Wednesday, 26 September 7094

Ниво

На почетокот немаше никакво ниво, само преживување. И таа состојба траеше со милиони години. Потоа, некои суштества во хиерархијата на сфаќањето констатираа дека има нешто поголемо и помоќно од нив, а тоа е самото постоење и така се создаде нивото. Тоа беше ниво на поимање и устројство во однос на ова откритие. Можеби сето тоа беше само халуцинација, која стана колективна визија, но во однос на ова тежнение на умот, волјата почна да го приспособува сопственото битие со новооткриените содржини и да создава вредности и нивоа. Всушност, да се сообрази со квалитетите што ги беше конституирала во идеали и парадигми.

Така, во древните времиња, да се биде на ниво, значело да се познаваат и почитуваат божјите заповеди. Нив ги имало многу и голем дел од оние што не биле на ниво се губеле во оваа неверојатна референтност. Затоа дошло до симплифицирање, па нивниот број бил редуциран на десетина и помалку. И сето тоа во име на оние со намален капацитет на поимање за и тие да можат да бидат на ниво.Чиста емпатија – што секако е израз на имање ниво. Подоцна, силата на верата и доследноста на практикувањето го определувала нивото. Да се биде богат е, исто така, да се биде на ниво, но не е пресудно. Се’ зависи што ќе се направи со тоа богатство, зашто е речено: „Полесно ќе и’ биде на камилата да пројде низ иглените уши отколку на богатиот да влезе во царството небесно“. Но, и покрај ова предупредување од Севишниот, многу богати се богатат повеќе заради богатството отколку да им служат на другите со стекнатото и да влезат во царството небесно. Некои се богатат материјално, а некои духовно. Овие последните се навистина на ниво.

Потоа пропадна теократското општество, некаде во вителите на доцниот среден век, а ренесансниот човек го воспостави умот и рациото како врвна вредност. Од овој антропоцентризам се издигна нова вредност, која ги воспостави вредносните критериуми на следните столетија. Да се биде рационалист, хуманист, а подоцна и еволуционист беа вредносните стандарди на новите персони на ниво. Ако кон ова бевте и богат, вие навистина ќе бевте на ниво.

Со ваква хиерархија на вредности се случи нов поредок во перцепцијата на некој што е на ниво. Имено, сега нивото не беше повеќе судбина, туку личен напор и устрем да се биде подобар, поинтелигентен и поуспешен. Нешто подоцна, кога овие вредности добија банална аура, нивото на идеалите попримија перверзни својства. Така, во времето на романтизмот, да се биде на ниво подразбираше огромен напор во насоките на нефункционалноста, во рамките на стереотипот на општествените односи. Но, оваа девијација брзо беше заменета со жестока граѓанска иницијатива, односно револуција, а по неа единствен критериум за да се биде на ниво стана – протагонистите редовно да си ги плаќаат своите сметки и доследно да ги враќаат своите долгови. И сето тоа во рамките на еден свет со бескрајно разгранети институции.

Сепак, и овој концепт за создавање ниво на квалитетно битисување не потраја долго. Тој се потроши во целата своја бездушност на рационалистичко и математичко порамнување. На новите генерации им беа потребни нови вредносни нивоа, нешто што би внело повеќе жар во ладната и блуткава лихварска инфраструктура. Ова, секако доведе до нови конфликти, до нови револуции и хаварии на светските општества. Па така, новите нивоа на респект требаше да се стекнат низ фанатичната поддршка на партијата и водачот. Но, и овој концепт пропадна под товарот на гротескната трагичност и глупавата визија на овие типови нивоа на вредност. Бадијала беа сите обиди да се подигне нивото на овие затвори на духот. Грозоморните случувања, за да се зачува кохерентната визија на нивоата на вредности, се урнаа во небиднината на пропаднатите утопизми. Од сето ова остана само гигантска депонија од историски отпад.

Денес, всушност, речиси никого и не го интересира да биде на ниво. Не е дека нема доволно вредносни системи и доблести, за човек да не биде на ниво во ова време, но стресот и хаосот што владее со планетарниот поредок прави се’ за помал број луѓе да бидат на ниво. И затоа оние што се на ниво добиваат митолошки аури.