Која била љубовта на Гоце Делчев?

Историските податоци кажуваат дека апостолот на македонското народно ослободително дело, Гоце Делчев, починал неоженет. Сеуште немаме официјален историски извор кој ќе потврди која била љубовта на Ѓорѓи. Затоа Ви пренесуваме две статии од современиот македонски дневен печат.

Смртта на Гоце Делчев, апостолот на македонското револуционерно движење, роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, неколкупати била најавувана во софиските весници, но само еднаш и само Јанка Каневчева, учителка од Охрид, во февруари 1902 година, со писмо до весникот „Дело“, побарала да се демантираат шпекулациите за наводното убиство на Делчев. Во тоа кратко и со децении непознато писмо, охриѓанката Јанка Каневчева, жената што Гоце неизмерно ја сакал, пишува:

„Почитуван редакторе, Ви испраќам во поштенски марки претплата за три месеци на Вашиот весник „Дело“. Ве молам, ако е можно, да објавите еден демант…“. Само една година подоцна, ваквите шпекулации, кои намерно билe пуштани пред секое заминување на Гоце од Софија, станале вистина. Смртта во Баница, на 4 мај 1903 година, била потврдена со увид на самото место од еден од неговите заробени четници, Георги Савеклијата. Сепак, власта во Цариград бара дополнителни докази и од турското претставништво во Софија. Во врска со тоа, на 9 мај 1903 година, пет дена по убиството, испратена е шифрирана телеграма директно од Портата. Дипломатите на султанот на 14 мај испраќаат кус одговор до великиот везир: „Делчев е меѓу најглавните раководители на Внатрешната организација, а извештаите за неговата смрт во весниците сѐ уште не се поткрепени со документи. Иако во весниците нема документи – веројатно се мисли на фотографии од мртвото тело на војводата – овој пат, за жал, Гоце Делчев навистина бил убиен“.

Што напишала Јанка?

Според писмото на Јустанијана (Јанка) Каневчева, единствена вистинска љубовница, односно тајна свршеница на Гоце Делчев, убиството на нејзиниот свршеник „медиумски“ се подготвувало најмалку две години однапред. Загрижена за таквата подземна игра на „пријателите“, на 8 февруари 1902 година таа пишува писмо, кое следниот ден го испраќа до редакцијата на софискиот весник „Дело“, барајќи да се демантираат шпекулациите за наводното убиство на Делчев. Во тоа кратко и досега непознато писмо, охриѓанката Јанка Каневчева, жената што Гоце неизмерно ја сакал, ја замолува редакцијата, „ако е можно“, да објави „еден демант на распространетите лажни гласови дека господинот Гоце Делчев е убиен“, притоа инсистирајќи тоа да се објави веднаш.

„Докажете, ве молам, дека е жив и здрав, иако мнозина веруваат дека господинот Гоце Делчев е убиен. Докажете им дека е жив! Ако не сакате, тогаш не испраќајте ми на наведената адреса ништо. И сето ова, ве молам, да не се знае од кого е и кој го испраќа“.

Сосема на крајот, Јанка пишува дека писмото го пишува во Софија, на 8 февруари, и „останува со вера“ дека демантот ќе се објави. А таа добро знаела, бидејќи постојано била во контакт со својот свршеник, дека Гоце е во обиколка на четите во Македонија. Знаела дека веста е лажна затоа што Гоце, секогаш, кога имал и најмала можност, преку куририте испраќал абер до неа дека е здрав и жив. Само таа знаела каде е и кога ќе дојде. Кон крајот на истата 1902 година, одново, којзнае по кој пат, повторно се проширил глас дека е убиен: Јанка со растреперено срце го пречекува во својот дом и не демантира, зашто лагата е очигледна, а Гоце е до неа. Пресреќна е што може да го прегрне; што може да му се порадува, што можат да бидат барем за кратко заедно, вљубени и среќни.

