Saturday, 19 October 5585

Послушајте патриоти, да Ви кажам словото

Александар Караѓуле Охридски е еден од позначајните македонски национални дејци од крајот на 19. век, кои дејствувале главно во Софија и кои се залагале за македонска национална засебност, продолжувајќи го на тој начин отпорот на Македонците против Бугарската егзархија и тивкото побугарчување, што особено се засилило по востановувањето на оваа Црква во Македонија, кога на сите Македонци кои посакале таму да ги задоволуваат своите верски потреби, им биле давани документи дека тие се Бугари и врз нив била вршена перфидна духовна и културна пресија (преку просветата и сл.), со цел истите да го прифатат бугаризмот. Се разбира дека оваа нова пропаганда наишла на отпор од страна на Македонците, а еден од нив бил и охриѓанецот Александар Караѓуле. Секако дека на потполно ист начин (преку своите цркви) работеле и великосрпската и великогрчката пропаганда во Македонија.

Инаку, Александар Караѓуле Охридски извесно време (1885 година) работел како одговорен редактор на весникот Македонски глас (и тоа почнувајќи од бројот 5. па до неговото укинување). Во последниот број од овој весник објавен е повик до сите Македонци во Бугарија со оружје да влезат во Турција и да се борат за ослободување на Македонија. Интересно е дека оригиналните примероци од овој весник (кој дејствувал на чиста македонска национална основа) денес се кријат во Бугарија и истите се недостапни за пошироката (дури и научна) јавност. Александар Караѓуле бил главен организатор и на Македонското читалиште во Софија (околу 1889 година).

Под изговор дека е учесник во дејства против тогашната бугарска влада на Стамболов, Александар Караѓуле Охридски, е уапсен заедно со други Македонци (но и бугарски опозиционери) и истиот, на 08.07.1892, од страна на Софискиот суд е осуден на смрт. По тешките измачувања, овој смел Македонец е обесен истата година во Софија.

За ѕверствата на кои биле изложени овие дејци во бугарските затвори, подоцна пишувал и тогашниот бугарски весник Согласие, кој во својот број од 15.06.1894 година, известил дека затворениците (меѓу кои и Александар Караѓуле), во Софија биле (цитирам): … затворени во гнасни затвори, каде трпеле со денови, недели и месеци ужасни мачења. Најмногу биле тепани со песочни торби, коишто, без да остават видливи знаци, создаваат тешки внатрешни повреди…

Послушајте патриоти,
да Ви кажам словото.
На Ѓурѓовден бев затворен,
в црни, темни зандани.
Во зандани бев предаден
од проклети шпиони.
Од проклетите шпиони
и неразбрани трговци.
Во зандани бев измачен,
ниту вода, ниту леб,
а телото покриено
с бела риза до земја.
Немојте да ме мачите.
Јас сум невин како цвет.
Зло никому не сум сторил.
Свидетел е овој свет.
Сум се борел за слобода,
за човечки правдини.
Ах, да знае мојта мајка,
гробот да ми ископа.
Гробот да ми го ископа
спрема јасното сонце.
И на гробот да напише:
Тук почива маченик.
Тук почива Александро
Караѓуле Охридски.
На гробот ми поставите
божур алови цвеќа,
за момите да се китат,
во блажени времиња.