Tuesday, 19 October 5576

Политичка коректност

Во вителот на политичките тенденции и волјата за моќ се појави еден корективен феномен, кој длабоко се вгради во демагошките стратегии на протагонистите на оваа најмаркантна игра на убедување или, ако сакате – пропаганда, а тоа е таканаречената „политичка коректност“. Не дека ја немало во древните времиња кога владетелите ја менаџирале својата способност за водење политички игри, таа е присутна откако е присутен и политичкиот говор, но во тие дамни времиња, како и до скоро, додека терминот – „политичка коректност“ не е етаблиран во политичката практика и теорија, овој начин на обраќање се нарекувал – „дипломатски“, се означувал како „бонтон“, но и како обраќање исполнето со почит кон соговорникот или кон масите, во зависност од тоа кој е на „менито“ на политичкиот говорник. Политичката коректност ретроспективно била работа на чувствителноста и интелигенцијата на политичарот, на владетелот, кој доколку бил софистициран, знаел сосема спонтано како да ја примени, па дури и да ја возвиши до поетски висини. Прочитајте ги само говорите на големите оратори од минатото, кои пленат со својата егзактност и суптилност, кои во своите обраќања кон аудиториумот создаваат цели светови на вистинитост, имплементирана во перфектните идеализации на стварноста или на – каква би можела и требала да биде таа стварност. Така и треба да се говори со оние кои се надвор од вашиот круг на интимност – со почит, но и со одредена дистанца, која наместо да го зароби аудиториумот или соговорникот, го ослободува и му дава статус на рамноправен субјект во однос на говорникот.

Од друга страна, гледаме колку проблеми може да создаде едно обраќање, кое е производ на неконтролибилноста на говорникот, кој наместо мостови на разбирање и почит, создава масовни хистерии, што на пократок или подолг рок создаваат ужасни општествени собитија. Такви говори, полни со навреди и понижувања можат да му се провлечат и на најинтелектуалниот говорник, доколку неговиот политички мотив навлегол во екстремна емоционалност и во афект на агресивност, како што тоа му се случувало на еден од најспособните оратори на сите времиња – на атињанинот Демостен. Штетата предизвикана од овие навредливи говори на атинскиот политичар и говорник, вперени против владетелот Филип Втори Македонски, познати во аналите на историјата како „Филипики“, до ден денес се еден од најобјективните аргументи за докажување на дистинкцијата помеѓу Mакедонците и Грците, докази што дури и ден-денес ѝ нанесуваат огромна штета на грчката дипломатија во походот на оспорување на автентичниот идентитет на македонскиот народ и неговите длабоки цивилизациски корени, кои ја прекриваат сосема суверено и недвојбено и античката историја. Но, што да се прави, кој, впрочем, и од Грците и од Македонците во тоа древно време би претпоставил, каква карта на Балканот планирале да скројат големите сили по дваесет и четири века. Да можеа да ги уништат „Филипиките“, Грците од времето на клеро-фашистичкиот режим на диктаторот Метаксас и би ги уништиле, како што, впрочем, уништија стотици илјади докази што говорат за негрчкото потекло на Македонија и македонскиот народ, но за наша среќа, а нивна бескрајна несреќа и срам, сепак, историската верификација и презервација на валидната документација е во рацете на оние сили, кои, всушност, и ја создадоа грчката држава и го рекомпонираа грчкиот народ, изгубен во примитивизмот и мизеријата на нивната цивилизациска инфериорност. И самиот Никос Казанѕакис, еден од најзначајните грчки писатели на новиот век, бил бескрајно разочаран, кога доаѓајќи во Елада од Лондон се сретнал со своите сонародници. Слично искуство на тоталендезилузионизам имал и лордот Гордон Бајрон – најголемиот англиски поет од времето на романтизмот. Но, геостратегиските интереси, првенствено на Обединетото Кралство, направија вистинска гротеска, кога овој, изгубен во просторот и времето, народ го прогласија за единствен наследник на источно–медитеранската античка цивилизација. А не дека учените и умни лордови од островот не знаеле, кој е кој. Сепак, да се довлечкаат Русите до Медитеранот и да го освојат овој, можеби, најзначаен стратегиски регион на западната хемисфера, не бил прифатлив за никого во западна Европа, тука вклучувајќи ги и Германија и Франција и сите други пиони во големата игра.

Но, останаа тестимониите на големите говорници и историчари од минатото.А тоа секогаш создавало проблеми за креаторите на светскиот поредок, без оглед на времињата и мотивите. Сепак историјата е делимитиран процес, кој создава неверојатни промени во хиерархиските структури. Тој што некогаш бил голем и моќен, денеска е мал и мизерен, а ова значи дека и овие големци и моќници на денешнината, во некое идно време ќе станат мали комични пудлици во забавниот геополитички циркус на некоја нова светска сила, што ќе се појави на сцената од некое сосема неочекувано место на планетава.

Словенечкиот неомарксист, Славој Жижек, пак, медитирајќи на својата jугоносталгија изнесува интересна и загадочна опсервација за политичката коректност, воедно осудувајќи ја како извештачена и контрапродуктивна. Тој со својата фројдистичка луцидност забележува како во бившата СФРЈ, кога говорот беше ослободен од извештачената „политичка коректност“ и кога припадниците на етничките заедници на Федерацијата создаваа навредителни имиџи едни за други низ разни вицови (Босанците биле глупави, Македонците недоветни, Словенците егоисти, Црногорците мрзливи итн.), мирот и толеранцијата помеѓу нив не била доведена во прашање. Но кога политичката коректност била внесена во говорот, почнувајќи од политичките елити, па надолу кон базата, одеднаш изртеле бројни и сериозни анимозитети, кои во краен ефект ја иницираа и граѓанската војна. Како валканиот и експресивен говор без контролата на политичката коректност да бил вистински вентил за ослободување од агресијата и ривалитетот, што народите на Југославија ги имаа едни кон други.

Но да му пристапиме на овој феномен од друг, поинаков за опсервација, агол. Всушност, дали тој навредителен говор на етничките заедници во бившата СФРЈ не бил само еден вид на пледоаје во распадот и војната? Дали можеби сите тие навреди и понижувања што си ги упатуваа народите на Југославија едни на други, во еден момент не ја прелеале чашата на трпението и не ескалирале во отворена омраза и агресија на едните кон другите? Дали, конечно,„воведувањето на „политичката коректност“ не бил задоцнет чин или палијативна говорничка корекција, која не можела ништо да поправи, напротив, оваа претпазливост во контекст на надојдениот меѓунационален одиум да биде само провокативен еуфемизам?

На ова прашање ќе одговори историскиот процес што доаѓа, преплавен од „политичка коректност“ во политичкиот, но, за жал, сè повеќе и во уметничкиот говор, каде воопшто не му е место, ако ништо повеќе, тогаш барем поради чистата и неосквернета убавина на уметноста, на која нит и се потребни гласачи, ниту, пак, лаги, за да се измамат протагонистите на демократијата во името на политичката моќ.