Но, за жал, нивните заеднички среќни мигови траеле само неколку дена. По божиќните празници, истата таа 1902 година, Гоце доаѓа на проштална вечера кај неа пред да замине во Македонија. Според сведоштвото на Јанка, по вечерата таа му го предава завршеното црвено востаничко знаме со лав и фигура на девојка. Освен знамето, Јанка го изненадува и со уште еден убав божиќен подарок – срмен елек што ќе го чува од студот по македонските планини. За да не ѝ го расипе расположението, Делчев не ѝ кажува дека некои луѓе одлучиле да креваат востание во Македонија, за кое веќе речиси јавно се зборува, а тој е против тоа. Заминува од домот на својата свршеница со нејзиниот елек под капутот.
Истата ноќ се сретнува и со својот драг пријател и соборец Михаил Герџиков, кој упорно, на секаков начин, се обидува да го убеди да го одложи своето заминување во Македонија. Герџиков предлага заедно да заминат по неколку недели. Според неговите спомени, Гоце воопшто не сакал да разговара за никакво одлагање; бил многу растревожен и потиштен од одлуката токму таа пролет да се крене општонародно востание во Македонија. На Герџиков му признал дека ќе стори сѐ да се одложи востанието, затоа што народот не е вооружен и не е подготвен за такво нешто. Во такви услови, велел Гоце, тоа нема да биде востание, туку кланица.

Герџиков, неговиот верен другар и соборец, подоцна ќе запише дека никогаш не го видел Гоце толку тажен и загрижен. Пред да замине го прегрнал и со солза во окото му рекол: „Ако се случи нешто со мене, ако ме убијат, има две нешта за кои милеам – татковината и Јанка. Чувај ги и двете. Ако некогаш, подоцна, се родат некакви чувства меѓу тебе и Јанка, бидете благословени“. Само неколку дена подоцна во софиските весници повторно излегува информација дека Гоце Делчев е убиен во Македонија.

Разочаран од Даме Груев

Според спомените на Герџиков, Гоце ја напушта Софија веднаш по божиќните празници. Следниот ден стигнува во Самоков, а потоа преку Боровец и селото Говедарци заедно со четата се спушта во Демиркапискиот премин, започнувајќи ја својата последна обиколка на Македонија. Во февруари 1903 година Делчев е во Неврокопско, каде што како гром од ведро небо, како што вели самиот, го пресретнува веста дека пред две недели Солунскиот конгрес донел дефинитивна одлука за општонародно стратегиско македонско востание. Претседателот на ЦК на македонската револуционерна организација, Иван Гарванов, не почувствувал никаква потреба ниту да го консултира за таквото решение. Затечен од таквиот развој на настаните, сосема потиштен и тажен, како што пишува Пеју Јаворов, Гоце заминува за Солун за да ги чуе лично луѓето што ја донеле таа одлука. На 26 април со кошница вапсани јајца во раката влегува во градот, каде што од Гарванов, а особено од Даме Груев, го добива последниот удар на разочарување. И Груев е за востание, иако знае дека народот е многу слабо вооружен.
Преоблечен во ќумурџија го напушта Солун и заминува во Серско, каде што има намера да дејствува кога ќе почне востанието. Притоа, разочаран од Даме Груев, скршен од тага поради одлуката за предвремено востание, не ги презема неопходните, вообичаени мерки за обезбедување. На 2 мај 1903 година доаѓа во селото Баница, а реонот е веќе полн со турска војска, најмногу поради потерите по војводата Георги Радев. Во тоа време четите на Михаил Чаков и на Димитар Гоштанов се стационирани во кориите над селото Горно Броди. Оттаму ја гледаат турската војска што се движи кон селото.
Приквечер Чаков и Гоштанов добиваат наредба од серскиот окружен раководител Лазар Димитров да го пречекаат „апостолот“ во селото Баница. Двајцата војводи со своите чети веднаш тргнуваат и на 4 мај, околу два часот по полноќ, веќе се во Баница. Делчев ги пречекува во куќата на Запро Ципаров. По краткиот разговор, палат по една цигара и се повлекуваат на одмор. Додека четите одмораат, Баница е сардисана од турската војска. Војводата Радев, кој не можел да заспие, го буди Гоце и од чардакот двајцата гледаат дека Турците се веќе сретсело. Токму тогаш го убиваат раководителот на организацијата во селото Стојан Попов, а Гоце, Михаил Чаков, Георги Радев, Димитар Гоштанов и сите комити од двете чети ги напуштаат куќите на Георги Трендафилов и Запро Ципаров.

