Friday, 19 October 5579

Легендарната македонска пролет дојде како лав, а одекна како граната

Убиствата на Тодор Александров во 1924 и на Александар Протоѓеров во 1928 година толку многу ја разгореа меѓусебната македонска пресметка што таа стана опасност за стабилноста на бугарската држава. Убиствата на протоѓеровистите и михајловистите во Бугарија се редат како на крвав синџир. Сите меѓу себе се обвинуваат за предавство на македонското дело. Иван Михајлов целосно загосподарува со ВМРО и атентатите врз Македонците кои не мислат како него стануваат основна полуга за контрола и владеење врз организацијата. Неговите чети извршуваат напади и преку границата, во Вардарска Македонија, во кои безмилосно се убиваат оние што, наводно, соработувале со српските власти.

„Њујорк тајмс“ тоа го опишува вака – „легендарната македонска пролет дојде како лав, а одекна како граната“. ВМРО е против потпишаниот договор меѓу Југославија и Бугарија за смирување на тензиите на границата и за пацифизирање на населението.

16 март 1930

Затишјето во проблематичниот Балкан, кое следуваше по склучувањето на Хашкиот договор, Италијанско-австрискиот договор за пријателство и арбитража и Бугарско-југословенскиот договор за регулирање на заедничките граници, за жал беше со краток век.

Најновата причина за конфликт не доаѓа од нов извор. Кога Југославија и Бугарија по неколкумесечни преговори во Пирот одлучија да стават крај на состојбата на герилска војна на нивните граници, истражувачите на балканска историја го поддржаа со голем знак на прашање пред да го складираат во нивните ментални креденци. Никој не се сомнева во тоа дека и Југославија и Бугарија сакаат мир. Прашањето беше што ќе сторат Македонците во врска со тоа.

Поминаа помалку од две недели и Македонците веќе сторија нешто во врска со тоа. Тие приговорија и тоа го кажаа со бомби. За помалку од две недели во четири југословенски села се појави гнев. Бомби беа фрлени преку отворените прозорци од кафулињата или меѓу случајните минувачи на главните плоштади. Мажи, жени и деца се убиени и повредени. Сето ова, а пролетта едвај почна – таа легендарна македонска пролет која дојде како лав, а одекна како граната.

Призната причината за гневот

Гневот е признат и од Софија и од Белград дека е протест на македонските револуционери против потпишувањето на договорот дизајниран да стави крај на ситуацијата со границата која само минатата година беше причина за смртта на неколку стотици лица. Бугарија под дипломатски притисок од Британија, Франција и Италија минатото лето се согласи да се спогоди со своите соседи. Да го олесни постигнувањето на договорот, Југославија се откажа од барањата за креирање на ничија земја меѓу двете земји. Формирана е заедничка комисија за границите.

Засега е добро. Но, елементот за границата, кој не влезе во договорот, всушност беше најодлучувачки за мир или војна – ВМРО или Македонскиот револуционерен комитет. Што се однесува до Македонците, договорот не ја промени реалноста. Тој не успеа да одговори на поплаките од бугарските Македонци за наводното малтретирање на српските Македонци, ниту пак се признаа барањата за апсолутна независност на Македонија. Проблеми се очекуваат од ВМРО и тие се случија. Но дури и најголемите песимисти предвидоа дека новосоздадената комисија за границите ќе треба да ја започне својата работа многу брзо по потпишување на договорот со кој таа беше формирана.

Белград не само што го обвини ВМРО за гневот, туку и тврди дека ги знае имињата на некои од извршителите и информациите и ги достави на бугарските власти, кои според договорот за границата сега мора да истражат и да сторат се’ што е во нивна моќ да ги уапсат одговорните. Југословенските весници признаа дека бугарските власти се чини имаа жестока намера да ги казнат напаѓачите и дека бугарското јавно мислење во целина ги осудува актите кои доведуваат Бугарија да биде зависна, како и што е, во голема мера од странски заеми, ја прикажуваат во лошо светло во странство и во непосредни тешкотии со нејзините најблиски соседи. Но постојат сомневања дали премиерот Љапчев има доволно сила да спроведе вистинска истрага и да дејствува според добиените резултати. Белград се надева на демарш во Софија од големите сили за зајакнување на позицијата на господинот Љапчев.

Тешката позиција на премиерот

Бугарскиот премиер секако се наоѓа во тешка позиција. Добрите граѓани на Софија се уморни од престрелките, во кои ривалските фракции на македонски револуционери ги решаваат нивните разлики на отворено, по улиците на главниот град и несомнено сакаат да се ослободат од нивните несакани гости. Но, како резултат на умешноста и подготвеноста со која тие ги користат своите оружја во минатото против надворешните непријатели на Бугарија, Македонците се опколени со одреден романтичен ореол. Тие од страна на екстремните патриоти се сметаат за отелотворување на националистичката идеја и желба за одмазда против Србите и Грците и се надеваат на ревизија на Нејскиот договор, кој ги ограничува бугарските граници.

Македонците се вековни борци против турската моќ и промотори на унија на Јужна Румелија со Бугарија, спроведена против волјата на големите сили во 1885 година. Тешко му е на Љапчев, кој и самиот е Македонец, да ги гони и казни овие витези-арамии на бугарскиот национализам.

Освен тоа бугарската јавност сочувствува со спорот на Македонците дека нивните сограѓани во Југославија се третирани од Србите на начин кој не е ниту во согласност со Нејскиот договор, ниту диктат на елементарна човечност. Македонците се жалат дека насилно се посрбуваат и се борат за иста работа со екстремните Хрвати. Се укажува на тоа дека српска Македонија е во вонредна состојба.

Прашање старо со векови

Корените за македонското прашање датираат уште многу одамна, но годините не покажаа знаци за негово решавање. Македонците ја зазедоа Бугарија четири века пред Христа, но всушност никогаш немало независна Македонија. Цели 100 години овие луѓе со цврст карактер се бореа против турската доминација и токму македонскиот бунт во 1912 година беше тој кој доведе до објавување на војна против Турција од страна на балканските земји. Седум години претходно, големите сили се обидоа да го решат македонскиот проблем со именување на меѓународен административен комитет и меѓународна жандармерија. Не успеаја.

Бугарија водеше три војни за поседување на Македонија и жртвуваше повеќе од 200.000 луѓе во тој обид. Тоа беше бојно поле за Бугарите и Србите, но никој дури и не помисли за формирање на независна држава. Српската идеја беше да се убијат или протераат сите бугарски Македонци кои може да ги најдат, а да ги принудат останатите на крајот на своите имиња да стават српско „иќ“ и да ги наречат Срби. Бугарската идеја беше да се масакрираат српските Македонци, да се променат преостанатите „иќ“ во „ов“ и да ги наречат Бугари.

Меѓутоа, повеќето Македонци ги сакаат Бугарите повеќе од Србите. И индивидуалните наклонетости изгледа се единствениот начин да се формира македонската националност откако комисијата, која под покровителство на Фондацијата за мир „Карнеги“, се обиде да го утврди тоа етнолошки во 1914 година и се најде беспомошна во морето. Најдоброто што можеше да го направи беше да објави две етнолошки карти, една на која е покажана Македонија населена практично со Бугари и друга која ја опишува како море од Срби кое опкружува неколку островски колонии на Бугари.

Љупчо Поповски, Утрински весник