Monday, 21 August 2017

Моќ

Моќта функционира како фатум, кој ги обзема актерите на историската сцена и ги вградува во прикаска за владеењето и пропаста

Моќта отсекогаш била пожелна и растревожувачка енигма за многу амбициозни протагонисти, и тоа не само во општествено-политичките афери. Таа функционира како фатум, кој ги обзема актерите на историската сцена и ги вградува во чудовишната прикаска за владеењето и пропаста. Играта на моќта е амбивалентна и непредвидлива, нејзиното присуство возбудува, но воедно носи и одговорности, кои ако станат поголеми од капацитетите на протагонистите на политичката волја, се претвораат во анксиозност и параноја. Уште од најдревните времиња на човечката цивилизација, актерите на историското конституирање ја увиделе улогата на моќта и тоа го преточиле во закони. Да се скроти моќта, таа да се артикулира и како таква да се остави во аманет на следните генерации.

Моќта доаѓа како благослов од провидението. Таа е синхрониски феномен и нејзината генеричност се манифестира и одвнатре, како душевен и карактерен потенцијал, но и однадвор, како општествено-историска предусловеност.

Во антиката се појавуваат првите сериозни мислители, што ја увиделе силната инфлуенца на моќта во контекстот на општествената структурологија. Тие овој дар од боговите го промислувале на еден апстрактен и идеалистички начин, вклучувајќи ја целата своја емпирија во однос на опсервацијата на општествата од кои поникнале и оние што ги запознале и со целата критичност на својата мисла, што произлегла од односот на она што тие го поимале, како уредување најблиско до совршеното. Така Платон, Аристотел или Ксенофон, во своите дела креирале модели што би можеле да бидат аплицирани на општеството во име на неговото усовршување до идеалниот модел, кои тие го создале со целата сила на своето знаење, искуство и интуиција. Во истата насока, но со поголемо историско искуство, тоа го правеле и Сенека и Марко Аурелиј, опсервирајќи ја застрашувачката сила на Римската империја и целата нејзина комплексност.

Со триумфот на христијанската религија, промислите за моќта се поместуваат од егзотерично на езотерично ниво. Тука акцентот се префрла на проблемите на душата, чија сублимација во зоните на перфекцијата го определуваат степенот на усовршеноста на општествениот поредок. Промислувањата на Ориген или Тома Аквински одат во насока на холограмски пресликувања на Божјата држава која е на небото, во однос на оваа во материјалниот свет. Но, во реалноста оваа доктрина создала еден нов тип империјалност, папско-цезаристичко устројство со силна моралистичко-догматска тиранија на инквизицијата, во која почнало да гори се’ што инклинирало кон природниот и страствен аспект на човечноста.

Во ренесансниот период, по илјадагодишната доминација на христијанската идеологија, која од херојско-жртвена се трансформирала во угнетувачко-тоталитаристичка манипулација со моќта, се појавуваат првите отклонувања и критичност. Враќањето на античките вредности во културата ќе создадат нови погледи кон феноменот на моќта. Николо Макијавели е еден од најмаркантните мислители што се зафатиле со промислувањето на модалитетите на општествените констелации и феноменот на моќта како динамичен фактор на креирање на политичката структурологија. Во неговото дело „Владетелот”, Макијавели не го гледа само распоредот на општетсвено-политичките сили, туку тој прави и една чудна психолошка студија на главниот носител на моќта, на самата персонификација на силните вектори, што се соединуваат во личноста, која ја артикулира и спроведува волјата на самото владеење. За ова, Макијавели тргнал од самата реалност, како и секој добар ренесансен творец и го избрал како модел карактерот на Чезаре Борџија, монарх, кој му бил и покровител на фасцинантниот мислител. Суровоста и прагматизмот се иманентни на успешниот владетел, кој без овие способности брзо би паднал како жртва на конкурентите, а и општеството би западнало во ужасен и несогледлив хаос со ваквиот развој на настаните.

Во истиот период доаѓа и до нов бунт во западниот христијански свет, каде докторот по теологија, Мартин Лутер, во Витенберг ги објавува своите тези, со кои практично се отцепува од јурисдикцијата на папата и католичката црква и почнува периодот на реформацијата, кој ескалира во верска војна помеѓу следбениците на Папата и оние што застанале зад Мартин Лутер и неговиот нов моралистички поглед на верата. Европскиот Запад, при овој нов историски виор, ќе се подели на католичкиот југ и протестантскиот север.

Потоа настапува една силна секуларизација на протестансткиот свет, која во комбинација со силната моралистичка дисциплина, ќе ја привлече светската моќ, со чија помош ќе загосподари со планетарните ресурси низ продолжениот и ескалирачки процес на колонијализмот, но овој пат базиран врз економски и научен интерес.

Промислувачите на моќта во овој жовијален и комплициран свет ќе се намножат до какафонски размери. Од Џон Лок и Томас Хобс, до Волтер и Русо, од Хегел и Фоербах, до Шопенхауер и Ниче, од Маркс и Енгелс, до Прудон и Бакуњин, па се’ до прагматистите од англо-саксонскиот свет, и понатаму кон филозофите на либерализмот.

Моќта и нејзините модалитети се актуелни се’ повеќе и повеќе, посебно денес, кога светот запаѓа во нов идеолошки хаос на мноштвото и контраверзноста.