Friday, 20 October 3037

Конфедерација на гангстери

Полицијата уапси многу официјални лица, а бугарските власти го конфискуваа имотот на ВМРО

Диктаторската воена влада на Кимон Георгиев го смени сосема амбиентот за дејствувањето на ВМРО на Иван (Ванчо) Михајлов не само во Пиринска Македонија, туку и за нивните воени излети во Југославија. Новите власти ги презедоа сите мерки да го отстранат ВМРО од политичката сцена – ја забранија организацијата и го конфискуваа нејзиниот имот. Ванчо Михајлов беше прогонуван од властите, врските на организацијата во врвовите на власта во Софија ги снема. За поистакнатите членови на ВМРО од опкружувањето на Михајлов беше организирана потера. Михајлов се криеше во шумите на Пирин се’ додека не пребегна во Турција.

Дописникот на „Њујорк тајмс“ заминува во Пиринска Македонија за да ја види ситуацијата кога ВМРО е ставена надвор од законот. Според она што го забележува, на сите им олеснало од таквата одлука. Тој пишува дека гневното население, исцрпено од даноците што им ги наметнувало ВМРО (покрај оние на бугарската држава) и убиствата на кои им немало крај, било подготвено да го линчува Ванчо Михајлов ако се појавел. ВМРО, всушност, почнува да го губи контактот со пиринските Македонци и со огромната македонска емиграција во Софија.

26 август 1934

Бугарска Македонија сега е посреќна отколку што беше во последниве неколку години, бидејќи владини сили ја ослободија од тероризмот на Внатрешната македонска револуционерна организација, која се изроди од многу дисциплинирана сила која се стреми за слобода на Македонците во конфедерација на гангстери.

Досега бугарските власти и’ дозволуваа на организацијата да ги извршува македонските работи на сопствен начин, правејќи се дека таа има голема поддршка кај народот што каков било обид да се задуши резултатот би бил граѓанска војна.

Меѓутоа, во текот на последниве 18 месеци, разни настани толку ги зајакнаа противниците на организацијата што дури и последната влада почна да прифаќа помалку сервилен однос кон тоа; и владата која дојде на власт со државниот удар на 19 мај, како главна точка во својот манифест има „возобновување на јавните овластувања низ Бугарија“.

Ова беше направено со конфискување на оружје и имот на организацијата, апсење на сите лидери кои би можеле да бидат фатени и интернирање на повеќе од 300 функционери во разни градови во потесниот регион на Бугарија.

Меѓу гранитните гребени на Пирин Планина, покрај безбројните планински езерца, во боровите шуми на планинските падини и во градовите во долините, овој дописник разговараше со овчари, рибари, земјоделци, дуќанџии и „интелектуалци“ и беше запрепастен од тоа што го откри – дека оваа поранешна романтична организација ја загуби целата симпатија кај народот што порано ја уживаше. Ми беше кажано дека нејзиниот лидер, Иван Михајлов би бил линчуван ако сега се појави во планините и ако владата не интервенираше возможно е дека населението би се побунило.

Организацијата наметнува годишен данок за секое лице и секоја овца, коза или поголемо животно во Македонија – покрај даноците што ги плаќаат жителите на државата како бугарски поданици. Секој бизнис во сопственост на Македонец, каде било во Бугарија, треба да плати од 10 до 15 отсто од својот профит или на локалните собирачи на данок на организацијата или на „легалниот“ одбор на емигранти во Софија. Немакедонците, особено Евреите, честопати беа уценувани или принудувани да плаќаат значителни „придонеси“.

Секој работник треба да добие дозвола и да и’ плати на организацијата процент од својата плата за привилегијата да работи, а тој треба бесплатно да се огласи на секое побарување на неговата работна сила. Секое семејство мора да се претплати на дневните весници на организацијата; опозициските весници се исклучени. Секој сноп од пченка се оданочува со 3 лева, иако бруто-вредноста на сноповите не надминува 10. Се охрабрува одгледување афион од страна на организацијата, која поседува фабрика за производство на лекови и сиот род од афион, тутун, житарки и овошје сериозно се оданочува.

Пред две недели војската во Банско го фати Динко Василев, поранешен гувернер на местото од редовите на организацијата. Василев, кога бил истепан, обелоденил убиство на 13 лица во последниве неколку години и кажал каде биле закопани осуммина од нив. Меѓу нив имало и едно момче киднапирано пред една година и држено во заложништво за да се добие откуп за него. Таткото го платил откупот, но момчето сепак било убиено за да се спречи да сведочи против нив.

Кога членови на организацијата бараат пари, тие одат кај човекот и му наредуваат да го плати бараниот износ. Ако тој тоа не го сторел тоа бил „носен на патување во планините“. Набрзо потоа тој се враќа дома, го продава својот имот за која било цена што би можел да ја добие и ја плаќа бараната сума. Ако комитите во планините сакале овци меѓусебно си помагале. На најнискиот официјален претставник на организацијата му биле плаќани 3.000 лева месечно, што е повеќе од она што повеќето бугарски службеници го добиваат, а лидерите добиваат 50.000 лева – повеќе од двојно од платата на министер во владата.

Властите обелоденија заплена на имот на организацијата во вредност од 400 милиони левови (околу 4,1 милиони долари), готовина во износ од 47 милиони лева, 10.938 пушки, 701.388 парчиња муниција, 7.767 рачни гранати, 637 револвери, 47 митралези, 18 автоматски пушки и 3 пеколни машини.

Конфискацијата продолжува и властите донесоа одлука за петгодишна затворска казна и големи парични казни за секое лице кое ќе крие имот во сопственост на организацијата.

17 Јуни 1934

Македонците се гонат од бугарски сили

Софија, 16 јуни – Само што не се случил последниот чин во драмата на македонската револуционерна организација, каде што владините акции против Македонците изгледа се ближат кон крајот. Големи воени и жандармериски сили ја прочешлуваат дивите, со борови и со снег покриени венци на Пирин Планина во јужниот дел на Бугарија, гонејќи ги оние револуционери кои се’ уште се кријат во големите шуми на оваа област.

Неколку македонски локални официјални лица веќе доброволно им се предадоа на властите. Беа пријавени неколку случаи на очаен отпор од страна на Македонците против владините сили кои ги опкружуваат, додека некои извршија самоубиства наместо да дозволат да бидат заробени или затворени.

Се наведува дека македонскиот лидер Иван Михајлов е опколен во дивините на Пирин Планина и за неколку дена се очекува да биде уапсен.