„Вистинското“ убиство

Само неколку минути подоцна, придружбата на Гоце, заедно со него на чело, излегува на Бакарово Гумно. Според сведоштва на комитите што биле со него, Гоце прв почнува да пука во војниците што ненадејно излегуваат од зад камените потпорни ѕидини на нивите. Во таа куса престрелка еден куршум го пронижува во градите. Имал само триесет и една година и два месеца. Следниот ден – петти мај 1903 година – турската војска прави увид на местото и утврдува дека меѓу убиените е и Гоце Делчев. Во него се најдени карта на серскиот реон и упатство за минирање на пругата. Куршумот го беше пронижал и елекот што за Божиќ му го подарила Јанка Каневчева. Војводата Михаил Чаков во своите спомени, меѓу другото, пишува: „Гоце лежеше ничкум. По заповед на командирот, војниците ги превртиле убиените. При превртувањето на Гоце, командирот Тефиков, Кукушанец, пријател на Делчев од детството, веднаш го познал, рекол: Ете, тоа е Делчев! Еден војник, кој бил до трупот, нервозно скокнал и замавнал со бајонетот кон главата на Гоце. Тефиков бесно го турнал и наредил веднаш да се казни. Тоа се случило пред неколкумина селани од Баница“.

На шести мај посмртните останки Делчев и Димитар Гоштанов биле положени во одделни гробови под високите брестови на полјаната наречена Света Недела. На Ѓурѓовден 1906 година, Михаил Чаков и Таската Серски организираат тајна мисија за откопување на коските на Гоце. Ковчежето го скриваат под светиот престол на црквата во Баница. Моштите на Гоце почиваат во црквата до 1917 година. По три пожари во селото и три палења на црквата, ковчежето со коските за чудо останува цело, неоштетено под олтарот. Благодарение на Михаил Чаков и на клисарот Никола Мутафчиев, моштите на Гоце се однесени во градот Ксанти, а во 1917 година, преку Пловдив, во Софија. До 1923 година ковчежето се чува во домот на Михаил Чаков, пред икона, осветлено деноноќно со кандило. На 2 август 1923 година моштите на Гоце се изнесени од домот на Чаков и следните десет дена ковчежето е изложено за поклонение во црквата „Света Недела“ во Софија. Потоа биле качени на црковниот таван, а оттаму подоцна пренесени во канцеларијата на македонското братство „Илинден“. Ковчежето со моштите на Гоце до 1946 година се чува во македонскиот дом на улицата Пиротска во Софија. Притоа треба да се каже дека уште во 1923 година на кивотот со моштите било напишано: „Ги заколнуваме поколенијата што ќе дојдат моштите да бидат погребани во главниот град на независна Македонија“. Заветот е исполнет и во октомври 1946 година моштите на Гоце се пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Свршеницата, охриѓанката Јустенијана (Јанка) Каневчева за неговата смрт дознава неколку дена подоцна. Следните неколку години таа ќе ги помине во црнина, иако била девојка; тој и таа си имале дадено збор само меѓу себе, без обврски и без сведоци. Пет години подоцна, откако се родиле чувства меѓу нив, Михаил Герџиков ѝ предлага брак. Следната година им се раѓа ќерката Магда. До пред неколку години Магда, која тогаш имаше 96 години, живееше во Софија. Војводата Михаил Герџиков, еден од најблиските и најверните соработници на Гоце Делчев, докрај го исполнил заветот на својот другар: се грижел за Јанка до нејзината прерана смрт и се борел за Македонија до својата смрт. Свршеницата на Гоце ја зел за сопруга. Има фотографија на Јанка со нејзиниот сопруг Михаил Герџиков и нивната ќерка направена во Охрид 1941 година. Според Димо Хаџи-Димов, дента кога Гоце го убиле во Баница, Михаил цел ден лежел ничкум како да плаче за Македонија. Никој не знаел дека истовремено плаче и за неа, за онаа за која, како што му рекол на Герџиков „милеам исто како за Македонија“. По многу лажни информации во весниците, нејзиниот свршеник конечно навистина бил убиен, а не стигнале ниту да се сликаат за спомен.


