и падавичарење се тривијализира и се растопува во морето од баналности на катадневието и меѓународниот фактор почнува да покажува знаци на индолентност. Лагите и неоснованите амбиции на малиот Наполеон ги заморија сите.

Во прикаската за лажливиот овчар имаме уште едно укажување на фаталноста на овие виртуелни стратегии по интегритетот на самиот протагонист.

Имено, некој овчар чувствувал голема здодевност од својата работа и решил да се забавува малку со своите соселани, па во еден момент почнал да вика: „Волк! Волк!“ – на што веднаш дотрчале неговите соседи од селото. Но, волк немало и соселаните си заминале со чувство на блага измаменост. По некое време овчарот повторно решил да се забавува и, пак, влетал во истото сценарио, вознемирувајќи ги бадијала своите соселани, кои повторно пристигнале и сфатиле дека се изиграни, но овој пат решиле да не наседнуваат повеќе на лажните тревоги на провокаторот.

Сепак, волкот дошол и кога овчарот почнал да дига тревога, ниту еден од неговите соселани не пристигнал на помош.

Дали волкот го изел и овчарот? – Тоа ќе биде веќе проблем на историјата.