Писмото на Каневчева до весникот „Дело“

Блаже Миневски, Нова Македонија 2014

ВНУКАТА НА МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР КАТЕРИНА ТРАЈ­КО­ВА – НУРЏИЕВА РАСКАЖУВА ЗА НЕЈЗИНИОТ ЧИЧКО

Љубовта на Гоце Делчев беше учителката Мика

Гоце многу ја сакал учителката Мика од Штип. Тие имале сериозна вр­ска, но тоа била платонска љубов, вели внуката на Гоце Катерина Трај­ко­ва – Нурџиева, која до денес го чува прстенот кој Гоце го оставил за Мика Катерина, која наредната година ќе наполни 90 години, живее сама во бу­гар­ски­от град Благоевград.

На само неколку километри од македонската граница, во бугарскиот град Бла­го­ев­град речиси еден век се чува прстенот на македонскиот најпознат ре­во­лу­ци­о­нер Гоце Делчев. Прстенот е лична сопственост на неговата внука Ка­те­ри­на Трајкова – Нурџиева, која накитот го добила од нејзината мајка. Го­це и го оставил прстенот на мајката на Катерина неколку дена пред да за­ги­не во Баница, на 4 мај, 1903, со аманет таа да го чува, и кога ќе дојде ред заедно да и го да­дат на невестата кога ќе се жени.
“‘Ко­га ќе ја земам невестата, двајцата ќе и го дадеме’, и рекол Гоце на мајка ми. Кога тој не се врати, мајка ми со години плачеше над тој прстен”, ни рас­ка­жа Катерина, кога минатата недела ја посетивме во нејзиниот дом во Бла­го­ев­град.
Вну­ка­та на Гоце, која наредната година ќе наполни 90 години, живее сама. По­ра­ди лошата здравствена состојба, таа ретко излегува од нејзиниот дом. Се дви­жи со помош на патерици и вели дека многу им е благодарна на со­се­ди­те што и купуваат продукти.
Мај­ка­та на Гоце Делчев Султана и дедото на Катерина биле брат и сес­тра. Гоце и нејзиниот татко се први братучеди. Катерина кажува дека из­рас­на­ла во скутот на татко и, слушајќи приказни за храбриот чичко. Во нив­но­то семејство секогаш се прераскажувало дека прстенот кој го ос­та­вил револуционерот, всушност, бил наменет за Мика, девојката на Гоце Дел­чев. Таа, исто како Гоце, работела како учителка во Штип.
“Го­це многу ја сакал таа девојка. Тие имале сериозна врска, но тоа била пла­тон­ска љубов. Мика, што е прекар од Марија, била одлична ученичка. Нејзините родители, според кажувањето, починале, и неа ја ис­чу­ва­ло друго семејство. Таа знаела дека е посвоена, зашто имала цел ков­чег со лични работи од нејзината родена мајка. При една посета на Гоце кај нив дома, Мика му дала на Гоце ѓердан со златници кој и го оставила мај­ка и. Тој не сакал да го земе, рекол дека е спомен од нејзините мај­ка и татко и оти треба да си го чува. Но Мика инсистирала. Рекла: ‘Ко­га ќе дојде слободата, свршеникот ќе ми купи ист таков’. И тогаш Гоце си ре­кол: ‘Да си го имам ова на ум’. Така мене ми раскажуваа моите ро­ди­те­ли”, се присеќава Катерина.

Таа категорично негира дека љубовта на Гоце Делчев била извесна Ја­на од Софија, за која во последниве години се зборуваше во јавноста.

“Се­га ВМРО ми даваат некоја слика од некоја куќа од крај на светот во Со­фи­ја, па дека Гоце одел таму, па дека таа му била љубовница и оти се ви­ка­ла Јана. Тој Венко Марковски го напишал тоа, но тоа не е точно”, твр­ди Катерина.

Вну­ка­та на Гоце Делчев е родена во Благоевград. Нејзините родители из­бе­га­ле таму од Егејска Македонија. Во Бугарија отишло и целото семејство на Гоце Делчев. Неговите сестри се омажиле таму. Во Благоевград жи­ве­ел и татко му на Гоце Никола. Мајка му, пак, Султана починала во Ку­куш само неколку месеци по убиството на Гоце Делчев и на неговите двајца бра­ќа.

“Тат­ко му Никола живеел сам во една куќа на периферијата на градот. Тој на времето бил голем човек. Кога ќе поминел по улица, Турците му ста­ну­ва­ле и го поздравувале со: ‘Добар ден, ефенди’. Пискулот кој го носел на фе­сот бил долг еден лакт. Но на крајот од животот во Бугарија ос­та­нал сам. Ќерките, сестрите на Гоце, го напуштиле. Побарал пензија како тат­ко на тројца синови загинати во војната. Додека власта во Софија да реши кол­ку пари да му даде, тој умрел. Немало кој да го погреба. Моите ро­ди­те­ли решиле да го закопаат во нашиот гроб каде што се погребани моите двај­ца браќа. Умрел во 1920 година на 76 години”, раскажува Катерина.

Пред неколку месеци гробот на таткото на Гоце Делчев Бугарите го прог­ла­си­ле за споменик на културата. Трајкова – Нурџиева кажува дека бу­гар­ски­те власти преку ноќ ги извадиле коските на старецот и ги пренеле во дво­рот на црквата во Благоевград. Внуката на Гоце тврди дека државата вр­ши притисок врз неа за да и го одземат гробот.
“Де­вет години имав жена што ми беше доделена од Центарот за социјални гри­жи да се грижи за мене, зашто јас сум инвалид. Од крајот на фев­ру­а­ри, немам жена, и тоа ми е казна затоа што не дозволувам да ми го земат гро­бот. Во тој гроб се закопани моите двајца браќа и татко му на Гоце Делчев Ни­ко­ла. Пред да ги извадат коските, ги избришаа буквите од споменикот, име­то на Никола Делчев. Во полиција ми велат: ‘Зошто плаќаш за гробот, ко­га тој е прогласен за споменик на културата’. А јас им одговарам дека не сум ги канела да го прогласат за споменик на културата. Тој е приватен. Јас плаќам тој да се одржува”, тврди Катерина.
Вну­ка­та на Гоце Делчев има само бугарско државјанство. Вели дека до­се­га не побарала, но и никој во Македонија не $ понудил македонско др­жав­јан­ство. Катерина Трајкова – Нурџиева завршила учителска школа во Бу­га­ри­ја и во 1943 година била испратена да работи како учителка по бугарски ја­зик во Штип. По убиството на бугарскиот генерал Луков, целата штипска ин­те­ли­ген­ци­ја, заедно со Катерина била ставена во затвор. По два месеца таа била депортирана на грчкиот остров Тасос.
Во 1945 година Катерина станала секретар на Методија Андонов – Ченто, по лична препорака на Павел Шатев. Откако Ченто бил тргнат, таа ра­бо­те­ла како воспитувач во детска градинка во Скопје. За кратко време, под при­ти­сок на удбашите кои постојано ја следеле, Катерина се вратила во Бу­га­ри­ја. Од тогаш таа живее таму.

Катерина бара да и се признае стажот во Македонија

Ка­те­ри­на бара Македонија да и ги признае годините кога била во затвор во Штип и во народноослободителната бригада како работен стаж.
“Јас на Македонија и посветив четири години. Тоа, според меѓународните спо­год­би, се пресметува дупло како работен стаж. Тоа за мене ќе биде мо­рал­на сатисфакција. Јас од Македонија немам ништо, освен златникот со ликот на Гоце кој ми го подари Борис Трајковски. Во Бугарија имам 22 го­ди­ни работен стаж, и кога ќе се додадат тие години од Македонија, тоа не е малку, ќе ми се зголеми пензијата”, вели Катерина.
Ко­га таа, на покана на Борис Трајковски, беше во Македонија на прос­ла­ва­та на 100-годишнината од Илинденското востание, добила ветување од тогашниот прет­се­да­тел дека во иднина секој месец ќе добива извесен паричен на­до­мест, а ќе добие и бенефиции од државата како учесник во НОВ и како сек­ре­тар на Методија Андонов – Ченто, првиот претседател на АСНОМ.
Во 2009, на одбележувањето на 65-годишнината од ослободувањето од фашизмот, Катерина е прогласена за почесен жител на Делчево, градот кој од 1950 го носи името на чичко и.

Ру­жи­ца Фотиновска, Вест 2011

Leave a Reply